Ослободување на бремените жени и лицата над 60 години од работа и реогранизација на работното време за работниците кои работат на отворено од 10 до 16 часот, со повремени паузи по половина час во топли простории на секои два часа, препорачува Комисијата за превенција од штетни ефекти од студени бранови при Министерството за здравство.

Македонија денеска е во портокалова фаза поради студениот бран. Комисијата апелира да се избегнува физичка активност на отворено, а при движење да се внимава на лизгави површини и носење на топла повеќеслојна облека, соодветни обувки за снег и мраз, почеста консумација на топли напитоци и редовно земање на терапија кај хронично болните лица.

Метеоролозите соопштуваат дека утрово ќе биде многу студено, речиси насекаде температурата ќе се спушти под -10, а на некои места и под -15 степени, за утре најавуваат дожд, а викендот значително затоплување и нагло топење на снежната покривка.