Валентина Ѓоргиевска Парго

Писателката Марина Мијаковска неодамна го облагороди македонското издаваштво со нова книга, која беше промовирана на 16 јуни на покривот на “КоРа”. Родена во Скопје во 1984 година таа пишува поезија, проза, есеистика, литературна критика и научни трудови. Дипломирала и магистрирала на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошки факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Таа е доктор на филолошки науки. Со оваа книга всушност, во 2017 година на Филолошки факултет „Блаже Конески“ во Скопје ја одбранила докторската дисертација. Мијаковска од 2013 година е членка на Друштво на писателите на Македонија. Таа учествувала на многу меѓународни книжевни манифестации во земјава и во странство. Се стекнала со неколку книжевни награди во земјава и во странство: „Специјална награда за литературно творештво со високо уметничко ниво со ценети и трајни поетски вредности“ на „Поетски вечери во Корча“ (2012); „Караманов“ (2013); „Македонска книжевна авангарда“ (2013); „Крсте Чачански“ (2014); „Бели мугри“ (2015) и награда „Даница Ручигај“ при Друштво на писателите на Македонија (2019)…

Во пријатна квечеринка и еко атмосфера на покривот на “КоРа” деновиве се случи промоција на Вашата книга „Écriture féminine и романот: прилог кон феминистичката теорија на жанрот“. Самиот наслов е доволно сугестивен за да би дополниле било што. Женското прашање во фокус, поточно женското писмо-тема за која чинам многу се зборувало, но пак како да не е до крај анализирана и обработена, онолку колку што заслужува. Навистина, интересна призма на анализирање на женската душа, преку обработка на женските писма на познатите авторки, логично е најпрво да Ве прашам што Ве поттикна на овој зафат?

-Идејата за да напишам книга за женското писмо и романот и моделите на женско писмо во роман некако ја носев во себе уште од моите студентски денови. Тогаш ме интересираа феминистичките движења, позиционираноста на жената во општеството, какви биле улогите на жените во минатото и денес. Предметот на моите истражувања започна од прашањата за телото, сексуалноста и родовоста. Преку потребата да се осознае субјектот, се посветив на родовите истражувања за идентитетите. Потоа истражувачката јадица само се надоврза во морето од женски прашања и теми. Истражувањата низ животот вродија со една ваква монографија за женското писмо. Се обидов да одговорам како писателките пишуваат романи и зошто пишуваат, кои се стилски, тематски и формални одлики на женското писмо во роман и да изделам модели на романи напишани од писателките. Бидејќи пишувам како жена, сметам дека сосема природно, затоа ги истражувам практично и теоретски овие проблематики.

Книгата допрва ќе се најде во нашите раце, кога ќе можеме и сами да донесуваме заклучоци и свое толкување, сега сакам да пренесам дека од она што го објасни рецензентот д-р Славчо Ковилоски, сфативме дека под лупа сте ги ставиле писмата на познати македонски и светски авторки: Оливера Николова, Ирена Јорданова, Лидија Димковска, Вирџинија Вулф и Маргерит Дирас. Навидум, тоа се неколку модели на толку едни со други различни женски писма, што мене искрено ми е провокација да видам како на едно место изгледа анализата на ракописот на Оливера Николова и Вирџинија Вулф. Воопшто интересна комбинација на сите овие авторски дами кои сте ги одбрале за перцепција и анализа.

