Што е реалност, а што фикција? Дали документарците имаат „измислени“ стории и ликови, или играните филмови се само „просто“ огледало на реалноста? Претпочитате игран или документарен филм?

Одговорите на овие прашања ја моделираат светската кинематографија повеќе од еден век на најразлични начини. Затоа и филмот останува една од најатрактивните уметности, а тоа што подвижните слики се и масовен медиум е само предност. Некои од одговорите на претходниве прашања и дилеми ќе може да ги најдете во мајската филмска програма на Кинотеката.

Мајската програма започнува со новиот македонски долгометражен игран филм ПРЕЕКСПОНИРАНО (Things Unsaid) на Елеонора Венинова (Eleonora Veninova), со Благој Веселинов, Камка Тоциновски и Сара Климоска (Blagoj Veselinov, Kamka Tocinovski, Sara Klimoska) во главните улоги. Дебитантскиот филм на Венинова ја раскажува сторијата за проблематична тинејџерка која ја нарушува кревката рамнотежа на една брачна двојка откако доаѓа кај нив на гости на неколку дена, кога ќе мораат да ги преиспитаат односите во нивниот брак.

На почетокот на мај го одбележуваме и заминувањето на неодамна починатиот композитор Рјуичи Сакамото (Ryuichi Sakamoto, 1952-2023) со проекцијата на ПОСЛЕДНИОТ КИНЕСКИ ЦАР (The Last Emperor) на Бернардо Бертолучи (Bernardo Bertolucci). Сакамото, кој има мала улога во ПОСЛЕДНИОТ КИНЕСКИ ЦАР, е еден од пионерите на електронскиот звук во светската музика. Меѓу другото, компонирал музика и за „оскаровскиот“ ПОВРАТНИКОТ (The Revenant, 2015) на Алехандро Инариту, СРЕЌЕН БОЖИК, МИСТЕР ЛОРЕНС (Merry Christmas, Mr. Lawrence, 1983) на Нагиса Ошима, каде што и глуми заедно со Дејвид Боуви…

Следуваат два документарни наслови на Слободан Симојловиќ (Slobodan Simojlović), ЈЕНИ, МАЛА СВЕТЛИНА ОД ЗАПАДОТ (Jeni, malo svjetlo sa Zapada – Jeni, little light from the West) и ПЕЧАТОТ НА БРАЌАТА ЉУБАВИЌ (Pečat braće Ljubavića / Seal of the Ljubavić brothers) во продукција на Кинотеката на Република Српска на Пале.

ПЛАНЕТА НА ОВЦИТЕ (Planet Sheep), пак, е документарен филм во продукција на Германија, Македонија и Кина на авторот Марвин Ентолт (Marvin Entholt), во кој нашиот Атанас Георгиев, продуцентот и монтажерот на МЕДЕНА ЗЕМЈА е копродуцент. ПЛАНЕТА НА ОВЦИТЕ е филм раскажан со хумор и топлина, истражувајќи ја нераскинливата врска меѓу луѓето и нивните волнени пријатели, која трае цели 11.000 години.

Мајската филмска програма ќе биде домаќин на Дејвид Рајкер, американски сценарист и филмски режисер, со три наслови. Роден во Бостон, Рикер се преселил во Брисел, Белгија, на петгодишна возраст, а потоа неговото семејство се преселило во Лондон. Настапува на независната филмска сцена со неговиот специфичен неореалистички авторски стил во играниот жанр: ГРАДОТ (La Ciudad / The City) и ДЕВОЈКАТА (The Girl) се евидентен пример за тој негов стил. Но, Рикер е сценарист и на атрактивниот документарец ВАЛКАНИ ВОЈНИ (Dirty Wars), кој го следи истражувачкиот репортер Џереми Скехил, автор на меѓународниот бестселер „Блеквотер, во срцето на тајните војни на Америка од Авганистан до Јемен, Сомалија и пошироко“. Делумно политички трилер, а делумно детективска приказна, документарецот прави напнато патување низ една од најважните и неистражени приказни на нашето време, освојувајќи номинација за „Оскар“ и десетина награди на светските филмски фестивали.

Рикер ќе присуствува на проекциите на неговите филмови во Кинотеката и гледачите ќе имаат можност да разговараат со него.

Средината на мај е резервирана за НЕДЕЛАТА НА ИТАЛИЈАНСКИОТ ФИЛМ, но и за уште неколку документарни наслови.

