Светските медиуми објавија морничави снимки од масовни гробници во кои се погребуваат починатите од коронавирус во Њујорк, додека секојдневно расте бројот на заразени и мртви.

Американската држава Њујорк сега има повеќе потврдени случаи на коронавирус од која било друга држава надвор од САД. Во таа држава се пријавени вкупно 159.937 случаи, што е повеќе од Шпанија, која има околу 153.000 и Италија, која има околу 143.000.

На локацијата Харт Ајланд во Њујорк се снимени работници во заштитни одела како сместуваат во масовни гробници починати без блиски роднини или чии роднини не можат да платат за погребот. „Би-би-си“ јавува дека во четвртокот на таа локација се погребани околу 40 лица. Локацијата која уште од 19 век се користи за погребување на лица кои немаат близок контакт, привремено ќе биде користена како масовна гробница, а потоа телата ќе бидат дислоцирани.

На подрачјето на САД се забележани 462.000 случаи на заразени и 16.500 мртви.

Во моментов во светот се пријавени 1.614.395 случаи на коронавирус, а починале 96.788 лица. А.Р.