Тамара Котевска и Марија Апчевска пред Народно позориште

Сунчица Уневска

Главната награда на 27. Филмски фестивал во Сараево (13 до 20 август) му припадна на германско-австрискиот филм „Конечна слобода“ на Себастиан Меисе, кој ја доби и наградата за главната машка улога на Георг Фридрих. Интересно е дека приказната за еден хомосексуалец кој ќе се најде во затвор, во иста ќелија со осуденик за убиство, во многу потсетува на филмот на Хектор Бабенко од 1985 година „Бакнежот на жената пајак“, кога затворската ќелија ја делат Вилијам Харт и Раул Џулија, само што овде се работи за политички затвореник. И таму, како и тука, близината си го прави своето, па од одбивност и неприфаќање работите со текот на времето ќе отидат во сосем друг правец. Не би ги споредувале, бидејќи филмот на Бабенко не случајно стана култен филм, во кој Харт и Џулија даваат незаборавни улоги, но темата и приказната кои зборуваат за слобода и за човечки права, иако се поместени по Втората светска војна, сепак, се чини денеска се уште поактуелни.

„Срцето на Сараево“ го доби германско-австрискиот филм „Конечна слобода“

Како и да е, „Конечна слобода“ го понесе својот триумф, а режисерот Меисе се заблагодари и рече дека нивна цел е да прават филмови од срце и ова е голема чест. „Срцето на Сараево“ за најдобра режија го освои Милица Томовиќ за српскиот филм „Келти“, сместен во военото време на почетокот на 1990-тите во Белград, додека наградата за најдобра женска улога ја поделија трите актерки од косовскиот филм „Ридот на кој рикаат лавиците“, кој на свој начин се осврнува на правата на жените и нивната борба за независност.

Наградата за женска улога ја освоија трите девојки од Косово, што играат во „Ридот на кој рикаат лавиците“

Наградата за најдобар документарен филм повторно отиде во Србија за филмот „Пејзажи на отпорот“ на Марта Попивода, кој ја следи приказната за првата партизанка Соња, низ нејзината револуционерна младост, но и сеќавањето за Аушвиц, каде што била меѓу водачите на отпорот. Во програмата на кратки филмови, каде што Македонија годинава имаше два филма, „Северен пол“ на Марија Апчевска и „Соло режим“ на Тамара Котевска, наградите отидоа во Хрватска и во Косово, за најдобар филм беше прогласен „Сè што доаѓа“ на Мате Угрин, а специјално признание доби „Раселени“ на Самир Карахода.

Но, она што е најважно, е дека младите македонски авторки, поради кои веќе слободно може да се зборува за нова генерација, беа претставени одлично, носејќи веќе одреден бекграунд зад себе. Тамара Котевска со „Медена земја“, кој го потпишуваат заедно со Љубо Стефанов, направија огромен успех насекаде во светот, а на Македонија за првпат и донесоа и две номинации за „Оскар“. Интересно е дека „Медена земја“, после грантот од Швајцарија, голема поддршка доби во 2017 година на Сараевскиот фестивал, на „Синелинк“, кога од страна на турска телевизија им беше доделен најголем грант дотогаш во висина од 30.000 евра.

Марија Апчевска со својот филм „Северен пол“ веќе нè одведе за првпат во официјална конкуренција на престижниот Кански фестивал, а претходно со „Бардо“ беше во програмата „Генерација плус“ во Берлин. Додека, Сандра Ѓоргиева овој пат беше во индустрискиот дел, во програмата „Pack & Pitch“, каде што меѓу пет проекти во развој беше избран и нејзиниот нов краток филм „Еден тон сладолед“. На Ѓоргиева и беше доделен грант од студиото „Chelia“ за постпродукција, во висина од 4.000 евра. Но, да потсетиме дека Ѓоргиева ѝ е веќе позната на сараевската публика, каде што пред неколку години беше во официјалната програма на документарни филмови со нејзиниот филм за студентскиот дом „Гоце Делчев“, насловен „Зелени ѕидови, црна храна“. Како што веќе пишувавме, Сараево ги поддржува младите таленти и ја следи нивната работа, што е исклучително важно за регионот, а уште поважно е дека меѓу нив има и сè повеќе македонски автори.

