Литванија, Латвија и Естонија ги отворија меѓусебните граници на полноќ, со што се создаде првиот „патнички меур“ во европските земји во обид да започне економијата која потклекна како резултат на пандемијата на коронавирус.

Граѓаните од овие три балтички земји ќе можат слободно да се движат во регионот, додека од патниците од трети земји ќе се бара самоизолација од 14 дена.

„Балтичкиот меур за патници е можност да се отворат бизнисите и зрак на надеж за луѓето дека ќе се врати животот во нормала“, рече литванскиот премиер Саулус Скелис.

Одлуката на балтичките земји дојде во време кога Европската комисија се обидува да ги убеди 27-те членки на ЕУ да ги отворат своите внатрешни граници.

Ниту една од балтичките земји немаше повеќе од седум нови случаи во средата, а помалку од 150 луѓе починаа од корона вирусот во целиот регион, пренесува Ројтерс.

„Балтичките земји се блиски партнери со слична епидемиолошка ситуација и нивните економии се добро интегрирани, така што слободното движење на луѓе и стоки е многу важно за регионот“, рече Арнолдас Пранкевичиус, претставник на ЕК во Литванија.

Ограничувањата за патувања се олеснети помеѓу Финска и Естонија, како и помеѓу Полска и Литванија, но само од деловни или образовни причини. А.Р.