На 12 јули во Античкиот театар во Охрид, свечено ќе биде отворено годинашното „Охридско лето“ со настапот на оркестарот на Македонската филхармонија, под диригентската палка на маестро Николае Молдовеану од Романија. Како солисти ќе се претстават извонредната певица, сопранот Елена Мошуц и тенорот Калин Братеску од Романија, со изведба на арии од опери на Пучини, Гуно, Маскањи, Белини, Верди… Настапот на „Охридско лето“ всушност, ќе биде последниот концерт на Македонската филхармонија во сезоната што измина.

Новата концертна сезона 2018/2019 пак, ќе стартува на 27 септември под името „Ново утро“, кога под палката на маестро Јерухам Шаровски од Израел, ќе настапи фантастичниот француски пијанист Лука Дебарг, лауреат на престижниот натпревар „Чајковски“, еден од најбараните пијанисти на класичната музичка сцена. Дебарг ќе го изведе виртуозниот Концерт за пијано и оркестар бр. 2 од Сергеј Прокофјев, а оваа вечер, ќе биде изведена и славната Фантастична симфонија од Хектор Берлиоз.

Директорот на Македонската филхармонија, Виктор Илиески, на денешната прес-конференција ја најави целосната програма за новата сезона, која може да се погледне и на официјалната веб-страница на Македонската филхармонија – www.filharmonija.mk.

„Со голема радост го најавуваме свеченото отворање на новата сезона, и со огромно задоволство најавуваме дека целосната програма за следната концертна сезона 2018/2019 е завршена“, рече Илиески. „И во новата музичка година ветуваме врвни, извонредни солисти и диригенти од светската музичка сцена, најавуваме интересна, атрактивна, комплексна и премиерна програма, најавуваме настани кои ќе бидат незаборавни. Со оглед на имињата кои што ќе ги донесеме на нашата сцена, се надевам на поголемо интересирање од страна на публиката.“

Од останатите концерти во новата концертна сезона 2018/2019, Илиески го издвои веќе следниот концерт по отворањето, кој ќе се одржи на 12 октомври под наслов „Хармонија мунди“, а кога под диригентската палка на маестро Емил Табаков ќе биде изведено грандиозното дело „Планети“ од Холст, дело кое кај нас ќе доживее и специјална визуелизација која, рече Илиески, „се надеваме ќе биде атрактивна за публиката. Ја издвојувам и изведбата на Бетовеновата Деветта со маестро Густав Кун од Австрија и фантастични солисти и хор, како еден од грандиозните проекти, потоа настанот ‘Музика на платно’ кој ќе донесе филмска проекција со музичка изведба во живо од страна на оркестарот, што е уште еден импресивен настан, потоа концертот посветен на рускиот гениј Дмитриј Шостакович со славниот виолончелист Даниел Милер Шот, кој веќе гостуваше во Скопје и направи незаборавен концерт.“

Илиески ги најави и настапите на магичниот руски виолинист Вадим Репин, на врвниот тромбонист Џозеф Алези, концертот на атрактивното и виртуозно дуо кларинети Гурфинкел кои ќе настапат на Гала-новогодишниот концерт, настан за кој, како што рече, публиката веќе е заинтересирана за купување на билети. Инаку, дуото Гурфинкел ќе настапат и како солисти на турнејата во Кина. Потоа, го најави настапот на интересната Луси Хорш на барокна флејта, концертот на големиот руски пијанист, еден од најдобрите денес, Борис Березовски, кој во иста вечер ќе изведе два концерти за пијано од Шостакович и Прокофјев, и кој ќе одржи и еден камерен концерт, како и концертот на уште еден врвен руски пијанист, Андреј Гугнин, со Концерт за пијано од Лист.

На сцената, рече Илиески, ќе застанат уште тројца извонредни виолинисти – Бенџамин Шмид од Австрија, Сојанг Ју од Кореја и Баиба Скриде од Латвија, а најави и уште еден интересен проект со настап на контратенор, како и уште еден грандиозен проект со изведба на Вердиевиот Реквием. Нема да изостанат и традиционалните концерти на Македонската филхармонија, настапот на манифестацијата „Денови на македонска музика“, концертите „Звукот на идната генерација“ и „Младите доаѓаат“ посветени на младите музички уметници, концертот во Градскиот парк „Филхармонија на отворено“, како и концертот по повод Денот на вљубените.

Се разбира, и оваа година, додаде Илиески, покрај делата од класичната литература и современи, премиерни дела, програмата ќе биде збогатена со композиции од македонски автори, а на подиумот со Македонската филхармонија ќе застанат и фантастични македонски солисти, меѓу нив и Ѓорѓи Цинциевски на контрабас, Нина Костова- Јаневска на пијано, Милан Силјанов како вокален солист, како и нашите диригенти Борјан Цанев, Сашо Татарчевски, а првпат со Филхармонија ќе диригира Виктор Митревски, кој доаѓа од школата од Виена. Ќе бидат изведени и македонски дела од автори како Сони Петровски, Владимир Николов, Љубомир Бранѓолица…

„Покрај комплексната редовна програма, со голема радост сакам да најавам и дека оваа година, по навистина долго време, Македонската филхармонија ќе оствари три мошне значајни турнеи. Првата е во Казахстан со Камерниот оркестар на Македонската филхармонија по повод државниот празник 8 Септември, а можно е со наш концерт да биде отворен Конзулатот во Алмати. Веќе ја најавивме големата турнеја низ Кина, кога оркестарот на Македонската филхармонија во неколку градови ќе одржи 7 концерти, а ќе се случува во декември и јануари, како и турнејата во Шпанија која што ќе се одржи на 30 октомври и 1 октомври, во Сарагоса и Хуеска. На сите турнеи ќе се претставиме со интересна програма, и ќе дадеме се од себе да се покажеме во најдобро светло“, истакна Илиески.

Се разбира, покрај главната програма, односно концертите кои што ќе се одржуваат во големата сала, меѓу нив и детските концерти, Македонската филхармонија најави и интересни настани кои ќе се случуваат во малата, камерна сала, а која, рече Илиески, се повеќе добива на значење во македонскиот музички културен амбиент.

Со новата програма, Македонската филхармонија ќе ја стартува сезоната и со нова маркетиншка кампања, и со нов слоган „Високи вибрации“.

Македонската филхармонија, за редовните посетители на концертите, ќе овозможи блок билети во кои ќе бидат вклучени сите концерти, по цена од 9.000 денари, а кои ќе можат да се набават до 20 септември. Исто така, Македонската филхармонија новата концертна сезона ќе ја стартува со кампањата „Без мобилни“, која, рече Илиески, треба да ја зголеми свеста кај посетителите да не ги користат своите мобилни телефони за време на музичките настани.