Македонскиот филм „Медена земја“ денеска испиша историја како прв македонски филм кој е номиниран во две категории во трката за престижните филмски награди Оскар. Американската филмска академија го номинираше во категориите за најдобар документарец и за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје.  Филмот во режија на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов веќе се закити со бројни интернационални награди, и ја освои светската публика со приказната за последната одгледувачка на диви пчели, Атиџе, од селото Бекирлија, а сега ја однесе Македонија во центарот на филмските остварувања.

Церемонијата на доделување на Оскарите ќе се одржи на 9 февруари во Долби театарот во Лос Анџелес, а директен пренос ќе вршат 225 земји, кај нас преносот ќе биде на Телма телевизија.