ДЕН НА ОСЛОБОДУВАЊЕТО (Liberation Day) на авторите Угис Нолте, Мортен Травик (Ugis Olte, Morten Traavik) ја раскажува вистинската приказна за тоа како Демократска Народна Република Кореја за прв пат поканила западна рок група да свири во земјата. Групата одбрана за оваа чест се словенечките арт-рок ветерани „Лајбах“. Контроверзно, ама делува: соочувајќи се со строгата идеологија и културолошките разлики, „Лајбах“ ќе мора да ги протне своите песни низ иглените уши на цензурата пред да ги претстави пред публиката која дотогаш не чула алтернативен музика.

Во ХЕЛМУТ ЊУТН: ЛОШИТЕ И УБАВИТЕ (Helmut Newton: The Bad and the Beautiful) на Геро фон Бом (Gero von Boehm) ги гледаме ѕвездите на најпознати портрети и модни едиторијали на легендарниот фотограф – од Ана Винтур до Грејс Џонс, од Шарлот Ремплинг до Изабела Роселини – кои го кажуваат своето видување за животот и делото на контроверзниот гениј.

ЈАС СУМ ГРЕТА (I Am Greta) на Натан Гросман (Nathan Grossman) е приказна за тинејџерската климатска активистка Грета Тунберг, која стана глобална ѕвезда, раскажана преку впечатливи и досега невидени снимки.

Филмофилите ќе имаат убава прилика да ја запознаат новата романска кинематографска „репрезентација“ на НЕДЕЛАТА НА РОМАНСКИ ФИЛМ. Сторијата на ЛУЃЕ ОД АКЦИЈА (Oameni de treaba / Men of Deeds) на Паул Негоеску (Paul Negoescu) е фокусирана на Илие, маж во доцни 30-ти години, кој ужива во лесниот живот на селски полицаец. Неговата пасивност за време на серија насилни настани наскоро го претвора во соучесник во убиството. Во селото се акумулира тензија, што го принудува Илие да донесе конечна одлука. Актерот Постелнику има блескава улога во филмот, наградена на Филмскиот фестивал во Котбус, Германија, минатата година.

ТИ СИ ЧАУШЕСКУ (Pentru mine tu esti Ceausescu / You Are Ceausescu) е документарен филм на Себастијан Михалеску (Sebastian Mihailescu), во кој авторот на хибриден начин ангажира млади луѓе од различно потекло,на возраст од 15 до 22 години, кои учествуваат на аудицијата за улогата на романскиот диктатор Николае Чаушеску во неговата младост, во периодот пред Втората светска војна. Михалеску ја започнал кариерата на асистент на режисерите Раду Јуде и на Раду Мунтеан, и важи за голема надеж на романската кинематографија.

ИНТРЕГАЛДЕ (Întregalde) е новиот наслов на Раду Мунтеан (Radu Muntean), премиерно прикажан во програмата на авторите на Канскиот филмски фестивал во 2021 година. Сторијата на филмот се фокусира на група хуманитарци во Романија кои носат залихи во областите погодени од сиромаштија во регионот на Трансилванија.

НЕ ДОПИРАЈ МЕ (Touch me not) на Адина Пинтилие (Adina Pintilie) веројатно е еден од најконтроверзните филмови последнава декада во европската кинематографија. Смесата на реалност и фикција, во која режисерката и нејзините глумци ги испитуваат границите на интимноста, ја подели критиката и публиката, но овој необичен естетски експеримент на Пинтилие ја осови „Златната мечка“ на Берлинале и доминираше на доделувањето на националните филмски награди во Романија.

НЕДЕЛАТА НА РОМАНСКИ ФИЛМ финишира со МАГНЕТНА РЕЗОНАНЦА (R.M.N.) на водечкиот романски режисер Кристијан Мунџиу (Cristian Mungiu), кој веќе го претставивме минатиот месец на програмата на Кинотеката. Заедно со уште неколку репризни наслови, како и анимираниот ЦРВЕНАТА ЖЕЛКА (La tortue rouge / The Red Turtle) на Михаел Дудок де Вит (Michael Dudok de Wit) – приказна без дијалог на човек кој доживува бродолом на пуст остров – мајската програма на Кинотеката е „полна ко око“.

Вистинско Кино-око.