Стручната комисија за избор на национален претставник за меѓународната книжевна награда „Балканика 2019“ , во состав проф. д-р Елизабета Шелева, претседател, проф. д-р Ермис Лафазановски, член, и проф. д-р Лидија Капушевска Дракулевска, член, за национален претставник едногласно ја избра книгата „Маџун“ од реномираниот македонски писател Влада Урошевиќ.

На својата последна седница, одржана во септември 2019 година жири комисијата во потесен избор ги избра следните три дела: „Не одам никаде“ од Румена Бужаровска, „Утеха на голите“ од Давор Стојановски и „Маџун“ од Влада Урошевиќ.

На конкурсот за избор на национален претставник за меѓународната награда „Балканика 2019“, годинава до организаторот, издавачката куќа „Магор“, пристигнаа следните 12 книги:

1. Петар Стојановски – „Странец под алпите“

2. Ване Костуранов – „Ѕвездено дете“

3. Кристина Димовска – „Светлината на Сатурната“

4. Јана Мишо – „Скоро парижанка или Како да ги преживееш своите доцни   дваесетти… во Париз“

5. Владимир Плавевски – „Динга стоп: скопски приказни од Ново маало“

6. Влада Урошевиќ – „Маџун“

7. Владо Јаневски – „Под друга капа“

8. Владимир Плавевски – „Краста на душата“

9. Румена Бужаровска – „Не одам никаде“

10. Михајло Свидерски – „Последните денови на Ханс“

11. Давор Стојановски – „Утеха на голите“

12. Ненад Јолдески – „Пливање спротиводно“

Во образложението на стручната комисија за делото на Урошевиќ се вели: „Станува збор за кохерентно остварување, кое се издвојува по мајсторството на приказната и раскажувањето, своевидна автофикција, чиј фокус е сосредоточен врз наративот на одраснувањето, во пресрет на драматичните настани на војната.

Романот Маџун од Влада Урошевиќ е структуриран во три дела: „Рајот на детството“, „Сјајот на детството“ и „Крајот на детството“. Самата тријадна градба на делото, во насловите на одделните поглавја го открива како доминантен хронотопот на детството, што, небаре Аријаднина нишка, се провлекува низ лавиринтот на оваа повеќеслојна и комплексна проза. Романот Маџун не е само роман за детството, туку е и роман на атмосфера и роман со исклучително урбан сензибилитет и роман-сложувалка во духот на постмодернистичката парадигма.

Иако, лоциран во препознатливото урбано миље и секојдневие на Скопје, приказната, во своето обликување и благодарение на самата реторика на обраќањето, отскокнува како универзален наратив за возбудливото откривање на светот, но и фасцинираност од неговата скриена (втора, подземна, хтонска, или, просто, чудесна) димензија. Зачудното кодно име Абраксас се провејува низ целиот роман, како симбол или метафора токму на таа двојност и загадочност, од која истовремено се плашиме и по која воедно копнееме, заедно со нараторот.

Напуштањето на семејната куќа, под притисок на воена закана, од своја страна, е прикажано не толку анегдотално, колку ритуално – како вид (и онака неминовна) иницијација, вовед во процесот на одраснувањето, кое, меѓутоа, никако не може да се замисли, ниту оствари без драгоцената поддршка и „асистенција“, токму од притаените, забранетите, невидливите сили и суштества, кои ја населуваат куќата, а особено дворот, како микрокосмос на детето – истражувач. Навидум, борхесовски вдахновена, споредбата на градината со книга, всушност, произлегува и се темели на неговата лична страст по природословието, атласите на дедото библиофил, нескротливото љубопитството и прашалност.

Суптилните примеси на хумор и духовитост, проткаеноста на четивото со дузина автентични гастрономски рецепти – ја дополнуваат не само приемчивоста на ова дело, туку и самата магија на читањето, кое, денес, е исправено пред толку многу сопернички и љубоморни закани (во напливот и доминацијата на сликата).

Композициски, Маџун промовира една исклучителна култура на сеќавањето која ги проникнува историското и личното (индивидуално) време, големите и малите наративи, фактите и фикцијата…Авторот користи колажна техника во нелинеарната нарација, со што внесува особена драматичност во и онака драматичното дејствие – виорот на војната.

При тоа, како особено забележителна, освежувачка и ефективна раскажувачка постапка се издвојува детскиот поглед на светот, детето како фокализатор, детската визура, која од своја страна автентично придонесува за очудување на рационално уредената реалност.

Конечно, неколку од карактеристиките на оваа проза, како што се мајсторскиот опис, леснотијата на раскажување приказна, сликовитоста или алузивноста, како и веќе добро познатата иронија, несомнено го збогатуваат препознатливиот и софистициран раскажувачки стил на овој автор, односно, високиот степен на култура на јазикот и изразот, како белег на севкупната писателска дарба на Урошевиќ.“

Фондацијата Балканика е основана во 1996 година, од страна на релевантни издавачки куќи од 7 држави од Балканот: Македонија, Бугарија, Србија, Албанија, Грција, Турција и Романија. Седиштето на Балканика се наоѓа во Софија, Р. Бугарија, а претседател е писателот, и издавач Николај Стојанов. Во Балканика членуваат по една реномирана издавачка куќа од секоја од седумте држави-членки на фондацијата. Одржувањето на книжевната манифестација ротира кај секоја од државите членки. Значајно е да се истакне дека секој добитник на наградата се стекнува со голем публицитет и вон балканските држави, и неретко е значајна за пробивањето на авторот во меѓународни рамки, а со самото тоа и афирмацијата на книжевноста на државата од која доаѓа.

Досегашни добитници на наградата од Македонија се Венко Андоновски со „Папокот на светот“ и Александар Прокопиев со „Човечулец“.

Манифестацијата Балканика годинава ќе се одржи во Тирана, Албанија, на 26 и 27 октомври. Наградата ќе биде доделена од страна на меѓународно стручна комисија од седум члена, со по еден претставник од секоја до државите членки, а претседател на жирито е професорот Ендрју Вахтел од САД.