Младите во Македонија лесно се одлучуваат да  користат седативи, а и лесно „дигаат чаша“. Последното истражување на Институтот за јавно здравје покажува дека граѓаните на возраст од 15 до 34 години активно пушат 40,2 отсто од граѓаните, 76 отсто консумирале алкохол, 14 отсто во текот на последниот месец користеле седативи, околу 60 отсто барем еднаш земале седатив во текот на последниот месец, а околу 15 отсто земале канабис.

Според д-р Силвана Ончева од ИЈЗ, која ги презентираше резултатите од истражувањето, „Употреба на паихоактивни супстанции меѓу општата популација во Република Македонија“, дрога најчесто земаат лица на возраст од 17 до 27 години, со исклучок на кокаинот кој го земаат лица над 30 години. Во однос на користење на новите психоактивни супстанци, д-р Ончева вели дека многу малку се застапени кај популацијата, односно само еден процент.

Што се однсува до пушачите, истражувањето покажува дека на возраст од 15 до 64 години активно пушат 46 отсто од граѓаните, 65 отсто консумирале алкохол, 24 отсто во текот на последниот месец користеле седативи, а околу 40 отсто барем еднаш земале седатив во текот на последниот месец. Во текот на животот околу девет отсто имаат земено каква било илегална дрога, а најчесто е застапена марихуаната со 8,2 отсто.

Доктор Ончева потенцира дека Македонија е пушачка нација, а дека во однос на алкохолот сме на исто ново како и другите држави, додека марихуаната е најчесто користена дрога…Резултатите покажале дека мажите користат повеќе супстанции за разлика од жените, кои пак, повеќе користат седативи.

Директорот на Институтот за јавно здравје на Република Македонија, Шабан Мемети потврди дека дел од илегалните дроги се дистрибуираат и во Македонија. Употребата на илегалните дроги е околу два проценти, но, според него, загрижува фактот што таа има тренд на пораст и е поврзана со возраста. Појасни дека околу пет проценти од децата на возраст од 15 и 16 години се изјасниле дека пробале барем еднаш до два пати марихуана.

Според Мемети недостигаат податоци за вкупниот број на возрасни лица кои користат психоактивни супстанци на национално ниво.

Државниот секретар во Министерството за здравство, Владимир Милошев, потенцира дека почетна основа за спроведување на овој проект е фактот дека употребата и злоупотребата на дрогите е сериозен здравствен и социјален проблем во Република Македонија, што бара сериозен пристап. Тој посочи дека деталната анализа на постојните документи во врска со оваа проблематика покажала дека има мал број податоци на национално ниво за опсегот на употреба на одделни видови психоактивни супстанци кај возрасното население што било и основен мотив да се реализира ваков тип истражување.