Пишува: Валентина Ѓоргиевска Парго 

Неодамна се одржа “Охрид фест 2019”, вие настапивте во фолк вечерта . Честитки за освоената награда “Долни Сарај”. Еден Охриѓанец годинава ја освојува најавтентично насловената награда, со песната “Нема заборав” од авторот Горан Милошески, која е снимена специјално и исклучиво за намената на овој фестивал. Од охридското бисерно грло испеана со многу емоции.  Кажете ни, што значи за еден охриѓанец да ја освои најохридска наградата?                     

Микеле:  Како прво мене многу ми значеше  учеството на овој  фестивал, по далечната 2002 ова ми е втор настап. И тоа по иницијатива и во комплетна режија на Горан Милошески, со кого ја сработимев во еден ден песната, и мелодиски и текстуално. Потоа остана другото тој да го соработува во студио. Дадов идеја за текстот и затоа Горан ме потпиша и мене, покрај него, дека сме и двајцата автори на стиховите.                   

– Има ли нешто биографско во песната?

Микеле: Па има. Биографска е, а би се нашол и секој, не само јас. Било кој би се нашол во самата песна, во текстот,  а бидејќи и се најдов во текстот јас успеав така добро да ја испеам.                     

– Песната зборува за еден боем кој по мераклиски живот останува без многу од своите другари, тие заминале.

Микеле: Добро, овде повеќе се мисли на околината, на дружењето со другари, пријатели па и роднини може да се каже, општо пријателите кои што би рекле народски се однесувале ” ќари и бегај”. Овде се работи за друштво. Посебно за друштвото што си биле постојано заедно и сега го снемало. Затоа на крај во последната строфа велам да се збереме пак. Јас сум човек кој никого не отфрла и покрај тоа што некој заминал го свртил грбот, пак поканувам да се збереме и со чаша ракија да наздравиме.                         

Оние луѓе што заминале и го свртиле грбот, нанеле пријателска болка и неправда, инспирираат ли повеќе од оние другите, кои останале, во животот на еден естраден уметник? 

Микеле: Па видете, и тие што заминуваат и тие што остануваат се инспирација. Сето тоа може да се преточи во песна. Едните  затоа што недостигаат, другите затоа што се постојано околу нас. 

  – Интересно, Охриѓанец кој кого охриѓани посебно го почитуваат и обожаваат неговиот глас а не запеал на Охридски трубадури  17 години. Тука мора да се праша кој е  виновникот, и дали вината е поделена меѓу повеќе виновници ?                                             

Микеле: Јас мислам дека не треба да бараме виновници, вината е околу сите нас , од организатори на тие манифестации, па до сите тие учесници. Честопати јас сум слушал од компетентни луѓе во нашата естрада дали од фолк музиката или од забавната музика, дека ќе нагласат “е, со песнава се претера” . Било кој стана пејач. Не се тие за обвинување. Желбата е поголема од се. Но, оние кои треба да пресечат се баш луѓе  професионалци кои треба да го спречат тоа.                                                             

-Демократско право е секој да се произнесе како сака, а фестивалот треба да врши селекција, тука треба  да е рампата.             

Микеле: Како што беше порано. Јас во дамнешните осумдесетти години сум бил на една аудиција што ја организираше РТ Скопје тогашно, естрада на Македонија и воен оркестар. И се пееше по две песни, се свиреше во живо песната, со комплетна екипа на  музичари добри, професионалци и кој ќе се најдеше вистински во пеењето, во настапот од тие две пријавени песни, тој ќе одеше напред. Некој се случуваше два три стиха да испее   ќе го прекине, ќе му  речеа  “Да си  одиш, не си ти за ова. Желбата ти е голема, но она кое што е потребно да го имаш, го немаш”. А денес иами гледаме секојдневните примери како е на аудиции како е на фестивали.  Фестивал е оној кој ќе се одржи  во живо. Знаеме дека тоа чини јо ако се направи квалитетно во живо да биде свирењето тогаш оние кои имаат само желба за пеење сами  ќе речат “не е овде местото за мене”.                                                                 

– Добро ако гласот не бил пречка за вие да имате една континуирана кариера, сепак мора да се забележи еден голем прекин од вашиот старт кога сте почнале и сте  оставиле впечаток. Се потсетуваме дека на еден дамнешен ” Гоце фест” во конкуренција со естрадни “ѕверки”  сте добиле и насловна страница на тогаш строгиот ” Екран,  па низ годините потоа или инцидентно се појавувате или воопшто ве нема.                                    

