Шесткратниот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон, денес изјави дека е во самоизолација повеќе од една недела откако бил во контакт со луѓе кои подоцна биле позитивни на корона вирусот.

На 4 март Хамилтон присуствувал на добротворна аукција во Лондон, на која присуствувале актерот Идрис Елба и Софи Грегоар Трудо, сопругата на премиерот на Канада Џастин Трудо, за кои подоцна беше потврдено дека се позитивни на новиот вирус.

Возачот на Мерцедес во пораката на социјалните медиуми изјави дека нема симптоми, но се изолирал од другите луѓе на 13 март, откако беше откажана трката за Големата награда на Австралија.

„Разговарав со мојот лекар и двапати проверив дали треба да се тестирам. Но, вистината е, има ограничен број на тестови и има луѓе на кои им требаат повеќе од мене “, рече Хамилтон. А.Р.