Карин Елхарар, министерка за енергија и водни ресурси на Израел ФОТО: AP Photo/Maya Alleruzzo

Израелската министерка за енергија и водни ресурси Карин Елхарар не можеше да присуствува на самитот COP26 во Глазгов бидејќи, како корисничка на инвалидска количка, не и беше овозможен пристап до местото на настанот, што таа го опиша како „нечуено“.

Елхарар, која има мускулна дистрофија, чекаше два часа откако обезбедувањето одби да ја пушти да влезе во објектот во инвалидската количка во која пристигна.

Според „Гардијан“, нејзината канцеларија објавила дека потоа и бил понуден превоз со минибус, но тој немал обезбеден пристап за инвалидски колички, па таа била принудена да се врати во својот хотел во Единбург.

„Дојдов на COP26 за да се сретнам со моите колеги од целиот свет и да придонесам во заедничката борба против климатската криза. Се испостави дека Обединетите нации, кои промовираат пристапност за лицата со посебни потреби, не ја обезбедуваат таа пристапност на своите настани во 2021 година“, напиша Елхарар на Твитер.

Официјален претставник од делегацијата на израелскиот премиер Нафтали Бенет вели дека поднеле официјална жалба до организаторите, објави „Тајмс оф Израел“.

Бенет, наводно, најавил дека Елхарар ќе пристигне во инвалидска количка на самитот како дел од неговата официјална делегација, за да се обезбеди нејзиниот влез.

Министерот за животна средина Џорџ Џастис рече дека британската влада „длабоко жали за инцидентот“. Според него, се чини дека дошло до недоразбирање во комуникацијата и организаторите не биле однапред информирани за потребите на министерката Елхарар, па не ги направиле потребните подготовки на конкретниот влез на кој дошла.

„Знам дека има пристап за инвалидска количка на повеќето други влезови“, изјави тој за „Би-Би-Си“, додавајќи дека „итно ќе се преземе акција за да се реши проблемот“.

Британскиот амбасадор во Израел Нил Виган на Твитер напиша дека „длабоко и искрено“ и се извинува на министерката.

„Сакаме самитот COP26 да биде добредојден и инклузивен за сите“, додаде тој.  А.Н.