Етно пејачот Мишко Србиноски Микеле од Охрид, неодамна престојуваше на Флорида, што беше и повод за наша средба и да поразговараме незадолжително за неговите впечатоци, но како неизоставна и главна тема – музиката!

*Добредојдовте назад во Македонија. Остваривте патување во Америка, кое по ред?
-Ова патување ми беше трето, токму годинава од првото патување се сторија десет години. Во 2012 година бев прв пат, во 2018 година втор пат, и сега. Првиот и вториот пат во државата Индијана, во градот Краун поинт, а слетав во Чикаго. Сега бев шест месеци на Флорида, во близина на Мајами. Овој пат отидов на покана на моја пријателка, со која не бевме видени 40 – тина години, од младоста. Но, фејсбукот повторно ги поврзува луѓето, а пандемијата и карантинот нѐ направи поактивни на фејсбук, од што можеше да се извлече и некоја корист.
*Како ги поминавте Велигденските празници минатата недела, ја запазивте ли македонската традиција ? 
-Сосема. Бевме во црквата Свети Димитрија. Покрај другите пријатели тој ден, токму на Велигден, во црквата се сретнав со господинот Џорџ Атанасоски. Му реков “Чест ми е да Ве запознам лично, иако сме пријатели на фејсбук, јас сум пејач, овде сум приватно на гости. Ќе Ви ги пуштам моите песни. Ме пофалиле луѓе што ја разбираат музиката дека сум четврти глас, по Манчевски, Бадев и Сариевски, многумина ми го рекле тоа, и желба ми е секој од нас на свој начин да ја покажеме македонштината, а јас сакам преку песната. И да имав финансиски средства, едно цд ќе направев чисто да продолжи и ојакнува нашата етно музика, но тешко е кај нас”. Исто така му кажав дека не ми е јасно зошто во Македонската телевизија досега не ме имаат поканети да испеам нешто, но затоа благодарност имам за екипата на неговата ТВ Сонце, која преку охридската ТВ Морис обезбедија снимки од мои настапи и ги емитуваат на програмата. Џорџ е голем донатор, луѓето од македонската заедница кажуваа дека за црквата Свети Димитрија донирал  200.000 долари.
*Иако бевте во приватна посета, овој пат се случи ли одреден пејачки ангажман? 
-За жал короната остави големи последици. Навидум е исто како порано и сега, но само навидум. Прво ќе ви кажам дека таму горивото е поскапено 100 отсто, сѐ е поскапено а многу луѓе останаа без работа. Затоа и нашите послабо доаѓаат на концерти, но и воопшто нема концерти периодов. Неодамна слушнав младите “Енерџи Бенд” , а и Сузана Гавазова, биле во Чикаго и Њу Џерси.  Во Мајами нема многу Македонци. Црквата Свети Димитрија собира стотина гости, нема простор за многу масовност. Се договаравме да настапам јас и моите домаќини за Нова година, но им беше скапо по 500 долари по музичар да платат. Ја сфаќам ситуацијата, но, јас сметам дека  и за мене е срамота да прифатам таква цена, и покрај актуелните околности, па затоа немаа пејачи, само настап на диџеј, Славе Келеш. Од друга страна имаше идеја да пеам на процент од билети, но сигурен сум немаше да има повеќе од 30-40 гости, затоа што иако веќе не носат маски, луѓето таму сѐ уште се плашат од ковидот.
*Ја посетувавте црквата редовно? 
-Да, речиси пет, шест пати бев. Таму Македонците се добро организирани. Многу често некој дава ручек за 30 – 40 гости, но не е бесплатен, тие што доаѓаат си го плаќаат ручекот по 20 долари и парите остануваат за црквата, сакаат да донираат за да опстане.
*Освен црква, има ли и други форми на дружење на нашите во овој дел од за Америка, од кој ретко допираат некои информации? 
-Во друштва се собираат во паркови каде се печат скара, си носат звучник, пеат караоке песни и, танцуваат, играат. На една маса има Шпанци, на друга Мексиканците, на трета Македонци, тоа се големи паркови, и многу убаво уредени во Бока Ратон. Инаку тоа е град од 80.000 жители, во него живеат само богаташи и е многу скапо. Моите домаќини Стојна и Блажо Пецев живеат во центарот на градот. И тие се музичари.
*Велите музичари. Не им понудивте на македонската заедница да Ви издадат  едно ЦД, домаќините сигурно ги имаат  конекциите?
-Дома си праевме наши свирки, тие имаат комплетно озвучување. А еднаш запеав и со јутјуб мелодија, кога бевме во црквата, некој ја нарача а јас ја запеав “Јано мори” и добив комплименти дека добро сум ја испеал. Добив и бакшиш.
*Тоа беше единствениот Ваш настап во шест месеци? 
