Владата на прес конференција го презентираше шестиот пакет антикризни мерки, проектиран на 17,8 милиони евра. Како што беше пренесено станува збор за таргетирана финансиска помош што треба да ја добијат околу 10.000 компании и 60.000 вработени.

Со шестиот пакет антикризни мерки се опфатени 12 категории дејности меѓу кои: угостителските објекти кои не работат поради рестриктивните мерки, ноќните клубови, рестораните за свадби, ивент индустријата, фитнес центрите, туристичките агенции, фотостудијата и приватните детски одмаралишта. Во овој пакет предвидени се и мерки и за медиумите и радијата и ТВ), а планирани се и бесплатни 50.000 ПЦР тестови за странските туристи кои ќе престојуваат во земјава.

-Ставаме на располагање 17,8 милиони евра, таргетирана финансиска поддршка за 12 категории на економски дејности, 17,8 милиони евра со кои ќе се поддржат близу 10.000 компании и околу 60.000 вработени, наши сограѓани. Од самиот почеток на кризата Владата носи сеопфатни мерки на секои три до четири месеци, во консултација со сите засегнати страни, како и со меѓународните финансиски институции со цел задржување на ликвидноста на компаниите и на работните места, рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, на прес конференцијата на која го образложи шестиот пакет антикризни мерки.

Министерот Битиќи ја објасни и поделбата на „колачот“ имено со овој пакет на угостителските објекти ќе им бидат покриени 30 проценти од приходите, но тие ќе добијат и дополнителни 15.200 денари за секој вработен, за што се предвидени 9,9 милиони евра. Се очекува да бидат опфатени 6.000 угостителски објекти со околу 17 илјади вработени. Со околу 2,5 милиони евра ќе бидат поддржани приватните детски одмаралишта, ноќните клубови, игротеките, рестораните за свадби, ивент индустријата, фитнес центрите и фотостудијата. Во оваа категорија, според проценките, спаѓаат околу 1.200 компании на кои ќе им бидат покриени околу 30 проценти од приходите и дополнително ќе добијат поддршка од 15.200 денари по вработен.

Ал.Н.