Министерството за труд и социјална работа ќе излезе во пресрет на секој граѓанин погоден од кризата со корона вирусот, а лицата кои останале без работа или биле дел од неформалната економија добиваат брз влез во системот на социјална заштита, порачаа денеска на прес-конференција заменик-министерот за труд и социјална работа, Ѓонул Бајрактар и дополнителната заменик министерка Санела Шкријељ.

Владата, преку двата пакети на мерки, покажува темелен пристап кон потребите на различни општествени сегменти, затоа што брзината на закрепнувањето по кризата зависи од мерките преземени за време на кризата. Eдна од клучните мерки во вториот сет мерки за олеснување на последиците од кризата предизвикана од КОВИД-19 е олеснетиот пристап до парична помош на лицата и семејствата на кои таа им е најпотребна.

-Сакам да порачам дека никој не е заборавен. За да добијат минимална гарантирана помош, материјалната необезбеденост за лицата ќе се утврдува врз основа на вкупната просечна висина на сите приходи на сите членови на домаќинството по сите основи, сметано од последниот месец, наместо досегашните три месеци. Оваа мерка ќе трае два месеци, април и мај 2020. На ваков начин покажуваме дека системот на социјална заштита е така дизајниран што лесно се прилагодува на потребите на граѓаните, стигнува до оние на кои помошта им е најпотребна а најранливите членови на заедницата ниту во екстремни услови како моменталните, не се занемарени“, рече заменик министерот Бајрактар.

Како што посочи Бајрактар, предвидена е уште една мерка, постоечките корисници во системот на социјална заштита да добијат дополнителна исплата на енергетски додаток за месеците април и мај.

-Тоа се околу 30.000 корисници кои ќе добијат износ од 1.000 денари во април и мај. Со овие мерки се овозможува домаќинствата во ризик полесно да ја пребродат кризата, за да можат кога работните процеси ќе се нормализираат, тие активно да се вклучат во активните програми за вработување и на пазарот на труд – истакна заменик министерот за труд и социјална политика Бајрактар.

Оние што не се дел од формалната економија, не се влезени во системот и немаат никакви приходи, како што е случајот со голем дел од жителите во населби како Шуто Оризари, Бајрактар ги повика да се пријават во центрите за социјална заштита за да влезат во системот и да можат да ја користат помошта.

Приоритет во мерките се децата, како најранливи на стресовите кои едноподруго се случуваат во кризни услови.

-Затоа е многу значајно децата од семејства без или со ниски приходи да добијат дополнителна поддршка. Владата донесе уредба за престанување на важење на условот за потврда за редовност за исплата на додатокот за образование за третиот и четвртиот мерен период за учебната 2019/2020 година, со цел да го олесниме пристапот до овие права. Тоа значи дека право на образовен додаток ќе добијат околу 17.000 деца, и тоа 700 денари за дете во основно и 1000 денари за дете во средно образование – рече дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ.

Исто така, продолжени се и сите рокови за поднесување на барањата за остварување на право на еднократна парична помош за новороденче, за остварување и продолжување на право на родителски додаток за трето дете, за продолжување на правото на родителски додаток за четврто дете. Барањата за овие права можат да се поднесат за три месеци од денот на истекот на траењето на вонредната состојба, додаде Шкриељ.

Доделени се околу 500 пакети, а ќе се доделат и дополнителни донации и хуманитарна помош за семејствата кои живеат во супстандардни услови. Со ОН се работи на сервис за помош на лицата со попреченост, а сите кои имаат потреба од каква била помош или се жртви на семејно насилство да се обратат до центрите за социјална помош кои работат континуирано, порача Шкриељ. На бездомните лица како што посочи Шкријељ, им се обезбедува сместување и храна, здравствена заштита и хигиенски продукти, а со помош на Црвен крст отворени се уште 4 регионални пункта.Во моментот регистрирани 239 бездомни лица, посочи Шкриељ. А.Р.