Македонската режисерка Сандра Ѓоргиева доби поддршка за постпродукција на филмот „Еден тон сладолед“

Оваа година во Сараево во натпреварувачката програма доминираа жените, а исто така фестивалот ја воведе и новата награда за рамноправност. Според оценката на многумина, можеа да се видат многу квалитетни филмови и голем број гости од регионот, но она што изненадува е огромното внимание и простор што фестивалот им го даде на телевизиските серии. Навистина, сериите се во огромна експанзија, како што зборуваа сите гости, сега најмногу и работат во серии, бидејќи повеќе се снимаат серии од филмови. Па, сепак, иако Сараево воведе и награда за најдобра серија, некако се чини дека беше премногу, за што на крајот беше свесен и директорот Мирсад Пуриватра, кој нагласи дека иако се снимаа помалку филмови, се работи за квалитетни дела и за појава, генерално, на една нова генерација. Свесни за моментната состојба, и за тоа дека сега сите работат на сериите, тие направија и претпремиери на некои серии кои допрва наесен треба да излезат, на што публиката одлично реагираше. Сепак, нагласувајќи на крајот, дека Сараево е пред сè филмски фестивал и останува посветен на филмот.

Екипата на филмот „Тома“, кој го затвори фестивалот

Необично е дека иако целиот фестивал се одржуваше со намален капацитет поради строгите мерки, сепак, публика имаше, а имаше и над илјада гости. И оваа година Сараево успеа да донесе големи ѕвезди, за што Пуриватра беше особено задоволен, бидејќи самите гости сакале да дојдат и да го поддржат фестивалот. Тука беа Вим Вендерс, минатогодишниот добитник Мишел Франко, а атракција беше и доаѓањето на фронтменот на U2, Боно Вокс. Фестивалот се затвори со српскиот филм „Тома“ посветен на животот на Тома Здравковиќ, чија режија ја потпишува Драган Бјелогрлиќ, а обработката на музичките теми Жељко Јоксимовиќ. Последниот ден беше во знакот на овој филм и прес-конференцијата на екипата на „Тома“, за што Бјелогрлиќ зборуваше многу емотивно, велејќи дека тоа е нешто што сме го живееле, а сега се смета за време на епоха. Тој нагласи дека токму крајот на Тома Здравковиќ некако го симболизира и заминувањето на Југославија.

Актерката Љиљана Благоевиќ доби огромен аплауз во Сараево, каде што пристигна како дел од две тв серии

Интересен соговорник беше и Љиљана Благоевиќ, која во Сараево доби огромен аплауз. Неа ја паметиме по многу филмови, а најмногу по огромниот успех од 1981 „Се сеќаваш ли на Доли Бел“. Благоевиќ беше дојдена во Сараево со две серии, „Клун“ и „Црна свадба“, а инаку познато е и дека работи како педагог и предава на Факултетот за современа уметност во Белград. Таа следниот месец ќе ја добие наградата „Павле Вуисиќ“ за нејзиниот придонес кон филмот и беше интересно да се слушне, дека како подеднакво важни ги смета улогите кои ги играла, но и оние кои ги одбила. Како што вели, не треба да се работи сè, туку она што сметате дека ви припаѓа и дека во таа улога можете навистина да се пронајдете.

Како некој кој се бави и со продукција, зборуваше за тоа колку денеска сите бараат комерцијала, од што тие се обидуваат да се дистанцираат, нагласуваше колку е погрешно што денеска сите режисери мислат дека можат да пишуваат и сценарија, а особено за тоа дека денеска е кризно време и дека се негира квалитетот, дека не се почитува знаењето, ниту се обрнува внимание на важноста на едукацијата итн, итн. Имено, токму затоа се важни фестивалите, и мора да се каже дека, и покрај сè, Сараево се обидува да го негува и да го задржи тоа што треба. Улиците беа преполни, забави имаше многу, во текот на тие интензивни осум дена се врати животот во Сараево, и уште повеќе затоа се чини квалитетните дела и разговори се многу поважни, бидејќи ако ги акцентирате и ако им посветите внимание, сепак, публиката тоа знае да го препознае и да го вреднува. А тоа е особено важно, посебно денеска во овој наплив на шунд и неквалитет.