Летна музичка фантазија  со саксофон, кларинет и пијано приредија вчеравечер извонредните македонски уметници Стојан Димов, Дино Имери и Нинослав Димов со нивниот настап на „Охридско лето“.

Тројцата врвни уметници кои имаат впечатливи интернационални солистички кариери, како трио одлично се вклопија во амбиентот на црквата „Света Софија“ и на публиката ѝ подарија прекрасно музичко патување со специјално одбран репертоар.

-Бидејќи фестивалот се одржува во летен период, решивме да направиме програма што ќе биде поприфатлива за поширок круг луѓе, слушлива, певлива и не е нешто што бара претходно знаење и внесеност во класичната музика. Со еден збор, програма што задоволува поголем број на вкусови. Имаме светски автори, во еден дел се запазени посериозните класични автори како Феликс Менделсон, потоа од импесионистот Клод Дебиси свиревме една многу позната композиција која е практично оркестрација, „Попладнето на еден Фаун“, а доминираа  и автори од поновото време како Дјук Елингтон, Бела Ковач, Жан Матитиа…За самиот крај го оставивме најдоброто, композиција што за нас специјално ја направи Дино Имери, вели уметникот Стојан Димов кој кој на фестивалскиот подиум свиреше на кларинет и саксофон.

Извонредниот пијанист Дино Имери имаше солистички настап на фестивалот „Охридско лето“ во 2012 година, потоа концертираше заедно со виолинистот Климент Тодороски, а беше дел и од класата на професорот Борис Романов  чиј завршен концерт се одржуваше токму на фестивалот во Охрид. Соработката со неговите колеги, како што вели, е дотолку инспиративна, што компонирал и дело за триото насловено како „Сентиментална хабанера“ кое беше изведено синоќа како еден од бисевите заедно со  „Поздрави од Балкан“ на унгарскиот композитор Бела Ковач.

-Композицијата „Сентиментална хабанера“ е  специјално напишана со посвета на професорите Стојан  Димов и Нинослав Димов, мои драги колеги со кои веќе неколку години имаме одлична соработка, а за мене и многу инспиративна, дотолку инспиративна што нѐ изостанува оној композиторски момент. Самите тие, индиректно без никакви разговори, исклучиво преку нивната уметност и со своето свирење придонесоа некако сосема спонтано на пробите за концерти да настане таа „Сентиментална хабанера“ којашто на мое големо задоволство им се допадна многу, вели Имери.

И за саксофонистот Нинослав Димов, голем е предизвикот да се музицира во камерен состав, зашто, како што вели, уметниците се надополнуваат едни со други.

-Едно е солистичкото свирење, друго е камерниот состав. Кога се свири соло, посветен си на својата партија којашто со клавирот повторно е дел од  камерна музика, но не си оптоварен со тоа како свири другиот уметник и дали добро вежбал. Едноставно клавирот се труди сето тоа да го испрати, иако не е пратење во висинска смисла зашто на сцената се двајца уметници. Камерното музицирање за мене отсекогаш е предизвик бидејќи треба да се надополниме еден со друг, да се слушаме едни со други, и многу добро да го познаваме туѓиот штим, туѓата музика и тоа е она што го прави задоволството поголемо, смета Нинослав Димов.

Фестивалот „Охридско лето“ вечерва на љубителите на уметноста им ја нуди театарска претстава „Кој ја уби Џенис Џоплин“? во изведба на Српскиот народен театар од Нови Сад, а  музичката програма продолжува утре, со целовечерен концерт на рускиот виолончелист Кирил Родин и бугарската пијанистка Жени Захариева.