Македонскиот филм „Преекспонирано“ на Елеонора Венинова ќе се натпреварува во официјалната главна селекција на фестивалот КинЕст фест 2023 кој ќе се одржи во Катанија, Италија.

Ова е трето издание на фестивалот кој е фокусиран на кинематографијата на Источна и Централна Европа, а ќе трае од 5 април до 30 мај. Фестивалот освен филмски премиери одржува и многубројни специјални настани, работилници, настапи во живо, ретроспективи и мастеркласови посветени токму на кинематографијата од нашиот регион.

Премиерата на „Преекспонирано“ на овој фестивал ќе се одржи на 7 и 8 мај, а режисерката Елеонора Венинова ќе одржи и работилница.

Светската премиера на филмот „Преекспонирано“ се случи на А фестивал во официјална конкуренција на Меѓународниот филмски фестивал во Каиро, кој се одржа од 13 до 22 ноември, минатата година. Азиската премиера, пак, се одржа на Меѓународниот филмски фестивал во Пуне, Индија од 2 до 9 февруари оваа година. Во тек се интензивни подготовки и за премиера пред домашната публика.

Улогите ги толкуваат: Камка Тоциновски, Благој Веселинов, Сара Климоска, Марјан Наумов Кинематографер: Лев Предан Коварски, музика: Линдзи Рајт, сценографија Срѓан Митровиќ, сценарио: Елеонора Венинов, монтажер: Гоце Кралевски, костими: Жаклина Крстевска, монтажер за звук: Дарко Спасовски, режија Елеонора Венинова, продуцент Гоце Кралевски (ДНФ ФИЛМС), ко-продуцент Мирјана Томиќ (ЛИЛИТ-Србија). Филмот е поддржан од Агенција за Филм, Српски Филмски Центар и Еуримаж.