Познатиот уметник, автор, изведувач и инструменталист Благој Маротов, чиј спонтан и ненаметлив, но крајно професионален стил на работа, е одамна препознаен и високо вреднуван кај публиката  деновиве е актуелен со нова верзија на неговата слушана композиција “Не е љубов тоа”, во негово музичко и  аранжманско обликување, и продукција, а на текст на Георги Барбаровски.
Нешто пред тоа, Маротов почна да снима еден интересен циклус на обработки на македонски изворни песни, под наслов “Класика М” , а новонастанатата ситуација ја искористи креативно, да го доосмисли и почне да го реализира,  во своето  студио.
-“Класика-М” е мое “музичко милениче”, работено со најголемо внимание и посветеност во секој тон, и стих, а станува збор за познати песни. Овој пат тие се во поинаква аранжманска  изведба, помодерен стил, со понагласен звук и како поприсутен мотив преку бас гитара, фретлес (за музички упатените, тоа е бас гитара без прагови,што ги разделува полиња), кој, како инструмент бара поголемо внимание и познавање при изведбата. Секако, посебно внимавав во поставување на привлечен изведувачки манир, вокалната интерпретација, одредувајќи го стилот на обработката на истата, ни открива Маротов.
Првата обработка што ја направи е на  “Садила Јана”, стара македонска песна, испеана од Никола Бадев, која ја сними карантински, со едно скромно домашно видео. Втората обработка е на “Давај ме мила мамо”, текстот со мала измена од оригиналот, адаптиран во машка верзија, за која што истотака сними и видео запис, во рамките на она што го дозволуваа приликите.
И, секако споменатата “Не е љубов”.
Благој Маротов студиозно се подготвуваше за  настап на реномираниот “Сплитски фестивал” , сега идејата останува за некои подобри времиња. Сепак, нашиот познат музичар наскоро планира и едно мошне пријатно изненадување за хрватската публика, во знак на благодарност за прекрасната прифатеност изминативе години, каде со неговата музичко-брачна другарка Јуле, одржуваа турнеи и имаа средби и заеднички музички моменти и настапи со најпознатите хрватски пејачи, од редот на легендата Оливер Драгојевик, Петар Грашо и други .
В.Ѓ.-Парго