За помош од државата на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот КОВИД-19 за исплата на платите за месеците април и мај 2020 година, во УЈП заклучно со крајниот рок, 07 мај, преку системот е-даноци поднесени се вкупно 23.861 барање за финансиска поддршка од 21.542 компании. Барањата ќе се обработат и потврдат во рок од три дена и ќе се достават до Генералниот секретаријат на Владата од каде ќе се врши исплатата, соопшти директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, на денешната прес-конференција.

Од поднесените барања најмногу има од угостителската дејност – 2.377, туристички агенции (организатори на патувања-туроператори) – 253, транспорт – 2.177, објекти за сместување – 258, останати дејности – 16.625.

Сите работодавачи, со комплетно барање по обработка на МПИН-образецот ќе бидат информирани за вкупниот износ на финансиска поддршка која ќе им биде исплатена.

За финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност (трговец-поединец, лице кое врши земјоделска, занаетчиска дејност и лице кое врши услуги, кое остварува доход од вршење на дејност и е запишано во соодветен регистар) се поднесени 5.840 барања.

За одложување на плаќање на месечните аконтации по основ на данок на личен доход и данок на добивка поднесени се вкупно 816 барања, а прифатени се 597 барања.

Лукаревска потсеети и дека со донесувањето на Уредбата со законска сила за примена на Законот за даночната постапка се намалува процентот на каматата за задоцнето плаќање од 0,03% на 0,015%, а УЈП нема да објавува листа на должници на доспеани и неплатени долгови за месеците април, мај и јуни 2020 година.

Рокот за изјаснување за донирање на повратот од „МојДДВ“ заврши на 5-ти мај , а вкупно 8.700 корисници на апликацијата одговориле потврдно на опцијата за донирање, а 35.219 корисници одговориле дека сакаат да им биде исплатен повратот од скенирањето на сметките, во целост. Износот на донација изнесува 9.529.917 денари. Овој износ ќе се донира во фондот за справување со КОВИД-19. А.Р.