EPA-EFE/KIMIMASA MAYAMA

Бројот на лица заразени со корона вирусот во светот денес надмина 86 милиони, а САД сè уште водат по бројот на заразени и починати како резултат на оваа инфекција, се вели во податоците на веб-страницата „Ворлдометерс“. Во Јапонија има рекорден број на новозаразени со корона вирусот.

Според веб-страницата, од почетокот на корона пандемијата, 86.040.222 лица биле заразени со вирусот во светот, 1.859.022 починале, а 60.960.900 се опоравиле. Во моментов има 23.220.300 активни случаи во светот, а 107.694 лица се во критична состојба, или 0,5 проценти.

Убедливо најголем број на пациенти и смртни случаи има во САД, каде што се регистрирани повеќе од 21 милион случаи и 361 573 смртни случаи.

Според Универзитетот Џон Хопкинс, минатата недела биле регистрирани 2.637 смртни случаи во САД, што значи дека во просек, едно лице заразено со вирусот корона умирало на секои 33 секунди.

Следува Индија со повеќе од 10,3 милиони случаи и Бразил со над 7,7 милиони случаи на коронавирус.

Куомо: Првиот случај на британскиот вид откриен во Њујорк

Во градот Саратога Спрингс е откриен високо заразниот британски вид на корона вирус, што е прв познат случај на таа варијанта на вирусот во сојузната држава Њујорк, изјави гувернерот на Њујорк, Ендру Куомо.

Куомо рече дека 60-годишен маж неодамна бил позитивен на тестот за мутиран вид на Ковид-19 и дека се опоравува. Според „Њујорк пост“, се верува дека пациентот, кој не бил идентификуван по име, се заразил во златарница во Саратога Спрингс.

Британскиот вид коронавирус претходно беше откриен во САД во Колорадо и Калифорнија.

Јапонија: Рекорден број на новозаразени со коронавирус

Бројот на новозаразени со корона вирусот во Јапонија денес достигна рекордна бројка од 4670, објави комерцијалната НТВ.

Вкупниот број на заразени во Јапонија сега е 248.517, објави Ројтерс.

Јапонската влада размислува за воведување вонредна состојба во и околу Токио, како што расте бројот на случаи со коронавирус.

Австралија: Граѓаните да се тестираат и да останат дома

Најнаселената австралиска држава Нов Јужен Велс апелираше до жителите на трите најголеми градови да се тестираат за корона вирусот и да останат дома, затоа што постојат стравувања дека кластерот заразени од Сиднеј може да се прошири на целиот регион.

Стравувањата резултираа со забрана за граѓаните на многу предградија да присуствуваат на дербито во крикет меѓу Австралија и Индија на 7 јануари, и беше испратен апел до сите да се тестираат доколку забележат какви било симптоми, објави Ројтерс.

По откривањето на 4 нови локални случаи, властите апелираа движењето да се сведе на минимум.

Во Бразил нови 20.006 случаи, 543 лица починаа

Бразил во понеделникот објави 20.006 нови случаи на коронавирус, соопшти Министерството за здравство на земјата.

Според соопштението од министерството, 543 лица починале, пренесува Ројтерс.

Од почетокот на пандемијата, во Бразил се регистрирани повеќе од 7,7 милиони случаи на коронавирус и скоро 200.000 смртни случаи.

Јужна Кореја: Во последните 24 часа 7 мртви, 715 заразени

Во последните 24 часа, во Јужна Кореја се регистрирани седум починати пациенти и 715 новозаразени со коронавирус.

Во исто време, се повеќе сопственици на спортски сали најавуваат дека ќе ги отворат своите капацитети за посетителите во знак на протест против рестриктивните социјални мерки, објави Ројтерс.

Од почетокот на пандемијата во Јужна Кореја, потврдени се 64.979 случаи на ковид-19 и вкупно 1.007 смртни случаи кај пациенти со ковиди.

Уште 20 инфекции со новиот вид на Ковид-19 во Индија, вкупно 58

Индија пријави уште 20 случаи на инфекција со новиот вид на коронавирус, откриен претходно во Велика Британија, со што вкупниот број на потврдени случаи достигна 58.

Здравствените власти не наведоа дали инфекциите биле потврдени кај луѓе кои се вратиле од Велика Британија или станува збор за локално пренесување на новиот вид на Ковид-19, пренесува АП.

Владата неодамна одобри итна употреба за две вакцини, едната е изработена од Универзитетот Оксфорд и британскиот производител на лекови „АстраЗенека“, а другата од индиската компанија „Барат Биотек“ и владин институт, соопшти агенцијата. А.Р.