Веста што го обиколи светот вчера не се однесува ниту на Трамп, ниту на британскиот двор, туку на пластичната чаша за јогурт, која датира од 1976 г. и која скоро неоштетена беше исфрлена на брегот на Коста Бланка. Имено, една жена која собирала ѓубре во Денија, на шпанскиот брег во Коста Бланка, пронашла пластична чаша од јогурт, на која имало знак од Олимпијадата во Монтреал во 1976 година, објави „Метро“. Маите Мампо изјавила дека ја забележила чашата бидејќи го здогледале брендот „Јоппл“, кој „исчезнал“ од шпанските супермаркети пред многу време – уште во 2001 година. „Погледав поблизу и открив дека чашата датира од 1976 година“, рече Маите Момпо. Таа истакна дека нејзиното откритие покажува колку итно треба да се забранат пластичните производи за една употреба, дотолку повеќе што чашата и по 44 години е речиси неуништена.

Според Момпо, ќе бидат потребни 150 години пластиката од која што е направена чашата да се распадне. „Тоа е екоцид на ниво на планетарно ниво. Пластиката не само што убива милиони животни годишно, туку е и во нашиот синџир на исхрана. Студиите неодамна покажаа дека 90 проценти од солта содржи микропластика. Истиот процент е  и во водата за пиење “, рече Маите Момпо. Микропластиката се формира со разложување на поголеми парчиња пластика. Исто така, се произведува за козметичката индустрија. Малите парчиња лесно минуваат низ системите за филтрирање и влегуваат во океанот, каде што се закана за морскиот свет. Неговите ефекти врз здравјето на луѓето сè уште не се прецизирани, но се проценува дека човекот внесува околу 50.000 пластични честички годишно и вдишува уште толку.