Леополдо Луке, неврологот на Диего Армандо Марадона изјави дека легендарниот аргентински фудбалер се чувствува добро и дека дури и танцувал по операцијата на мозокот во вторникот, пренесува агенцијата Анадолија (AA).

Марадона беше примен во болницата во понеделникот вечерта и беше опериран следниот ден откако му беше дијагностицирано крварење во мозокот.

„Како прво, би сакал да кажам дека Диего е добро. И томографијата која му беше направена помина добро. Дури и танцуваше. Да, тој танцуваше “, изјави за медиумите Леополдо Луке, неврологот кој го следеше здравјето на Марадона со години и кој го оперираше.

Сепак, 60-годишниот поранешен врвен фудбалер, а потоа и тренер, ќе остане во болница уште неколку дена.

„Забележавме епизоди на конфузија и заедно со колегите во одделот за интензивна нега ги поврзавме со сликата на апстиненција. Значи, сметаме дека тој треба да остане тука, тоа е најдобро за Диего и тој го знае тоа. Треба да бидеме претпазливи затоа што сè уште сме во постоперативниот период. Јасно е дека нема невролошки компликации. Постојат и други параметри кои чекаме да ги процениме, бидејќи сè уште е многу рано, но закрепнувањето засега е одлично “, нагласи Луке. А.Р.