Микеле: Сепак ќе нагласам дека до 1999 година јас бев спречен од семејни причини, грижа за мајка, а влезот во естрада бара слобода, долги отсуства, и ако станев ѕвезда а ќе требаше да го вртам светот. Ама домашните обврски ми беа пречка која не дозволуваше тоа да се случи. Тоа не дека мене ми е целосното оправдание, меѓутоа и тоа влијаеше да бидам отсутен од естрадата затоа и влегов во поодминати години.

– Тоа што влеговте во поодминати години некои го прифаќаат со одушевеност, некои можеби малку со иронија и со поинакво гледање дури можеме да речеме и со завист кај колеги со послаби вокални способности, но возраста за пејач не е пречка за да се направи една добра кариера.   Која година се вративте вие и што ве иницираше на тоа?                                 

Микеле : Јас влегов во поодминати години и континуирано работам на тоа поле со отсуства, сепак заради пред се финансиски причини бидејќи секоја работа, а и оваа е бизнис, бара влог. А, денеска тешко се заработува од естрадата, тоа може да го кажат и многу попопуларни пејачи од мене. Јас сум разговарал со многу од нив, велат нема работа, освен турнеи, но дури и тоа е веќе исцрпено, одењето во Австралија и Америка. Нема веќе ни таму пари колку што се земало на времето, на почетокот, кога имаше малку ѕвезди и вистински пејачи. Сега не можеш да одиш на турнеја без група исклучиво со пејачка. Менаџерите ниту ќе те поканат, ниту за виза ќе ти средат. А јас ќе додадам нешто, упорно обичните луѓе ме прашуваат “зошто не си попопуларен со овој глас”.  Јас не се трудам и ден денес да станам некоја ѕвезда. Не ми е мене целта да станам ѕвезда да се збира народ околу мене, моја желба поголема е народот да се врати малку назад  да слуша квалитетно пеење, квалитетни песни, квалитетни изведби. А не јас дека се борам да станам ѕвезда  за да бидам ко оној другиот. Јас сакам она што ми  излегува од срце од душа да го испеам, затоа што можам. А уште поголема желба имам  да почне да се работи од компетентни луѓе, а не “ќари побегни” како што прават поединци. Не се бара она вистинското. А Господ дал и има во државава што ќе го отпеат и Сариевски и Бадев и Манчевски и Васка и ред други пејачи за да живне  повторно македонската изворна песна. А не како што тргнало да изумре. Младите нека ја пеат, допрва јас не се борам да станам ѕвезда.                                                                     

– Никогаш не е доцна така вели едно реално шоу а така вели и старата поговорка. Имате желба да за ве види малку поширок круг на публика, а не само во Македонија?

Микеле: Ама секој ќе посака да биде виден. Некој треба да работи на откривање на  луѓе, некок компетентен во музиката треба да го  пронајде новиот Бадев, Сариевски, Манчевски. Никој го бара. Туку бараат кој да биде популарен и кој ќе биде вртен по телевизиите.               