-Предложувам три модели на женско писмо во роман. Секој модел е препознатлив преку 10 одлики според кои можеме да кажеме каков феминистички модел на текст е. „Кон светилникот“ на Вирџинија Вулф како модел на женско писмо ткаење на текстот (женска пајажина) ги има следниве формално-структурни одлики: женски наратив создаден преку главни комплементарни женски ликови на госпоѓа Ремзи и Лили Бриско; теми од женското секојдневие и семејниот живот; традиционален и преоден (современ) модел на женскост; спој на традицијата и современоста и фолклорот и современоста; трансформација на родовите улоги на ниво на индивидуалност и исказност; лик на плетачка која преку женската рачна работа го плете текстот од женски гласови; колажна и монтажна фрагментарна структура на текст; деконструктивистички стил преку кој се прави процеп во традицијата и се покажува феминистичката свест преку спојот на традиционалното и феминистичкото. Овие одлики ги има и романот „Куклите на Росица“ од Оливера Николова. Николова е препознатлива по романи што се историографска метафикција. „Орландо: биографија“ на Вирџинија Вулф како модел на герила женско писмо (субверзија на патријархалната идеологија) ги има следниве формално-структурни одлики: нестереотипен женски лик на бунтовник/бунтовничка што врши герилска борба против стариот родов систем. Во романот има нетипичен и нестандарден женски наратив со нетипични ликови и има комплексна класична структура или структура што се наоѓа меѓу маргините на жанрите; има теми од фикцијата и социјалните теми: историјата, културниот живот, уметноста; преоден и современ модел на женскост; висок степен на трансформација на женскоста на ниво на исказност и индивидуалност; утописки елементи во вербата за промена на родовиот систем и идеологиите. Лидија Димковска во „Скриена камера“ го гради овој модел на текст. Тоа што е импресивно е дека кај Димковска ги пронаоѓам сите три модели на женско писмо кои што ги откривам. Во „НО-УИ“ таа го има моделот ткаење на текстот, а „Ревервен живот“ е суберзивно јазично женско писмо. „Љубовникот“ на Маргерит Дирас како модел на субверзивно јазично писмо ги има следниве формално-структурни одлики: женски наратив преку женски носечки лик; субверзијата на ниво на јазик ја поткопува родовата употреба на јазикот и нуди создавање на еден флуиден и женски јазик; отворена фрагментарна нелинеарна структура со повеќе гледни точки преку која се создава јазичен фикционален модел на свет распослан меѓу сонот и јавето и реалноста и фикцијата; деконструктивистички субверзивен стил; темите од женскиот интимен свет субверзивно продираат во јазикот на текстот; висок степен на трансформација на женскоста на ниво на индивидуалност и исказност и современ модел на женскост. Во „Помеѓу“ од Ирена Јорданова ги наоѓам одликите од овој ист модел.

Би Ве прашала и накусо дали, и што остана за Вас барем мала мистерија од она што го анализиравте кај овие авторки?

-Сметам дека ништо не е до крај истражено. Писателките пишуваат цел живот и затоа мислам дека имам уште многу да истражувам и да дознавам и во иднина. Во оваа книга се задржав на 5 авторки и на 6 романи. Сметам дека истражувањата за ова тема ќе ги продолжам и проширам и во иднина.

Обично се мисли дека полесно му е на маж да анализира жена, а на жена маж. Во случајов, лесно беше за жена и самата авторка да оценува други жени, нивниот начин на размислување, на перцепција, на произнесување ? Во што ја гледате сврзната точка на вашето и нивното творештво, па дури и целокупното дело и дејствување?

-Сврзната точка е токму во тоа што и јас пишувам како жена, а преку таквата практика можам да откријам женски вистини.

Вие пишувате поезија, проза, есеистика, литературна критика и научни трудови. Секако, кога пишувате вакви анализи, малку посериозно се гледа на авторскиот труд, за Вас тоа е поголема провокација, или пишување на поезија или проза?

-Секоја книга за да настане треба да има инспирација, идеја, концепт и истражувачка работа. Секое дело што го пишувам го гледам како посебен предизвик. Подеднакво сакам да пишувам поезија и проза, есеи и критики, но и научни трудови. Најголема провокација се секако научните книги, бидејќи, за да се напише таков труд потребна е обемна истражувачка работа во временски интервали од неколку години.

Вашиот прилог кон феминистичката теорија не е сведен само на оваа книга. Во неколкуте книги кои ги имате објавено стихозбирки за возрасни: „Номадска душа“ (2010); „Куфери“ (2013); „Психоаналитичка алхемија од страсти“ (2013); „Тиркиз во лето“ (2015); „Постела на тишината“ (2015); „Коскена“ (2019), Аудио книги: „Психоаналитичка алхемија од страсти“ (2018) итн., мислам како јасно да се провлекува Вашата психолошка и книжевна определба постојано да се бавите со жената и нејзиното постоење. Секаде е жената во Вашето перо. Или се лажам? 

