Долгометражниот игран филм “Улиште“по сценарио и во режија на Блерта Башоли, копродукција меѓу Косово, Швајцарија, Северна Македонија и Албанија, со уште девет филмови од целиот свет, е селектиран во Главната интернационална натпреварувачка програма на 38. Филмски Фестивал “Санденс“ (Парк Сити, Јута, САД). Овој фестивал, основан од страна на реномираниот актер Роберт Редфорд и во организација на “Санденс” институтот, е најголемиот фестивал на независен филм во светски рамки. 38. издание на филмскиот фестивал “Санденс“ ќе се одржи од 28 јануари до 03 февруари 2021 година.

По краткометражниот игран филм „Види ја ти неа“ во режија на Горан Столевски, кој ја доби наградата „Најдобар интернационален краток игран филм“ во 2017 година, ова е втор филм со кој „Црна Мачка Продукција“ се преставува на филмскиот фестивал „Санденс“.

„Улиште“(Hive), се базира на вистинска приказна, претставувајќи го ликот на жената Фахрије, чиј сопруг исчезнува во војната во Косово. Додека трага по него, одлучува да започне мал земјоделски бизнис со цел да обезбеди егзистенција за своето семејство. Но за жал, во традиционалното и патријархално опкружување, нејзината амбиција за еманципација не е прифатена. Нејзиниот бизнис започнува да се развива, додека пчелите во нејзината кошница (улиште), се чини дека се хаотични и агресивни кон неа. Во своите обиди да најде мир со пчелите, Фахрије наоѓа мир со самата себеси.

Главната улога ја толкува Јилка Гаши, а меѓу актерите кои играат во филмот се: Чун Лајчи, Кумрије Хоџа, Аурита Агуши, Адријана Матоши, Астри Кабаши, и од Македонија – Адем Карага, Зарије Јонузи Челику и Шќелќим Ислами.

Блерта Башоли е млада режисерка родена во Косово. Дипломирала на Универзитетот во Њујорк, на отсекот за Филм и ТВ. Има режирано неколку кратки филмови за кои е и наградувана, а “Улиште“ е нејзиното дебитантско долгометражно остварување.

Кинематографер е Алекс Блум, монтажата е на Едис Сарачи и Феликс Сандри, сценограф е Влатко Чачоровски, костимографијата е на Хана Зеќа и Фјорела Мирдита, а шминката е на Фиона Абдулаху. Продуценти на филмот се Јил Ука, Валон Бајгора, Агон Ука, а копродуценти Брита Ринделауб, Кристијан Буровски, Томи Салковски, Паскал Семини.

“Улиште“ е копродукција меѓу Косово, Швајцарија, Северна Македонија и Албанија, поддржана од Косовскиот кинематографски центар, Федерална канцеларија за култура ФОЦ и Синефором (Швајцарија), Агенцијата за филм на Северна Македонија и Националниот центар за кинематографија на Албанија, во продукција на Филм Индастри и Иконе Студио со Алва Филм Продукција, Црна Мачка Продукција, Албаскај, Швајцарската национална телевизија, а Левел К ги има правата за продажба на филмот. А.Р.