Изминатите три ноќи повторно не се дише од енормна загаденост во Скопје, а загаденоста на воздухот е екстремна и во Битола, Куманово, Велес и Кавадарци. Според мерните станици највисоко концентрација на ПМ10 честички е регистрирана синоќа во Аеродром 854 микрограми на метар кубен, а ситуацијата не е ништо подобра во Лисиче –  577, и Ректорат 532 микрограми на метар кубен. Најмалку загадено беше во Центар, иако со три пати повеќе ПМ 10 честички од дозволените 50 микрограми на метар кубен.

Покрај Скопје, од загаденоста на воздухот која беше неколку пати над границата одвај се дише и во Битола, Куманово, Велес и Кавадарци, но и сите останати мерни станици покажаа концентрација на ПМ10 честички над дозволеното ниво.

Министерството за животна средина до надлежните веќе испрати известување дека од утре на сила се владините итни мерки против загадувањето откако во текот на два последователни дена концентрацијата на ПМ-10 честички надмина 200 микрограми на кубен метар воздух, на најмалку две мерни места.

Уредбата за намалување на граничните вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанци која беше донесена на 42 седница на Владата предвидува Министерството за животна средина и Министерството за здравство во услови на такво загадување да ги ослободат од работа бремените жени, лицата над 60 години, лицата со хронична астма прележан инфаркт или мозочен удар без разлика на возраста, а исто така работното време на лицата кои работат на отворено да биде меѓу 11 и 17 часот.

Владата ги задолжи органите на државната управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатија и АД во државна сопстрвеност, како и општините да ја намалат употребата на службените возила до 50 проценти.

Zagaden vozduh vo Skopje

Дел од предвидените мерки се и секојдневно чистење на улиците и тротоарите, зголемени инспекциски контроли на градилиштата и кај ракувачите со отпадни масла и сервисите кои работат со промена на овие масла, како и обука во автошколите во одреден временски период, од 9.30 до 14.30 часот, како и по 18 часот.

На општините им се налага да направат намалување на цената на билетот за градски превоз во периодот на големо загадување и да обезбедат бесплатен јавен превоз, а ЈСП Скопје ќе треба да воведе зголемена фрекфенција на автобусите.

Во градот Скопје дотур на стока ќе може да се врши само до 7.30 часот наутро, а камионите чија дестинација не е Скопје не ќе смее да влегуваат во градот, туку ќе мора да ја користат обиколницата. На градежните компании им се наложува да користат вода за намалување на прашината, односно прскање, миење на гумите на камионите пред градилиштата, а градежните машини да ги пренесат до градилиштата до 7:30 часот наутро.

Државниот инспекторат за животна средина да изврши ограничување на емисиите од Б-интегрираните дозволи и помалите стопански капацитети и да вршат зачестена контрола на инсталации кои поседуваат А-интегрирана дозвола. Потоа да спроведе мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух со акредитирана лабораторија со цел да се утврди дали се применуват пропишаните услови во дозволата по однос на емисиите во воздухот, а истите ќе добијат препорака да го намалат производоството на 50 проценти. Министерството за внатрешни работи треба да ја активира и да ја спроведе одлуката и контролата на веќе воведениот сообраќаен режим за тешки товарни возила чија крајна дестинација не е Скопје, односно да ја користат обиколницата.

Владата разгледува можност за интервентна набавка на лична опрема за заштита од загадениот воздух, маски со филтри, како и прочистувачи за воздух за училишта, здравствени установи и градинки. Итните мерки ќе значат и забрана за спортски натпревари и други манифестации на отворено, а ќе мора да се обезбедат услови за зголемена работа на службите за итна помош, за домашна посета и патронажната служба.