Валентина Ѓоргиевска Парго

Битола е град со голема театарска традиција и со еден актерски ансамбл кој многу одамна постигнувал гледаност многу резултати и успеси, традиција која сега ја пренесуваат и помладите актери. Како почна приказната на Огнен Дранговски?
-Ох, започна уште во средно училиште. Кога бев трета година средно, мојата професорка по англиски јазик ме повика за да учествувам во една претстава на англиски јазик  која се изведуваше тука во Битола. Влегов овде во театарот и останав. Го знаев добро англискиот јазик, тоа беше пресудно. Пред тоа немав некоја желба, не ни знаев многу за театарот, знаев за театарот според еден дел од претставите кои ги гледав. Дотогаш сакав да станам археолог, но тогаш еве, на тие мои 16 или 17 години се предомислив, некако со самото стапнување на сцена, со реакциите потоа, или модерно кажано со „фидбекот“ од публиката, со луѓето овде во театарот, сето тоа ме предизвика. Почнав да ги запознавам моите идни колеги, сета таа атмосфера ме маѓепса и останав доста долго, еве тука сум.
Завршив Факултет за драмски уметности во Скопје, а потоа Битолскиот стана мој матичен театар.
Во кои претстави досега публиката имаше можност да ве гледа?
– Во „Духот на слободата“, „Вишновата градина“, „Хамлет машина“, „Браќата Карамазови“, последната е „Коцкар“, во многу, многу претстави.  Сум изиграл многу шекспирови дела.  Доста е широк репертоарот на Битола, во однос на различни жанрови, различни автори. Овде, отсекогаш се внимава на репертоарот, да има барем неколку наслови од  класици, од Шекспир, од Чехов, од Достоевски и таканатаму.  И во сите тие големи наслови, најчесто сум имал улоги.
Би посочиле ли кој е ваш омилен  жанр и кој можеби е вашиот омилен драмски писател?
-Еве веќе ако зборуваме за омилен жанр, не можам да кажам дека имам омилен жанр, но најчесто сакам да играм во претстави каде што се менува жанров во самата претстава, каде што дијапазонот на актерско мајсторство би бил поголем, каде што може да играте и трагедија и комедија, каде што има брза трансформација, каде што се бара не онаа класична подготовка каде што од нула се почнува па се стигнува до крајот, туку каде што актерот е ставен во една положба, или подобро да кажам  втурнат да експериментира со себеси, да игра, да оди горе долу, каде што може да прави големи амплитуди. А инаку, ако се работи за автори, еве да кажеме дека тоа е Достоевски, Чехов, Шекспир се разбира, пред две години го работевме и Ерих Марија Ремарк, „Трите воени другари“, претстава што ја режираше Александар Баркман од Русија и навистина многу убава топла силна претстава. Има навистина такви примери на претстави во кои може да се менува жанрот, од убава комедија, преку љубовна драма, мелодрама , во трагедија и слично.
Она што ве обележа, е искуството со Глоуб арената во Лондон, едно грандиозно искуство за наш македонски актер, особено познавајќи и колку тие самите театри се и затворени за актери, особено од овие наши подрачја.
-Добро рековте – арена. Тоа навистина станува арена во еден момент кога ќе дојдат 1.600 луѓе  да ја изгледаат претставата тоа навистина станува арена, скоро за  360 степени околу вас има публика, тоа е речиси круг. Видете тие театри се затворени, да, но и не се. Еве да речеме за Глоуб во последно време е отворена за такви меѓународни актерски дружини. Така и почна мојата актерска приказна таму, ние гостувавме со Народен театар Битола на фестивалот „Глоуб ту глоуб“, игравме претстава од Шекспир, а потоа ме поканија да бидам дел од нивната интернационална меѓународна актерска дружина каде што 2011  работевме еден месец на разни текстови, Шекспир имаше претстава, две претстави каде што на некој начин беше подготовка за учество за следната година во нивниот фестивал. Играв во Шекспировиот „Венецијанскиот трговец“, јас го играв Шајлок. И се изведуваше на еден таков шекспировски англиски, кој е неквенционален, дури и денешните англичани имаат проблем да го разберат тој шекспировски јазик кој се зборувал во времето на Шекспир. Како староанглиски му доаѓа од крајот на 16 и почетокот на 17 век. Тој јазик плус е поетски има доста граматички форми кои денеска веќе не припаѓаат на истиот јазик, и  е огромно искуство. Бев благословен што играв таму.
Тоа е и сепак драгоцено искуство кое не може туку така лесно да се допре. Шекспир ви донел среќа. А и „Битола Шекспир фестивал“ уште во самиот наслов провоцира да се гледа, и да се очекува нешто квалитетно. Сте глумеле  на овој фестивал?
-Да да, да имам глумено. Минатата година глумев во „Плеј Шекспир“ тоа беше еден микс на се она што се направило во овој театар во врска со Шекспир, една компилација на повеќе сцени, игравме претстава поставена според сонетите на Шекспир. Сум играл на овој фестивал, но убавото на овој фестивал е што може да се видат многу убави странски престави кои доаѓаат од други култури, од други луѓе. Тоа  и е идејата на самиот фестивал, да се види како тие луѓе го „читаат“ Шекспир, и како ние ќе го читаме тој таканаречен „повишен текст“ од современо гледање.
Колку по еден  таков голем  исчекор, како Лондон, странска сцена е предизвик за вас или е надминато чувство?
-Не, не не не е надминато чувство, често ми го поставуваат истото прашање.
