Мирослав Туѓман Фото: ЕПА-ЕФЕ/Антонио Бат

Хрватскиот научник и политичар Мирослав Туѓман, син на поранешниот хрватски претседател Фрањо Туѓман, почина синоќа во Загреб на 75-годишна возраст.

Туѓман почина на Клиниката за инфективни болести како резултат на инфекција со корона вирус, јавуваат хрватските медиуми.

Тој беше професор на Филозофскиот факултет во Загреб и член на хрватскиот парламент. Во времето кога неговиот татко беше хрватски претседател, тој ја водеше разузнавачката служба во два наврати, од 1993 до 1998 година и од 1999 до 2000 година.

Тој освои 4,1 процент од гласовите на претседателските избори во 2009 година, а стана член на Парламентот во 2011 година како кандидат на Хрватскиот демократски сојуз.

Роден е на 25 мај 1946 година во Белград, каде што тогаш Фрањо Туѓман служеше во Генералштабот на Југословенската армија. Живеел во Белград сè до 1961 година, кога семејството Туѓман се преселило во Загреб, пренесува Бета. А.Н.