-Бев поканет да пеам во Њу Џерси но ми беше далеку, и требаше летање со авиони. Но, да се потсетам, кога претходно гостував во Индијана, само штом дознаа дека сум таму, преку мојот брат каде бев сместен, некои што им се допадна моето пеење, ме покануваа да пеам на крштевки, семејни прослави. Петровден таму се слави и за тој ден пеев во црквата Свети Петар и Павле во Краун поинт. Таму има многу Македонци голема црква е тука се собираат и по 1000 души.
*Сега по враќањето од далечниот континент, кои се Вашите планови? Вашиот последен настап беше во 2020 година. 
-Така е. Последно пеев на “Охрид фест 2020”. Минатата година не настапив бидејќи се подготвував за пат и не снимив песна. За оваа година сѐ уште не знам дали ќе пеам. Да ја потсетам публиката, тогаш ја изедов “Песна горчлива” , музика Горан Милошески, текст Огнен Неделковски. Хармоника ми отсвири Јове Кекеновски.
*Раскажете ни за тоа снимање, познатиот хармоникаш Кекеновски по подолго време тогаш го слушнавме во песна. 
-Јас одамна го знаев Кекеновски, уште од времето кога свиреше во групата “Мераклии”. Се запознавме на “Гоце фест”, пред години, уште кога се одржуваше во Универзална сала. Потоа пред пандемијата се сретнавме во Охрид, но бидејќи е професор имаше предавање тој ден немавме време за кафе муабет. И за време на карантинот, кога ја снимав песната кај Горан во студио, ми рече да повикам хармоникаш. Неговиот предлог беше еден не толку познат хармоникаш, но тој самиот се плашеше дали ќе отсвири доволно добро и ме одби. Се јавив и кај мојот пријател Тодор Трајчевски, со кој бевме блиски, и му предложив “ајде една песна да остане од мене и од тебе” , но веќе беше тешко болен и за жал нѐ напушти. Дури потоа  му се јавив на господинот Кекеновски, но прво и тој се сомневаше,  “20 години хармоника не сум фатил” ми рече, на што му возвратив “Но ти си мајстор, му велам, а мајстор не може да не отсвири”. И се нафати. Кај Горан снимавме. Дојде отсвири и се впиша во историјата на една песна моја.
*Последниве години и публиката на фестивалите беше намалена, а некои се одржуваа и без публика, само пред камери, што не делува баш впечатливо. 
-За жал многу работи се променија. Ете и “Канео фест” веќе не се одржува, ТВ Морис се затвори, директорот Јован Трпески отиде во пензија, се намалија фестивалите во мојот град, остана само “Охрид фест”, кој годинава слушнав дека  имал и промени во уметничките директори. Па не знам дали ќе настапам, не сум разговарал.
*Повторно ќе се навратам, кај нас не е неизведливо сега во кризата да се зборува за албум, но барем нова песна можете да снимите со поддршка на македонската заедница во Америка. 
-Ако најдам некој да спонзорира, сепак  не заради мојата популарност туку да не исчезне македонска песна, како што тргнало. Песните македонски од оној извор непресушен. Ги има многу, но доколку би снимал албум, би издвоил 10 до 12 песни и би сакал тоа не заради моја слава на мои години, туку  затоа што нашата песна ми е тука, во душата.
*Колку песни имате снимано од деведесеттите кога почнувате, досега? 
-Имам десеттина новокомпонирани снимено, но не е важно тоа, мене најбитно и најважно ми е да опстане македонската песна, а ако сакаме таа да остане мора некој да ја испее. И би порачал до младите “Сакајте ја македонската песна пред сѐ, никој не ви забранува да ја слушате и туѓата, па и странската, американската, англиската, секоја, но својата да не ја заборавајте”.
*Вие сте од оние пејачи кои не одбиваат за пријатели да запејат и по домашни веселби, но пеете строго етно. Никако турбо фолк… 
– Етно и тоа во мој стил. Од дете мало сум ги слушал и пеел Бадев, Сариевски, Манчевски, Васка, Мирвет Белоска, да не набројувам.  Тие се легенди на македонската песна. И истите песни јас со свои чувства можам да ги испеам, малку различно од нив, тоа од внатре ми излегува. Пеењето е мојот дар божји,  и затоа можам да речам, ме иритира што македонската песна сами не си ја сакаме. Имам нагласено и во други интервјуа,  не за џабе е речено ” Босна не пеј, во Србија не играј, во Македонија ни едното ни другото, ќе те победат”…
*Најмладите генерации во Америка, ги пеат нашите најубави песни? 
-Сѐ послабо, и таму а и во Австралија,  како што ми кажуваат мои пријатели. Ама некој треба да работи на тоа. Не може тие македонската песна за ја засакаат, ако  не им ја сервирате од најмала возраст. Јас би препорачал тука да почне уште од градинка децата да изучуваат фолклор, не може сѐ странска музика да му пушташ на детето, а тоа утре да ти ја засака македонската песна. Каква традиција ние ќе имаме кога сами ја погазуваме. И кои ќе сме ние? Кој ќе ни е е нашиот идентитетот? Но, еве велам, има лесни начини како тоа да се одржи.
Валентина Ѓоргиевска Парго