Славниот Холивуд го добива својот македонски одговор, Глувовуд, скопското село Глуво. Имено, над прекрасниот селски рид веќе ќе ги забележите истите букви како оние на „светиот рид“ над Лос Анџелес. Глувовуд!

Приказната почнува откако еден мошне активен жител на ова место Јовица Кукуковски Кукун, одеднаш добил ваква идеја.

-Пред неколку години, кога го градевме манастирот Свети Атанасил Велики, идејата сама ми светна. Манастирот почнавме да го градиме во 2014 година, над темели од седумдесеттите години од минатиот век. Од таму, како на дланка пред вас е распослано Глуво, со панорама како од најубавите разгледници.. Тој период некако сосема случајно, или не, сама ми се роди идејата, раскажува идејниот творец Кукуновски.

Ридот, најгоре на самиот раб сега е украсен со бетонските букви ГЛУВОВУД, долги 50 метри, поставени неодамна, а направени од Јовица и неколку посветени жители. Ноќе се осветлени и прават еден магичен изглед.

Она што му дава особен белег, како некој божествен знак, е дабот отстрана, кој ги краси овие букви, стар над петсто години, , нем сведок на времето кое минало.

-Дабот е свет, барем така раскажуваа постарите генерации. Некогаш се верувало дека ако скршиш макар едно најмало гранче, макар лист, веднаш потоа ќе ти заврши животот, додава Кукуновски.

Можеби токму тоа и го одржало овој бајковит даб од острата рака на луѓето. Еден уште помистериозен и помистичен дел од дабовата приказна е што-тој нема срце, гром го удрило и изгорел. Останал само трупот на дрвото, празен и со дупка во внатрешноста , а со „живи“ симетрично и прекрасно оформените гранки. Уникатен природен украс, на  Глумово.

Местото е државно,  го добиле од градоначалникот (веќе во трет мандат), Јован Пејковски,  кој ни рече дека сесрдно ја поддржал идејата, барем во оној дел во кој тој можел да помогне. Имаат и свое знаме, направено неодамна во Дубаи, а деновиве ќе се рамни патот кој ќе оди најгоре до ридот, до буквите.

-Ако се прашувате зошто го правиме сето ова, ќе ви ја откријам и подлабоката заднина. Ние сме од село, или според место положбата посоодветно би било предградие или приградска скопска населба Глуво. Овде живеат околу 300 жители, младите се претежно отселени, како и во секое друго македонско место. Но,горди сме што сме од ова село.Со оваа идеја им пркосиме на снобизмот кај младите девојки и момци, тие на фејсбук гордо ќе се чекираат на пример во модерниот комплекс етно село, а се срамат да кажат дека и самите се од село. Чуму тоа? Затоа, еве сега се обидуваме на  поимот „село“ да  му дадеме поинаков сјај, и поинаква димензија, па никој и никоја да не смее повеќе да се срами од своето селско потекло, смета Кукун.

Тој се што постигнал досега, постигнал сам со своите другари и соселани Сашо Јанкуловски, Јовица Рајчевски, Ивица Томашевски, Горан Јанкуловски, Ѕвонко Живковски, Драги Биртуш, Дамјан Кукуновски, Гоце Живковски, и со донации. За манастирот собрале 150.000 евра. Вели е упорен, не се срами да побара ни од бизнисмени ни од граѓани, па и преку фејсбук.

-Има доста соселани кои работат и живеат во Скандинавските змеји, по некој и во Австралија. И тие донираат, и жителите кои се во селото, а некои со работна рака. Ние сме десеттина кои активно работиме, со наши залагања. Сами го изградивме и игралиштето за младите, и манастирот , а сега собираме пари за жичница со која туристите ќе ги носиме до горе.Таму наскоро, пред буквите, ќе направиме и една бина, на која ќе се одржуваат забавни манифестации, ни го открива планот.

Дека жителите од оваа место пулсираат  како едно, чудно хармонично, а и отсекогаш имале некој свој стил на заеднички живот, говори и  химната од авторот Сашо Јанкуловски, што наскоро и ќе ја снимаат. Во неа си пееле за нивните дружби, баханалии,чалами, бељи,  а сега се допишани и стихови за славното Глувовуд.

Глувовуд и манастирот Свети Атанасиј Велики се едно до друго, на ридот. Засега Кукун и пријателите бесплатно ги носат сите добронамерници и туристи горе, да ја видат и доживеат оваа природна убавина, да вдишат чист воздух. Во дворот на манастирот има клупи за седнување, а и метлано-дрвена платформа каде за празник и оро се вие. Има бунар (без вода), како место во кое се фрла паричка, се врти еден  круг околу него и се замислува желба.

-Убеден сум дека на оние кои имаат силна верба во Бога, желбата што си ја замислиле ќе им се оствари. Впрочем, и портитете од манастирот ги направивме со отворени лакови, како асоцијација дека е тука отворено за сите кои сакаат да најдат мир и спокој. Овде во воздухот се чувствува силен мир и спокој, многу тајни од минатото, за што говори и пронајдената гробница од римско доба, веднаш спрости манастирот, објаснува домаќинот.

Таму, на 15 мај се слави летен Свети Атанасиј, а на 31 јануари, зимски. Во селото, пак, селска слава им  е Свети Никола.

Глуво ќе заживее целосно, налето ќе се одржуваат настапи на диџеи, музички ѕвезди, играорни друштва. Филмот „Лена“ се снимаше во селото, а според „имењакот“ Холивуд, во иднина посакуваат и во Глувовуд да се снимаат филмови, да се вклучат камерите и да се запалат рефлекторите за снимање на ова необично, оригинално, ексклузивно и атрактивно во секој поглед, македонско место.

Химна на Глувовуд

(автор- Сашо Јанкуловски)

Мие Глувовудчани цигарике не пушимо

а кд ги пушимо и трафике рушимо.

Мие Глувовудчани по женски не идемо

а кд ќе идемо без стра ќе и придемо.

Мие Глувовудчани арпаџик не садимо

од вилу и мотику млого бре се гадимо.

Мие Глувовудчани  филмови ќе снимамо

а за тају потребу Глувовуд га имамо.