Дали сметате дека сте го постигнале својот зенит на некој начин и сега не е битно, што следува понатаму?
-Таман работа, не не никако. Ми го поставуваат тоа прашање често и навистина беше тоа големо достигнување и сега веќе почнувам да сум свесен дека било тоа поголемо достигнување затоа што после тоа гостување во Англија работев во Загреб и во Њујорк, па се вратив назад па работев на други проекти и така тие сите неколку години беа низ една виулица. Да не звучам нескромно, дури сега ги распознавам сопствените успеси. Животот е рингишпил, никогаш не можете да знаете каде ќе ве наведе патот. Се разбира сами треба да се потрудите за тие нешта, но, како да кажам, сега сум овде, којзнае каде ќе бидеме утре.
Ве привлекува филмот, како еден современ медиум?
-Да, тоа е светска работа. Снимав неколку кратки филмови, снимав за доста телевизии, минатата година снимав и со Вардар продукција од Скопје, исто така глумев и вотурска серија, и во „ Црвениот поет“ една серија која допрва треба да излезе. Сум учествувал и во неколку поголеми филмови со помали улоги, и неколку кратки филмови, и навистина кога ќе доснимам си велам – ова е светска работа.
Поинаква е енергијата што циркулира преку филм. Голем број актери станале актери благодарение на фасцинацијата од некој филмски лик, или театарски лим и тој им бил како водилка во она што следува понатаму, едно насочување. Бидејќи во вашиот случај немало карактер кој ве привлекол, туку било склоп на околности, сепак имате ли во себе некоја потајна поврзаност со некаков филмски лик или карактер или авторитет. Сакате ли да личите на некого од светската сцена или можеби од некој лик од  делата на класиците, некој карактер?
-Па видете, и има и нема. Навистина има многу карактери. Јас навистина не размислувам за карактерите кои сакам да ги играм. Навистина некогаш ќе ми дојде желба „е сакам овој да го изиграм“ или пак нешто сум сакал и по некоја година ќе се појави. Понекогаш сами ме наоѓаат работите, јас така некако ги подредувам, некако спонтано ми се случуваат сите тие нешта. Не знам колку е таа правилна филозофија во животот, но ете така бидува со мене.  Гледам многу филмови и навистина гледам многу карактери, репликите ги знам на памет или од претстави. Навистина немам некој карактер кој би бил водилка. Не би сакал да се ограничувам  само на типизирани улоги. Многу сакам да истражувам да можам да бидам различен секогаш, колку што е можно. Ако одиме само на одредена форма, тука напредок.
Добро пеете? Би можеле да ве видиме во мјузикл?
-Да, добро пеам. Па ете, би можело. Инаку играм во претстави каде што свирам, пеам, свирам гитара и пеам.
Има еден феномен, порано на младите актери или актерки кога почнуваа, зборувам генерално, им беше чест кога глумеа во претстава со некој бард или некој повозрасен актер, па дури и кога пиеја кафе или муабетеа во бифето. Меѓутоа сега се забележува една обратна поставеност на работие, честопати младите актери ќе речат „ајде сега нивното време поминало, ние треба да сме главни, ние треба да ја завладееме сцената преку ноќ и готово“.
-Не, не не е правилен тој начин на размислување. Навистина секој треба да си го има своето место и своја застапеност на сцената, а да отфрлам некого, не, никогаш. Напртив обожавам да играм со повозрасните колеги, како на пример со Чоре (Благој Чоревски), со Јоана (Поповска). во „Коцкар“ со Јоана сме партнери,  во претстава од три часа ние час и и пол сме партнери, така што, тоа е драгоцено. Она што тоа  го стекнале тие во Животот, нивната мудрост која им се познава на лицата, тоа никој не може да го замени. Но, постојат моменти кога малдите се чувствуваат недоволно вклучени во нештата и реагираат. И со во право, треба повеќе да бидат вклучени, Но, безобразен однос кон повозрасните, тоа не оправдувам.
Уште еден стереотип е кога велат дека актерот мора да се убав за да привлекува, да биде впечатлив, и уште на улица да го препознаваат- е она момче сигурно е актер. Се согласувате дека актерот треба да има визуелни и естетски надворешни вредности, и секако  талентот надоврзан на тоа?
-Тоа е релативна работа, тоа што  мене  ми е убаво на некого му е грдо и обратно. Актерот треба да поседува некоја посебност, би рекол јас. Нема одредени параметри дека тоа и тоа е убаво. Што е тоа убаво, дека треба да биде висок, русокос, со сини очи, или русокоса и таканатаму. Секогаш треба да има посебност во себе си, која можеби не е физички изглед. За секого има место, има ролји,  а понекогаш тоа се дијаметрално спротивни ликови. Убавината- можеби  тоа е една  типизација. а порано велеа- „убав како глумец“, ха ха
Што глумите во моментов и што во иднина? 
-Па добро во моментов последна премиера ми беше „Коцкар“ на  Дејан Пројковски, играм во претставата „бар-Ремакрк“ од Ремарк, во „Крвави свадби“ на Лорка, а сега почнавме со подготовка на нова преставата „Ноева Македонија“ е насловена, со режисерот гостин од Србија, Кокан Младеновиќ.

Немате ниедна комедија во моментов на репероарот?
-Претстава „Бар Ремарк“ од Ремарк има комични елементи, но класичка комедија нема, а  би сакал да играм и во комедија.
Фото: Стефан Ѓоргиевски