– Сте пееле  духовни песни и молитви во црква за празници, сте пееле народно, забавно, меѓутоа сфаќам и дека најмило ви е она изворно македонско етно. Од каде толкава љубов, еве  и вашиот брат меѓу првите организираше фестивал во Охрид и во Македонија, на кој  пеевте и вие еднаш.                                             

 Микеле: Фестивалот “Песна на летото,  што го организираше брат ми пред да замине во Америка, постоеше три години. Тој го организираше во 1995, 96, 97, летото 1998 година го правеше друга екипа и потоа не се одржа. На тој фестивал испеав  една народна песна. Тоа беше една ревија на песни и пејачи, и се одржуваше  на три места во хотелот “Европа”, Отешево во Преспа, потоа во “Дрим” во Струга, а последната вечер беше  во Охрид. Првата година сцената беше на бродот Скопје закотвен во езерото, а публиката на брегот на летната плажа на “Палас” и навистина беше многу убава глетка.  Следниот беше кај хотелот бивша  “Застава” , сега “Аквалина” , третата година беше над Билјанини избори. И имаше публика, познати пејачи од естрадата и навистина публика доаѓаше затоа што ги знаеше и како имиња и како пејачи. Сега еве фестивалите се без публика.                             

– Освен двата настапи на  “Охрид фест”, имате победено и на охридскиот “Канео фест”.  Но се добива впечаток дека за вас најплодни биле деведесеттите.                          

Микеле :  Во 1993 година победив и на локалниот ” Песна за Охрид”, кој еднаш се одржа и беше добар, но финансиите си го прават своето. Да не заборавам, јас учествував и на “Сенатор фест” на покоен Аце Ангелески таму првата година  зедов награда од приватните радио и тв станици од Македонија, и од дијаспората една награда зедов. Две награди зедов, а можам слободно да кажам кога ме видоа мене,  претходно на малата сцена на Битолскиот народен театар, како што бевме собрани сите пејачи мислеле дека сум дојден во друштво со некого како свирач, а кога ме виделе на сцена тогаш сфатиле дека сум јас нивни колега. А ќе нагласам Пепи Бафтировски и Војо Стојановски исто учествуваа тогаш и ми  рекоа “ооо па ти имаш прекрасен глас” . Со нив се дружев, нека им е лесна земја, посебно со Војо. Кога ќе стигнеше во Охрид  во станот свој идеше на одмор постојано ќе прашаше каде сум на свирка за да дојде таму да ме послуша да си запееме заедно.                                                     

– Спомени многу. Што е следен план?

Микеле: Повторно по идеја на Горан следно е спот со  Кубата од Битола, еден убав видео запис кој наскоро ќе биде објавен на јутјуб каналот, за да може публиката и пошироко, да ја види и слуша “Нема заборав”.

-Зошто не снимите албум со типично стари охридски песни, “концепт Охрид”?

Микеле : Јас во секој момент би снимил еден албум и два можеби со изборните песни кои навистина со душа и срце  ги пеам  со дарот од  БОГА што го имам. Тоа би ми било еден вид мојата последна желба, за да остане да се слуша а најголем успех ќе ми биде ако младите  ако сакат да ги пеат тие песни. Неодамна баш имав една свадба и испеав изворни “Јано мори”, “Многу мерак имам бабо”, ја испеав “Има ли песна”, тоа е една песна што ќе биде вечна. Сите одушевено гледаа и млади и стари. Значи може, ама ако ја донесеш. А има такви и кај младите, треба да се најдат. И младите ќе ги вратат младите да ја слушнат македонската песна. Јас не можам да ја вратам сега ниту било кој од нас, само младите. Ете имаме пример со Тоше Проески. Камо да се јави уште некој приближно ко Тоше? Некои пробуваат  да го имитираат Тоше со стариве песни ама не оди, огромна  е разликата. Не може секој  таа песна да ја врати, да ја обнароди, да ја оживее.

-Каде се во вашата приказна медиумите? Сте добивале понуди или одбивање за да настапите на тв?

Микеле: Па јас, искрено да ви кажам, сум се понудил во нашите телевизии посебено македонската, од ветувања друго ништо не добив, а таква желба имав да покажам баш на таа телевизија што ми подарил Господ, од глас, до добро изведување со полни емоции, да испеам песни од легендите на македонската песна кои не се меѓу живите.

– Која е според  вас најубава стара охридска, “Деспина”, “Русе” или некоја друга?

Микеле: Па повеќе се, не можам да издвојам. Ги има повеќе од “Деспина” до “Русе” до “Ја излези стара Мајко”. Ги има. Нема песна што е лоша.