Еден од младите Битолчани, на кои се гордее Битола и Македонија, несомнено е и Мартин Николовски, нашиот македонски студент во Анкара. Како почна Вашата студиска приказна?

-Приказната започна уште пред речиси четири години кога случајно пребарувајќи на интернет туристички понуди за да го посетам Истанбул, наидов на еден конкурс од Турската радио и телевизија ТРТ на македонски јазик за пишување на есеј на тема: „Истанбул – град на два континенти”. Меѓутоа, последен рок за испраќање на есејот беше токму тој ден кога го видов конкурсот. Зедов најбрзо што можев напишав есеј за кој добив помош и од писателката Сања М. Видановска и истиот ден го испратив. По четири месеци (во момент кога заборавив дека сум пратил воопшто есеј на конкурсот) добивам меил во кого што пишуваше дека сум победник и единствен од Македонија и освоив бесплатно патување во Анкара и Истанбул. Прв пат тогаш ја посетив Турција и прв град беше Анкара. Уште од тогаш знаев дека еден ден ќе живеам во Анкара. Меѓутоа, не помина долго време и еве по неколку години денеска сум во Анкара каде што студирам новинарство. За тоа како се одлучив да студирам во Турција, желбата беше посилна од мене. Еден мој другар од Битола кој студира во Истанбул ми кажа дека Турција има програма за доделување на стипендии за странци. Аплицирав, и во конкуренција од над 110.000 апликанти од целиот свет успеав да добијам стипендија и да студирам на еден од најдобрите универзитети, тоа е Гази универзитетот што е и на Шангајската листа на најдобри универзитети во светот.

За еден млад студент, добри ли се условите за студирање во Анкара. Се адаптиравте лесно, се вклопивте во Вашата генерација таму?

26648492_10156010578209264_2090724084_n-На почетокот нормално дека беше тешко. Дојдов сам без никого да познавам, во студентски дом и во град од шест милиони жители. Но, само неколку месеци ми требаа да се навикнам во оваа средина. Всушност, Турците се многу слични во нашиот менталитет, додека пак културата и храната ни се идентични. Стекнав голем број на пријателства, а исто така добивам голема поддршка од турците и секогаш ми помагаат. Една година го изучував турскиот јазик, сега веќе сум втора година тука и следам нормална настава на факултет.

Како изгледа Анкара, видени низ очите на еден студент, кој во паузата од учење наоѓа време да прошета и да го запознае градот? Како се живее за викенд?

-Анкара е еден модерен град, во кој што нема што нема. Можам слободно да кажам дека е еден од највеќе изградените градови во Турција кои има и тоа како добри патишта, но и сообраќајно добро е поврзан со воз, метроа, автобуси, жичари. Покрај тоа Анкара е студентски град каде што студираат повеќе од милион студенти од цела Турција и странство. Како главен град, Анкара претставува политички центар па така често кога ме прашуваат пријателите од Македонија дали сум видел некој од познатите глумци од турските серии, им одговарам дека во Анкара можеш да видеш познати политичари како премиерот, претседателот, пратеници и сл. Анкара исто така е град на најубавите паркови, трговските центри, музеите. Кога сум во Анкара се осеќам како да сум во Битола.

Кој е најфасцинантниот момент кој би го издвоиле од Вашето студирање во Анкара?

-Па во овие две години сум имал доста интересни и за мене значајни моменти. Па така моите колеги се радуваат кога ќе им објават вест во студентскиот весник, а јас се израдував кога правев интервју за МИА во Претседателската палата со советникот на Ердоган, Сабри Демири, потоа кога имам можност да го видам претседателот Ердоган, кога положив Ц1 за високо познавање на турски јазик, но и други за мене значајни работи кои секогаш ќе ги паметам.

Студиите по новинарство не ги одбравте случајно. Уште од тинејџерски години станавте познато лице во Битола, преку новинарската работа во Тв Тера. Го исполнува ли телевизијата тинејџерскиот сон, да се биде „популарен“?

-Уште од мал ја сакав телевизијата и секогаш ме интересирало што се крие зад камерите односно како се подготвува телевизиската програма, вести, емисии и сл. Целиот тој процес од секогаш ме интересирало како изгледа. За среќа имав можност на 13 години да застанам на водителското столче во емисијата „Детски Парламент” што се емитуваше на ТЕРА телевизија. Влегов толку навивно, што буквално се заљубив во тој телевизиски свет. Работата во телевизија сама те прави популарен бидејќи работиш пред широк аудиториум и всушност немаш приватност затоа што работата е јавна. Имав среќа што влегов во достс гледана телевизија, па така често после завршувањето на емисијата ми се јавуваа, честитаа итн. Кога бев излезен ме среќаваа ме прашуваа како оди цел процес, што ќе има во наредната епизода, кои лица ќе гостуваат. Околу три години во ТЕРА работев на различни ТВ проекти. Подоцна бев скоро година и половина дел од локален сајт, а пред заминувањето во Турција три месеци работев како спикер на вести во ТВ Канал Визија во Прилеп. Мислам дека вистинското образование ми беше токму работата во медиумите, а она денеска што го изучувам на факултет претставува само теоретска настава.

Вашата пасија, да прошетате на разни места и да запознавате луѓе, некако се вклопува и во професијата што ја избирате-новинарството. Но, во вас се препознава и млад амбасадор во функција на нашата земја, често сте и на официјални и корисни приеми, како да вршите и неофицијална амбасадорска мисија во Анкара.

