Новинари за човекови права  во партнерство со Балканската водна мрежа денеска го одбележаа Денот на менструалното здравје. Оваа година организацијата под мотото Менструацијата  не запира за време на пандемија!!! бара да се обезбеди континуирано образование за менструалното здравје  – сега, но и по пандемијата #COVID19, како и достапност на производите за менструална хигиена до секоја жена и девојка.

НЧП во изминатиот период со поддршка на Агенцијата за млади и спорт спроведоа 12 тренинга во три средни училишта и адаптираа 3 учлишни тоалети,  а во однос на познавањето на темата од средношколците, Андреа Накова рече:

„Во анкетата која ја спроведовме во три училишта за средно образование, а во која учествуваа 110 ученици, три отсто од нив кажаа дека користат хартија или други средства кои не се основни менструални производи“. Таа исто тaка потенцира дека повеќе од 70% од девојчињата велат дека средствата за менструална хигиена се скапи и не можат да си ги дозволат.

Директорот Каевски, пак, ја потенцираше потребата од едукација на оваа тема.

„Уште од почетокот сфативме дека час поскоро треба ние како Агенција да се вклучиме за развивање на оваа тема и да се подобрат условите во средните и основните училишта и ова прашање да го подигнеме на повисоко ниво. Се стремиме да се производите бесплатни за сите девојчиња во нашата држава. Драго ми е што се` повеќе луѓе се вклучуваат и верувам дека ќе ја постигнеме целта“, рече директорот.

Професорката по филозофија, Даниела Николова рече дека поразува фактот дека 15 отсто од девојчињата користат весници наместо влошки, а дека 90 отсто од девојчињата во руралните средини, отсуствуваат од настава во деновите на менструалниот циклус.

„Ова покажува дека сиромаштијата, предрасудите се насекаде околу нас. Ние проблемите може да ги престориме во разумни желби, а тоа е мотив да започнеме некаква акција. Недозволиво е младите да немаат информации за своето здравје. Недозволиво е девојките да немаат информација за менструалното здравје“, рече таа.

Велика Британија од јануари оваа година е прва земја во која се делат бесплатни пакети за девојките

Ричард Малион од Британската амбасада во Скопје ја потврди нивната заложба за подигнување на свеста кај младите на оваа тема, како и потребата средствата да станат достапни до секоја девојка. Во однос на нивната соработка со НЧП тој рече:

„Со проблемот со недостиг на средства за хигиена се соочуваат милиони девојчиња и жени низ светот, а тоа придонесува да има отсуства од училиште. Ние работиме на ова прашање во изминатава година со Новинари за човекови права. Направивме адаптирани тоалети во училишта во Тетово и во Ресен, имаше и онлајн предавања“.

Менструацијата не е луксуз!!! И Пристапот до производи не треба да биде дискримирачки!!!

Секоја жена има право на пристап до производи за одржување на менструално здравје, затоа од НЧП повикаа да се потпише петицијата за намалување на ДДВ за менструални производи од 18 на 5 отсто.

Петицијата може да ја потпишете и онлајн ТУКА, а тимот на НЧП во наредниот период ќе организира јавни настани за потпишување на петицијата.

Ал.Н.