Наградите на годинешниот 57. Филмски фестивал во Солун ги освоија филмовите од Унгарија, Исланд и Јапонија. Златниот Александар „Тео Ангелопулос“ и припадна на откачената унгарска комедија „Убиства на тркала“ на Атила Тил, „Сребрениот Александар“ или Специјалната награда на жирито ја доби „Срце од камен“ на Гудмундур Арнар Гудмундсон, додека „Бронзениот Александар“ односно Наградата за најдобра режија отиде кај јапонскиот режисер Јосуке Такеучи за филмот „Сејачот“.

Интересно е дека овие три филма на свој начин ја презентираат и целокупната програма на фестивалот, поточно темите кои годинава беа доминантни. А тоа е, пред се, темата за прифаќањето и темите во кои многу често се провлекуваат моралните прашања за вината, за простувањето, за судбината, за сочувството кон другиот. „Убиства на тркала“ е филм во кој се меша реалното и фиктивното, и иако инвалидите се претвораат во платени убијци на мафијата, сепак, во позадината тоа е филм за болката и за семејството.

„Срце од камен“, пак, низ приказната за тинејџерите го поставува прашањето за прифаќањето на различностите и за неизбежната трагедија кога ќе се соочиме со реалноста. Јосуке Такеучи, пак, сето тоа го прави на еден посуптилен и многу поинаков начин, ставајќи го во центарот семејството и искушенијата кои ќе ги одведат онаму каде што најмалку очекуваат.

„Убиства на тркала“ и „Сејачот“ годинава добија по две награди, и тоа покрај главната, и за најдобри улоги. Така, за најдобар актер беше прогласен тимот од тројцата протагонисти во „Убиства на тркала“: Золтан Фенивеси, Шаболш Турози и Адам Фекете, кои играат инвалиди и кои фантастично го носат филмот. А за најдобри актерки, исто така, беа прогласени две протагонистки, само од различни филмови. Сузуно Такенака за „Сејачот“ и Димитра Влакопулу за улогата во грчкиот филм „Парк“ ја поделија наградата.

Но, ваквиот скор, за жал, не значи дека годинава во Солун имаше и добри филмови. Барем не во главната програма, која пак, е столбот на секој фестивал. Во Солун во интернационална конкуренција се први и втори филмови на авторите и иако годинава за главните награди се бореа дури 17 филма, сепак, програмата беше доста послаба од претходните години. Некако силно се почувствува заминувањето на легендарниот Димитрис Еипидес, кој на фестивалот му го врати квалитетот што го имаше порано, кога на неговото чело беше Мишел Демопулос.

Како и да е, но салите во Солун повторно беа полни и можеше да се видат интересни и многу актуелни филмови во другите програми, а особено во „Балкански преглед“ и „Отворени хоризонти“. Годинава како што јавуваат организаторите на фестивалот кој траеше од 3 до 13 ноември беа продадени над 80.000 билети, а она што е интересно, е дека за сите попознати филмови и автори едноставно не можеа да се најдат карти. Неверојатна е и бројката на гости, но со оглед на се посилниот индустриски дел на фестивалот така расте и оваа бројка, па оваа година се искачи на 1.550 гости.

Програмата „Балкански преглед“ понуди навистина многу возбудлив избор и исклучителни автори. Публиката во Солун можеше да го види најновиот филм на Раду Жуде „Уплашени срца“, кој на еден многу специфичен начин не враќа на времето пред Втората светска војна. Тука беа и филмовите на Зринко Огреста „Од другата страна“, кој ја имаше светската премиера на берлинската „Панорама“, потоа романскиот „Кучиња“ на Богдан Мирица, добитник на наградата на критиката „Фипресци“ во Кан, како и турските филмови „Албум“, кој го освои „Срцето на Сараево“ и „Рауф“, победникот во оваа програма во Солун годинава.

ProdavacМеѓу филмовите за кои се бараше билет повеќе, а кои беа дел од годинешните специјални проекции, беше и најновиот филм на наградуваниот ирански режисер Азгар Фаради „Продавач“. Авторот на филмовите „За Ели“ и „Разделба“ само уште еднаш ја докажува својата психолошка надмоќност кога станува збор за ликовите, кога станува збор за такви напнати ситуации во кои луѓето се соочуваат со себеси на еден сосем неочекуван начин. „Продавач“ е приказна за една млада брачна двојка, која ќе помине низ пекол, кој за жал нема ни да заврши.

Филмот „Песочна бура“ на Елите Зексер од Израел, пак, донесе еден сосем поинаков свет на платното. Светот на Бедуините кои живеат на југот на Израел, каде што судбината на жената е одредена со традицијата и со целата онаа непредвидлива моќ на природата. Бидејќи, што друго може да ја предизвика покорната жена да се спротивстави и се да загуби, освен нејзината грижа за децата и за неочекуваните пресврти кои ги поминуваат и онака порозните граници. Неверојатен филм со извонредни карактери и така исцртани односи во семејството кои поведуваат на едно особено емотивно, но и изенадувачко патување што безмилосно тера на преиспитување.

Тука, секако, би ги споменале и египетскиот „Судир“ на Мохамед Диаб, филм за луѓето со различни политички и религиски убедувања кои ќе се најдат во ситуација да мораат заедно да се борат за да преживеат, како и шведскиот „Иста Ista krvкрв“ на Аманда Кернел, за животот на Лапонците и расистичкиот однос како кон пониска класа, кој беше еден од најсилните филмови во конкуренција, но за жал доби само Награда за човечки права.

Веќе споменавме неколку исклучителни филма на жени-режисери и овде да кажеме дека годинава и на Филмскиот фестивал во Виена, а и на фестивалот во Солун имаше посебна посвета на жените. Во Солун дури имаше и посебна програма насловена „Две од три работи што ги знам за неа“. Станува збор за програма од пет филма на режисерки, во чиј фокус се и судбините на неколку хероини. Тука беше американскиот „Сигурни жени“ на Кели Рајхарт, потоа холандскиот „Лајла М.“ на Мике де Јонг, естонскиот „Мајка“ и по еден филм од Бразил и од Тајланд.

А во образложението: Зошто програма за жени?, беше цитирана изјавата на австралиската режисерка Џејн Кемпион („Пијано“), која вели: „Жените претставуваат половина од популацијата и тие му даваат живот на цел свет. Без нив (без тие да пишуваат и режираат) остатокот од нас нема да ја знае целата приказна. Ајде да се обидеме да ја дознаеме. Без етикетирање.“

Сунчица Уневска