26551770_10156010578204264_1501090921_n-Неофицијално сум амбасадор на Македонија во Анкара ха, ха. Се шегувам, па видете секогаш кога имам можност користам да ја испромовирам Македонија и Битола. Турците особено ја сакаат Македонија и поради тоа секогаш вратите ми се отворени. Досега сум имал средби со Министерот за труд и социјална политика, Генералниот директор на ТРТ, Генералниот директор за студентските домови во Турција, двајца советници на претседателот Ердоган, како и средби со пратеници од владеачката и опозициската партија, а последно присуствував на конференција на која говореше претседателот Ердоган. Моментално е во процес збратимување на две општини од Македонија со две турски општини кои го водам јас, како и збратимување на едно основно и едно средно училиште од Битола со училишта од Турција.

Битола знае многу од некогашниот начин на живеење и култура на Турција, со оглед на нивното присуство на овие простоти. Проучувате ли за минатото на Битола, за животот во турскиот период?

-Имам доста истражувано, но откако дојдов тука во Турција видов колку е важна Битола како град за турците. Буквално нема човек што не знае тука за Битола, односно Манастир градот каде што учел воена академија таткото на модерна Турција – Мустафа Ќемал Ататурк. Можеби токму тоа фактот што Ататурк учел во Битола и што денеска има спомен соба во Заводот и музеј, Битола претставува број еден туристичка дестинација за посета на турците. Во Битола има голем број на објекти кои се остатоци од османлискиот период, џамии, покриена чаршија Безистен која наликува на популарната Капали чаршија во Истанбул, потоа амами, чешми, зандани, џепане, Офицерскиот дом, сокаци и слично. Во времето на османлискиот период Битола била најважен трговски и економски центар на Источна Румелија, па поради тоа ја посетил и Султанот Мехмед V Решад, познатиот патеписец Евлија Челеби. Во повеќе наврати Битола била дом на турските продуценти и сценаристи кои што снимиле филмови и серии токму во овој град.

Што мислите за денешна модерна Турција?

– Модерна Турција е навистина модерна во секоја смисла на зборот. Колку години и требаат на Македонија само за да ја стигни Турција во се она што го има направено, тоа и јас неможам да го одговорам. Пред се сообраќајната инфраструктура која е на високо ниво и е многу подобра дури од некои држави што се во ЕУ, технолошката и техничка развиеност, постојано се гради, надградува, реставрира. Во Турција се произведуваат роботи, а сега е најавено за оваа година и производство на домашен турски автомобил. Едноставно Турција може да се споредува со светските сили.

Ова лето добивте понуда и за студирање во Шпанија, која исто така Вие омилена земја. Каде се гледате себеси во иднина, Анкара, Битола или имате и некоја друга идеја?

-Да точно, добив стипендија да студирам на еден универзитет во Шпанија, меѓутоа понудата ја одбив затоа што веќе сум во процес на студии во Турција. Искрено каде се гледам во иднина не можам да одговорам, секогаш оставам работите сами да си се наредат како што треба да биде и никогаш не жалам за било која донесена одлука затоа што во тој момент така сум сметал дека требало да биде. Доколку излезе можност за вработување би останал во Анкара бидејќи после Битола, Анкара веќе е мојот втор дом, но во секој случај секогаш знам дека имам место во мојата родна земја.

Крводаритеството е еден од позитивните одлики кои ве карактеризираат…

– Со крводарување започнав веднаш штом наполнив 18 години и досега имам дарувано крв 7 пати. Сакам да помагам, особено да спасам живот со скапоцената течност наречен крв. Исто така додека бев претседател на младинските организации во средно и основно училиште секогаш организирав хуманитарни акции и настани, помагав каде што можев и секогаш ќе помагам затоа што тоа ме исполнува.

Автор сте на книгата „Моето јас”. Oпишете ни во кратки црти за што се работи?

26648335_10156010578189264_1019203687_n-„Моето јас” е мојата прва и единствена издадена книга која што ја издадов кога имав 14 години. Станува збор за збирка на раскази кои што ги пишував подолг временски период. Од секогаш сум сакал да пишувам па поради тоа и се решив да ја издадам оваа книга. Всушност имав голема поддршка и мотивација од писателката Сања Мучкајева Видановска која многу ми помогна и благодарение на неа и ја издадов. Во книгата односно раските пишував за мојот личен живот, но има и измислени раскази. Инаку сакам да кажам дека се уште пишувам за себе, а можеби еден ден повторно ќе се одлучам да издадам книга. Сум учествувал на повеќе конкурси за раскази и како позначајни награди што сум ги добил се награда од Турската радио и телевизија (ТРТ), потоа прва награда за Животот и делото на Васил Иљоски од здружението на граѓани „Академик“ од Крушево, награди од фондацијата „Такец од Битола“ и други училишни плакети.

Би било убаво да дознаеме која е Вашата омилена турска пејачка, актерка, актер, турски писател, цитат, елемент од нивната богата традиција?

– Ќе бидам искрен и ќе кажам дека многу не слушам турска музика ниту пак следам турски серии. Меѓутоа како едни од омилените од пејачите би ги издвоил Таркан и Мануш Баба, а додека пак од актерките Мерием Узерли или позната како Хурем султан од серијатата Величенствениот. Како еден од моите омилени турски писатели би можел да го издвојам Решат Нури Ѓунтекин.

Каква порака ќе им испратите на младите, оние кои се Ваши врсници?

-На моите врсници, но и на сите читатели на Вашиот медиум би им порачал секогаш да ги следат своите соништа, да бидат упорни и да не се откажуваат затоа што секогаш упорноста победува. Исто така младите да не го користат времето залудно пиејќи кафе, туку да бидат активни членови во општествената заедница, да се вклучат во бројните активности кои ги нудат здруженијата на граѓани, затоа што на тој начин ќе ја изградат сопствената личност, ќе ги продлабочат своите знаења, но и ќе се насочат кон остварување на целта која сакаат да ја постигнат.