Меган Маркл денес за „Њујорк Тајмс“ откри дека имала спонтан абортус кога се преселила во САД. Војвотката од Сасекс изјави дека го изгубила своето второ дете откако почувствувала „остар грч“ во стомакот, додека во јули му менувала пелена на нејзиниот син Арчи.

Меган опиша дека и се слошило дома во Лос Анџелес. Како што вели, најтешко и било да гледа како тагува принцот Хари додека таа самата „се распаѓала“.

„Откако ја сменив пелената на Арчи, почувствував остар грч. Седнав на подот со него во рацете, пеејќи му приспивна песна за да не смири двајцата. Веселата мелодија беше целосен контраст со моето чувство дека нешто не е во ред “, напиша таа.

Во рубриката со наслов „Загуби што ги споделуваме“ таа напиша:
„Додека го држев моето првородено дете, знаев дека го губам второто“.

Меган напиша дека тоа се случило едно јулско утро, што личело на кое било друго. Кога се разбудила и ги нахранила кучињата, ги средила алиштата и боичките на Арчи, а потоа ја врзала косата во опавче. Почнала да ја менува пелената на Арчи кога почувствувала силна болка во стомакот.

„Неколку часа подоцна лежев во болнички кревет, држејќи ја раката на сопругот. Ја почувствував топлината на неговата дланка и тој ја бакна мојата рака, која беше влажна од нашите солзи. Загледана во студените бели ѕидови, очите ми се насолзија. Се обидов да замислам како ќе се излечиме “, заклучила таа. А.Н.