Осумнаесеттото издание на Филмскиот фестивал во Маракеш, Мароко, кој ќе се одржи од 29 ноември до 7 декември, ќе се отвори со американскиот трилер „Извлечете ги ножевите“. Овој фестивал, што лани успеа да привлече 110-илјадна публика, прави своевидна атракција на фестивалот со холивудскиот филм на Рајан Џонсон, кој си поигрува со детективскиот жанр, односно со еден вид алузија на оние мистериозни филмови со убиства, кога навидум сите се виновни. Главните улоги во филмот ги играат: Џејми Ли Кертис, Крис Еванс, Тони Колет, но и актуелниот Џемс Бонд, Даниел Крег, а дејствието се одвива околу истрагата за убиството на патријархот на едно богато, но ексцентрично и доста контроверзно семејство.

Фестивалот во Мароко, кој е востановен во 2001 година од страна на кралот Мохамед VI, на своето издание со кое ја слави полнолетноста носи навистина исклучителни имиња од светот на филмот. Главната почест оваа година е резервирана за американскиот актер, продуцент и режисер, Роберт Редфорд, познат и како основач на еден од најголемите и најзначајни фестивали на независен филм, „Санденс“. Освен доаѓањето на Роберт Редфорд, она што е исто така куриозитет годинава, е дека претседателка на жирито е една од најособените актерки на денешнината, Тилда Свинтон, чие претседавање ветува еден сосем поинаков поглед на филмот. Далеку од холивудскиот, но за тоа се погрижија и организаторите, кои нудат многу интересна програма.
Во текот на осум дена фестивалот нуди 98 филма од 34 земји распоредени во десет програми. Официјалната конкуренција е составена од 14 филма, и тоа, како што е често на фестивалите ширум светот, први и втори филмови на младите автори, со цел за откривање и промовирање нови таленти. Како што истакнуваат организаторите, станува збор за филмови кои истражуваат нови територии и имаат оригинален приод кон филмската креација. Она што за нив е особено важно, е тоа дека филмовите доаѓаат од сите континенти и дека фестивалот во Маракеш „го обновува дијалогот, поттикнува разновидност и гради мостови помеѓу различните култури и земји, станувајќи многу значаен настан во светот на кинематографијата, раскрсница на која се собира домашната и меѓународната филмска фела“.
Така, во годинешната главна програма три филма доаѓаат од Европа, и тоа: Италија, Велика Британија и Србија, два филма се од Латинска Америка, од Бразил и од Колумбија, додека три филма се од Азија, Кина, Индија и Јужна Кореја. Од земјата домаќин, Мароко, има само еден филм, односно од Блискиот Исток и Африка вкупно во компетиција се четири филма. Имено, покрај Мароко, селектирани се и филмови од: Тунис, Саудиска Арабија и Сенегал, а по еден филм доаѓаат и од САД и од Австралија.
Ќе спомнеме само неколку, кои се во трка за главните награди на фестивалот. За бразилскиот „Треска“ на Маја Дарин, веќе пишувавме, бидејќи овој филм го освои „Сребрениот Александар“ на тукушто завршениот фестивал во Солун. Инаку, и филмот кој доаѓа од Саудиска Арабија, „Последна посета“ на Абдулмохсен Алдхабан, е исто семејна драма, како и претходниот. „Мозаичниот портрет“ од Кина се осврнува на прашањето на силувањето малолетничка, додека српскиот „Мамонга“ на Стефан Малешевиќ, кој е направен во копродукција со Босна и Херцеговина и Црна Гора, раскажува една необична приказна која на неговите протагонисти во една ноќ ќе им ги смени животите. А тунискиот „Тламес“, исто така, играше во Солун, само во програмата „Запознај ги соседите“, каде ја доби главната награда, а се работи за филм кој гравитира меѓу реалното и нереалното и носи доста митолошки елементи.
Во рамките на Гала програмата, публиката во Мароко ќе може да го види и новиот филм на Ноа Баумбах, „Брачна приказна“, кој го отвори фестивалот во Солун. Инаку, овој филм беше прикажан со голем успех во Венеција, а во него главните улоги ги играат: Скарлет Јохансон, Лора Дерн и Реј Лиота. Своја гала премиера во Мароко ќе има и новиот филм на Мартин Скорсезе, „Ирецот“, во кој повторно се спојува со Роберт де Ниро, а во кој играат и: Ал Пачино, Харви Кајтел и Џое Пеши. Мартин Скорсезе и Роберт де Ниро беа лани на фестивалот во Маракеш, каде што Де Ниро ја доби почесната награда. А во пространството на пустината совршено ќе „легне“ и новиот филм на Елија Сулејман, „Ова мора да е рај“, кој, од една страна, е доволно апсурден и откачен во портретирањето на современото општество, но од друга страна, зборува за она чувство кога каде и да отидете ќе го препознаете истото пространство на сопствената душа. Еден исклучителен филм.
Она што е карактеристично за фестивалот во Мароко е токму програмата „11-ти континент“, која вклучува и играни и документарни дела, но со цел откривање на нови територии и нови простори на филмскиот израз. Меѓу нив ќе ги издвоиме алжирскиот „Абу Леила“, кој на шокантен начин зборува за граѓанската војна во Алжир и за нејзините последици, потоа филмот на канадскиот автор „Антологија на градот на духовите“, една извонредна вивисекција на луѓето во еден мал изолиран град, а тука е и филмот од Берлин, од програмата „Форум“ со наслов „Мајко, јас страдам, ова е мојот последен филм за тебе“, посветен на Лесото. Оваа година организаторите ја најавија и Панорамата на мароканскиот филм, составена само од 4 многу различни филмови, но и враќањето на програмата „Разговор со…“.
Маракеш е единствен фестивал кој ја има програмата „Аудио-дискрајбед“, посветена на слепите, Маракеш го има и своето отворено кино на неговиот легендарен марокански сквер (каде што годинава во чест на Роберт Редфорд ќе биде прикажан „Буч Касиди и Санденс Кид“), а карактеристично е и дека особено е посветен на младите. Лани за време на фестивалот беа поканети 35.000 студенти заедно со нивните професори од тој регион, да ги гледаат филмовите. Некои од нив, како што беше нагласено, за првпат беа в кино. Тоа е таа мисија на фестивалот, во која спаѓа, како што вели принцот Мулај Рашид, светското патување со посебен акцент на настанувањето на африканските кина, но и работилниците чија цел е поддршката на креативните настојувања на филмските професионалци од Блискиот Исток и од Африка.