Разговараше: Валентина Ѓоргиевска Парго

 Граѓанското здружение ЖАР ПРЕСПА последниве години е еден голем културен предизвик на градот Ресен. Дотолку повеќе што со својата дејност е целосно посветено на најмладите. Би било од наша, читателска корист, на сам почеток да не запознаете со здружението, од кога постои, како е формирано, и кои се неговите цели?

-Здружението за граѓанска иницијатива во културата ЖАР ПРЕСПА Ресен е основано на 29 август 2019 година и регистрирано на 6 септември, истата година, но неформално дејствува уште во 2018 година. Ние со Сотир Чаушевски се запознавме на менторската програма „Триаголници на соработка“ за подигање на квалитетот на културниот живот на децата во помалите урбани и рурални области, одржана од Буден Театар – Скопје и поддржана од Амбасадата на Швајцарија во РСМ/Швајцарската агенција за развој и соработка (2017/2018). Во 2018-19 година работевме заедно и ја возобновивме драмската секција на Домот за култура „Драги Тозија“ – Ресен и остваривме пет аматерски театарски претстави за деца со поддршка на родителите на децата, локалните власти, институции и бизниси. Во 2019 година, претставите имаа 20 изведби во Ресен и уште 4 гостувања (Прилеп, Крушево, Битола и Штип). Во нив учествуваа околу 50 деца од 5-16 години, а изведбите беа проследени од голема публика во Ресен (од кои најмалку 750 деца од сите основни училишта, единствената градинка и центарот за деца со посебни потреби). Името на Здружението, освен што го изразува поимот „жар“, едновремено е акроним од поимите: желба, амбиција и радост. Нашата мисија е подобрување на квалитетот на животот на луѓето преку организирање и поттикнување креативни, културно-рекреативни активности за децата и возрасните во Преспанскиот регион, РСМ и пошироко, со особен акцент врз децата од 5 до 15 години и врз инклузивноста на децата и лицата со посебни потреби. ​​ https://zharprespa.weebly.com/

Како Претседателка на здружението која е Вашата основна определба? Што Ве мотивира за да работата неминовно биде врзана со успех?

Работата со деца не е лесна, но е благословена, а најважно е да се има харизма и поддршка од своето семејство за да се успее. Она што најмногу ме мотивира упорно да работам се моите деца. Најпрвин ова го правам за нив, затоа што ја гледам среќата во нивните очи, затоа што знам дека ова им треба, од ова учат многу за напредување понаму во животот. И самиот живот е театар. Уживам да го слушам детскиот џагор, ме смирува детската смеа како најубава музика, јас едноставно живеам за децата.  Тие ми даваат енергија, радост, идеи за креативни работи, со еден збор ме исполнуваат и ме прават најсреќна личност кога сум во нивна близина.

Имате многу активности, многу детски театарски претстави кои последниве години се вистинско освежување за градот. Од сите нив, се изродила ли некоја нова идеја, нова млада актерка или режисерка ѕвезда?

-Да, во овие две години низ многу активности, проби, театарски претстави: „Новогодишна бајка“, „Бел заб здрав заб“, Денот кога се заљубив“, монодрама „Пауна“, кои беа подржани од Дом на култура „Драги Тозија“ Ресен и Општина Ресен, „Екологијада“ и „Како некогаш во осум“ се пред реализирање, бројни репризи на претставите,гостувања, едукативни работилници од кои многу значајна е „Здрави деца, среќни луѓе“-пилот проект преку ЈЗУ Здравствен Дом Ресен , над десет 0н-лајн проекти( „Денот на планетата Земја“„Денот на св. Кирил и Методиј“, „Литературни творби и рецитали за Гоце Делчев“, „Разговор со авторот“-Ирена Златкович, „Како до весели растенија“ , како се прави органски компост-Љупчо Крстевски од ЛАГ ПРЕСПА Ресен, „Сообраќајна култура“ „Зоом разговор со амбасадорот Јасмина Буневска Талевска“, „Зоом разговор со Заги“) и снимени сцени од претставите.https://www.facebook.com/emberprespa  ,

Работиме со многу деца, но околу триесет од нив учествуваат уште од самиот почеток. Има многу талентирани деца, но според мене сеуште е многу рано да се каже дали некое од нив ќе стане иден актер/ка или режисер/ка, ние ја садиме љубовта кон културата, но одржувањето останува на нив.#еЖарчиња

Господинот Сотир Чаушевски, ресенчанец од стара градска лоза, е дел од здружението, а тој како со диригентска палка го диригира сценскиот свет на децата долги години наназад. Ова лето посебно блесна неговата идеја за детски поетски фестивал, што вие го реализиравте на чиниш бајковита локација, амфитеатарот најгоре на ридот од кој на дланка се гледа целиот град. Како помина таа манифестација, ќе продолжи ли догодина уште поорганизирано?