-Уште од мојата прва објава „Номадска душа“ (2010) отворив прозорец за испишувањето на женските теми, женската субјективност и женскиот глас. Во моите стихозбирки силно одекнува женскиот светоглед на номадскиот лирски субјект. Можеби тоа е затоа што поетското јас е огледало на моето лично јас. Во есеите и критиките доста често анализирам дела на нашите авторки, но и на нашите автори. Литературата е подеднакво вредна и од мажите и од жените. Во моите прозни книги се задржувам најчесто на едно амалгамирање на жанрите, но опфаќам теми кои се длабоко егзистенцијални и во кои може да се пронајдат читателите кои се мажи и жени. Во двете научни книги „Модели на родовата идентификација“ (2018) и „Écriture féminine и романот: Прилог кон феминистичката теорија на жанрот“ (2020), се задржувам на родовите идентитети кои создаваат и различна текстуалност. Бидејќи пишувам како жена, неслучајно истражувам како писателките пишуваат, кои се вредностите што ги создаваат жените во литературата. Женската литература е подеднакво важна и значајна како и литературата што ја создаваат писателите.

Немојте да помислите дека ги заборавив и Вашите дела, стихозбирки за деца „Новогодини детски песни“ (2017), книги со раскази: „Куќички“ (2014), есеистички и научни книги: „Жанровски полимер: Сандаче од ракописи во обид“ (2016)…Творите доста активно. Сакам само да Ве поттикнам да ми одговорите дали имате еден свој замислен концепт кој Ве води низ сопственото творење, или оставате творечкиот импулс да се роди во моментот? 

-Секогаш кога пишувам нешто оставам да ме води творечкиот импулс кој во мене поттикнува што да напишам (песна, есеј, осврт, труд, расказ). Доколку пишувам поезија, откако ќе напишам неколку песни, потоа смислувам концепт за книга. Сите мои дела имаат концепт. Најчесто сакам насловите на книгите да се уникатни и да не се повторливи. Обично на едно дело работам по неколку години.

На самата промоција во својот поздрав од д-р Мишел Павловски дознавме дека издавач е Центарот за култура и културолошки студии (ЦККС) од Скопје, а изразивте посебна благодарност до Вашата колешка, професорката Кристина Николовска, за поддршката и мотивацијата. Каква е нејзината улога овој пат? Со што Ве наговори да се охрабрите и ги напиште овие ваши “екритуре феминине”?

-Професорката Кристина Николовска ја запознав во 2013 година на една културна манифестација. Таа е голем поддржувач на младите автори, студенти и научници. Таа е прекрасна личност и гордост на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Жалам што не сум имала можност да ми предава. Во периодот кога бев на докторски студии, некако се двоумев дали да се откажам или да ја сработам оваа книга. Во 2016 година со професор д-р Кристина Николовска случајно се сретнавме на „Карамановите поетски средби“, и во случаен разговор таа ме мотивираше да не се откажам. Тогаш нејзината позитивна светлинска енергија ме убеди да продолжам со мојата дисертација. Вечно ќе ѝ бидам благодарна што не се откажав и успеав. Денес сум најгорда токму на оваа моја научна книга.

Веќе споменав сте и поетеса, рецензентка, а добиттничка сте на повеќе награди во земјава, членка сте на Друштво на писателите на Македонија (2019). Млада професорка со доста зад себе, засега. Каква е проекцијата на Вашата слика за во иднина? Што посакувате? На што претежно ќе се амбицирате?

-Во иднина би сакала да имам можност да предавам на некој универзитет. Сметам дека најмногу можам да се пронајдам и да дадам придонес во науката доколку активно се вклучам во наставата на високото образование.

Доаѓа лето. Ве очекува и промоција на книга на Скопско лето. Што потоа-плановите се врзани за само одмор или повторно книжевноста ќе раководи со својата палка како да ги поминете и овие летни месеци?

-Неодамна од печат излезе мојата прозна книга „Приказни од Пајко Маало“ на која самата сум издавач. Ова дело може да се чита како книга со раскази за Скопје, но и како новела, затоа што преку ликот на сезнаечкиот наратор на стариот скопјанец Панајот, правам поврзување на сите раскази во една целина. Оваа моја книга е инспирирана од Скопје и е посветена на мојот роден град. На мое огромно задоволство, „Приказни од Пајко Маало“ ќе биде промовирана во рамки на 42-ро издание на манифестацијата „Скопско лето“. Промоцијата ќе се одржи кон крајот на месец јули.

За крај, каде може да се набави оваа книга и по која цена. Ви посакувам успех и во следните книги. 

-Книгата „Приказни од Пајко Маало“ излезе со финансиска поддршка на Град Скопје. Токму затоа одлучив оваа книга да ја подарувам на сите што ќе присуствуваат на мојата промоција во јули. Многу сум среќна што за првпат ќе имам можност да бидам дел од програмата на „Скопско лето“. Секој што ќе сака да добие примерок од оваа публикација ќе може лично да ме исконтактира.