Фото: Зденко Петровски

Викендов во Младинискиот културен центар во Скопје се одржа 31. издание на „Рок фест“, каде во трите вечери настапија 11 групи од Македонија и по една од Србија и од Грција. За најдобар бенд на „Рок фест“ годинава беше прогласен скопскиот прогресив-метал состав „Метаноја“, додека пак Виктор Захариев, гитаристот на групата „Фикшн“ од Скопје е прогласен за најдобар инстурменталист, на кого му беше врачена наградата, електрична гитара „Јамаха – Пацифика“ која ја доделува музичкиот салон „До-ре-ми“.

Фото: Зденко Петровски

Инаку, за победникот на „Рок фест“ одлучи збирот на гласовите од публиката и од жирито, а токму „Метаноја“ добија најмногу гласови и од двете страни. За разлика од прогласувањето на најдобриот бенд, најдобриот гитарист беше одбран според гласовите на самите гитаристи кои се натпреваруваа и од гласовите на жирито.

Годинава имаше една натпреварувачка вечер и две ревијални. Првата фестивалска вечер, во петокот, беше од натпреварувачки карактер, каде силите ги одмерија петте бендови – „Саундвејвс“ од Битола, и скопските „Фикшн“, „Антарт“, „Конспираси“ и „Метаноја“. Додека траеше пребројувањето на гласовите, на сцената свиреше групата „Гаргојлес“.

Натпреварувачката вечер ја отвори Мики Јовановски-Џафер, кој патем е победник на првиот „Рок фест“, во 1981 година, кога настпапуваше со својот бенд „Автограм“, кој патем беше и дел од жирито. Додека траеше пребројувањето на гласовите во првата вечер, на сцената свиреше групата „Гаргојлес“.

Саботната вечер, беше резервирана двата скопски бенда, „Визија“ и „Стил темпл“, како и гостите од Србија, групата „Патриас“, додека пак од Грција дојде бендот „Резистанс“. Фестивалот заврши вчеравечер со настапот на три македонски бендови, „Морфеј“ од Куманово, како и скопсите „Блек енд вајс соушл клаб“ и „Никеја“. Тоа се групи кои веќе подолг период се активни на македонската музичка сцена и токму затоа нивните настапи беа на едно повисоко ниво.

Покрај свирката, публиката имаше можност да го погледне и документарниот филм „Рокенролер борн лузер“ по сценарио и режија на Аљоша Симјановски, како и ретроспективната изложба на фотографии.