-Сотир Чаушевски е поет кој има издадено  неколку свои книги, има учествувано на многу поетски манифестации во многу градови од нашата земја. Тој постојано зборуваше дека ваков настан и недостига на нашата Преспа, ќе го цитирам: „тука има многу поети и писатели, а нема еден датум во годината на кој сите ќе се собереме“. Минатата година отидовме заедно на манифестацијата на почитуваниот Славко Крстевски во Слепче  и навистина беше прекрасно искуство опкружени со драги луѓе во манастирска атмосфера. Таму како да сѝ ветивме дека ќе направиме таков настан. Од планирано за возрасни поети некако повеќе нѐ радуваше да биде за најмладите поети-децата. Бесценето и вредно е кога децата творат за деца. Спонтано започнавме без некои големи претензии, но премина во голем ден, свечен настан-поетска манифестација. https://www.youtube.com/watch?v=TCArGtiQuPg&t=1760s

Децата се паметни и умеат да творат, а доколку  со професионално и педагошко водство моделите за творење за нив се прошират во пошироката заедница и излезат надвор од домовите и училниците, отвараат можности за моќно позитивно влијание врз средината и создавање нови поети и писатели во иднина.Со Јасмина Илиевска Марјановиќ која е уредник на збирката објавивме летен литературен конкурс на кој се пријавија 40 учесници деца до 15 години, а со пристигнувањето на нивните, навистина убави творби нашата радост беше неизмерна. Посакавме тие да се испечатат во едно заедничко издание и да стане еден драг спомен, но и охрабрување  и мотив за понатамошно творење.  Така се роди нашата прва книга „Детски гласови“. Благодареност до сите кои придонесоа оваа наша идеја да остави свое дело. Манифестацијата беше скромно организирана, но со многу љубов и како што рековте бајковито реализирана. Ова како проект сакаме да продолжи и како традиција да се организира секоја наредна година. Да сме здрави и живи па посакуваме наредната година да биде со повеќе учесници, но и поддржана од повеќе институции за да биде и поорганизирана. https://www.facebook.com/emberprespa/posts/328775121880064

Ресен и Преспа се одамна познати по негување на квалитетна култура, и навистина и во пошироки рамки се истакнуваа имињата на професори кои предаваа музичка и ликовна уметност, еве ќе споменеме незаборавниот музички педагог Кирил Христовски Музичарот, Андруш Тасевски, ликовните професори Петар Стрезовски и Божиновски. Митко Ноневски посветено ги чува колекциите од познатите Керамички колонии. Колку децата ги запознавате со овие факти од некогашниот културен живот на Преспа?

-Ние сме младо здружение кое своите почетоци ги започна 2019 година  и навистина малку сме се посветиле на тоа, пред се поради зафатеност во подготовка на претставите, а и мислејќи дека училиштата пред се се грижат за тоа. Навистина знаеме дека постојат вредни имиња и дела од наши преспанци кои треба повеќе да се негуваат и со нив да се запознаат младите генерации. Ќе нѝ биде чест и задоволство во иднина и тоа да го изведиме заедно со децата. Ви благодарам за сугестијата.

Ресен е град на грнчарски уметнички занаетии, кои згаснуваат. Сте паднале на идеја да организирате обуки и едукации за деца на таа тема?

-Многу тешко ќе успееме во тоа, пред се во градот има уште еден уметник ќерамичар кој едвај составува крај со крај, занаетот тешко му оди. Уметноста ја почитувам и би сакала и тоа да го направиме, размислуваме околу тоа, но годинава со здравствениот проблем со Ковид-19 многу идеи не успеавме да ги реализираме. Се надеваме дека ситуацијата ќе се поправи и тоа ќе го направиме. Нашето здружение планира редовно да се организираат обуки и едукативни работилници од различен карактер, а сакаме едукативно децата да се вклопат, научат и изработуваат и ќерамички производи. За жал еве и Ќерамичката колонија не работи, викам за жал затоа што навистина претставуваше едно место каде уметноста и културата беше светска.

Започнавте и интердисциплинарен проект “Книгата низ детски очи”. Што опфаќа овој проект?

-Минатата година да речам како се уште „тазе“ регистрирано здружение аплициравме со неколку проекти исто и дадовме наша годишна програма во општина Ресен, со голем ентузијазам и желба да се добијат финансиски средства од некаде за да може здружението да функционира, бидејќи не сакаме децата да плаќаат членарина. Од Министерство за култура на Р.С.Македонија ни беше одобрен интердисциплинарен проект кој е од големо значење за нашето здружение. Проектот вклучува една аматерска детска театарска претстава „Трите петки, волкот и зелениот“ по текст на Владе Димовски кој ни гостуваше во Ресен и лично се запозна со децата, а тие низ една пријатна атмосфера од него научија за идејата, ликовите и дејството на текстот. Втора работилница ни беше „Заедно компонираме музика“, Тони Карапанчевски-Леко и Кристијан Милошевски беа предавачи и  автори на музиката за две песнички од текстот за претставата и за една моја песна- „Оценки заслужени“. Третата ликовна работилница „Замислуваме, цртаме, создаваме сценографија и костимографија“ ја водеше Марија Касовска, а децата нацртаа преубави цртежи.

Кога ќе бидат изведени проектите кои ги споменавте? На која возраст се децата кои ќе учествуваат во нив?

-Претставата заедно со ликовна изложба од цртежите планиравме да се дадат во живо околу средината на ноември, но поради ситуацијата со пандемијата претставата беше снимена од страна на Пеце Нончевски и  ќе биде дадена  промотивно на нашата јутуб страна за брзо време,  моментално се прават последните подготовки.Децата се на возраст од 4 до 13 години.

За голема пофалба е што во вашите проекти се опфатени и вклучени и деца со посебни потреби.

-Од почеток нашата визија е култура за сите подеднакво! За мене постои само добар и лош човек, друга поделба не постои. Универзалност и неотуѓивост, неделливост, недискриминација и еднаквост, партиципативност, отчетност и одговорност се неодминливи за Здружението. Во основата на мисијата на Здружението ЖАР Преспа – Ресен за зајакнување на граѓанскиот сектор како чинител во социјално-економскиот развој преку културни активности за деца и возрасни во Преспанскиот регион. Воедно, неделливоста (меѓузависноста и меѓусебната поврзаност) на човековите права е токму причината поради која Здружението настојува темите на културно-рекреативните активности да бидат отворени за сите најгорливи општествени проблеми во заедницата.

Ресен заслужува култура, како град со целосна култура во сите сегменти и во целокупното живеење. Особено во лето, кога таму одморот го поминуваат и децата од другите места. Можеби недостаток е што е општината најоддалечена од главниот град и другите градови на поголеми случувања и силни медиуми, а и тоа што ресенчани се скромни и не се “лактаат” и не се експонираат. Но, дали ја очекувате неопходната и потребна поддршка од Министерството за култура и од градоначалникот на градот, господинот Живко Гошаревски, кој е сепак доктор од градска фамилија, со модерен дух и со сенс за убави нешта.

Ресен во подалечното минато имаше многу побогат културен живот, но како што минуваат годините се помал приоритет е културата.  Се случија многу промени и во населението, доселени од други градови, тие носат своја култура, така да она изворното и ретко може да се види. Недостигаат детските летовалишта, проблем е и повлекувањето на Преспанското езеро, лошиот пласман со јаболкото кое и основна егзистенција на многу сограѓани, младите масовно го напуштаат градот и се преселуваат во поголемите урбани средини. Но сепак, Ресен мора да има културни дејствија, ние како здружение не се експонираме многу, а напорно работиме и имаме многу идеи кои сакаме да се остварат.

Ние очекуваме и наидуваме на поддршка од господинот градоначалник Живко Гошаревски на кого јавно му се заблагодаруваме. Се надеваме и на финансиска поддршка од Министерство за култура, од спонзорства и донации со цел да продолжиме да работиме и да ги правиме среќни децата, затоа што тие се сржта и иднината на секое делување во областа на културата и општествените промени.