Пишува: Сунчица Уневска

Филмот „Мими“ на Даријан Пејовски се наметна како голем голем предизвик. Но, не затоа што е добар филм или провокативен на било каков начин, туку затоа што е толку слаб и толку спротивен на сите најави и очекувања, што едноставно ве тера да се преиспитате, но само во поглед на пристапот и начинот на пишување за него. Бидејќи, не е целта еден филм, освен кога тоа не е, да се сосече во корен и да се нагласува негативното, односно да се анализира она што е толку промашено. Не е целта да се нема респект кон сработеното, затоа што тука и не се работи само за режисерот и сценаристот, туку за редица автори кои својот дел од работата го завршиле добро и од него извадиле максимум (толку колку што во дадениот случај и можеле). Не, не е тоа целта. Токму затоа „Мими“ се покажува како предизвик, како едно големо прашање – на кој начин да го избегнете сето тоа, а да кажете за колку лош филм станува збор, за колку слабо остварување се работи и колку она што е замислено, барем според многуте изјави дадени пред, па и после тоа, воопшто, не е остварено.


„Мими“ е навистина разочарувачки филм, првенствено затоа што (повторно според најавите) наместо да ги урива клишеата и табуата, тој е нешто сосем спротивно, тоа е филм преполн со клишеа во кој табуата или предрасудите, не само што се присутни, туку со целиот контекст имате впечаток дека се поддржани. Некако како авторот да не е начисто колку сеприсутното клише му штети на филмот и како да не му е јасно која му е, всушност, намерата со споменатите табуа. Со други зборови, целиот филм се потпира на клишеа и табуи, но не прави ништо со нив, напротив, тие се нитките од кој е исткаен. Меѓутоа, без никакво но, без никаква дистанца, без осуда, без надминување, без иронија или апсурд, без алузија, без што и да е што би покажало став.


Многу е тешко да се прави филм за нешто што не го разбирате и во чија суштина не можете и не умеете да навлезете. Многу е тешко да си замислувате нечиј живот, или судбина, болка или емоција, а тие да не се проживеани, а тие да не се искуство, неважно чие. За да се направи некој вид психолошка драма или трилер, прво треба да ја познавате психологијата, да можете да навлезете длабоко во оние затскриени потреби и мотиви, да можете да го препознаете она емотивно треперење невидливо за голо око, она што тишти, што мачи, што не дава мир. За да направите психолошка драма суштествено е секако да изградите ликови, да изградите карактери и ситуации, да го доведете гледачот до степен да ги види, ако не и да ги почувствува. Не можете на сила да создавате „природни“ ситуации. Тоа е невозможно. Не можете да глумите „природен дијалог“ од нигде никаде, во кој ќе се правиме дека сме спонтани, дека разговараме толку слободно и неврзано, дека се дружиме како сите млади денеска по кафулињата, дека зборуваме жаргонски за најинтимните работи како да се знаеме којзнае од кога…


Не можете да глумите (зборувам секако за авторот) некаков спонтан дијалог со мноштво вештачки фрази, со изнасилено „природно“ однесување, каде што баш се чувствува намерата да се биде природен на сила. Тоа се чувствува, се чувствува наметнатата непосредност и божемна рутина, не можете да се претворате дека тој толку провиден дијалог, пристап и позерство се нормални и едноставни, кога се направени со очигледна намера да бидат такви. Неверојатно е колку се лоши тие дијалози, колку контраефектни во контекст на целото дејствие (а за приказна, која ја нема, и да не збориме), неверојатно е преправањето кое што авторот го очекува од своите актери за да ја долови или да не убеди во нивната природност и непосредност. Дури да ти е жал за тоа, колку многу труд се вложило во нешто што е толку фарсично и провидно.

Од друга страна, во филмот ја имате обземеноста со мајчинството на тотално неприроден, наместен, па дури и опсесивен начин, каде што сè во филмот, па дури и кучето (да бидам јас иронична) е поврзано со тоа. Па дури и да се работи за трилер, премногу е. Или да бидам појасна, овој филм наликува на оние петпарачки трилери или да речеме Б продукција (која секако си има свои законитости), каде што се „логични“ оние опсесии што доведуваат до такви „застрашувачки екстреми“ кога протагонистот или протагонистката се обидува да го преземе ликот на мајката или „да ја истурка“ и да го заземе нејзиното место во нејзиното семејство. Сме гледале многу лоши филмови на оваа тема, па веројатно повеќето знаат за што зборуваме.


Овој филм не би можела да го наречам трилер, бидејќи не е, мистериозност нема никаква, за напнатост и атмосфера ич да не збориме, а за урбаност, освен фотографиите и добриот избор на агли и места во градот, уште помалку. И каков е тој контраст меѓу провинцискиот и урбан начин „на живеење и размислување“, дали е ова филм за клишеа или против нив, дали овој филм сака да зборува за погубноста на табуата или сака да потоне во нив. Целиот филм има една бесмислена линија и ништо повеќе. Навистина, која е неговата цел? А алузијата на филмот „Три бои. Сино“ е очајна. Затоа што едно вакво површно, празно и апсурдно дело да прави алузија со филм кој има култен статус токму поради обратното, поради длабочината, извонредната психолошка изнијансираност, дефинираната емотивност во целиот хаос на соочување со невозможното, доловувањето на неверојатен начин на смислата и идејата, итн, итн, е навистина очајно. Па, дури и навредливо.

Реков на почетокот, дека не ми е сеедно за целата екипа, но навистина не можам да зборувам за улоги кога нема карактери и кога сè е толку неприродно, не можам да зборувам за ефектна фотографија или за тоа каков е приказот на градот кога нема контекст, не можам да зборувам за музика кога нема ефект, нема што да нагласи, да поддржи или навести, не можам да зборувам за светло (што има особена улога токму во „Три бои. Сино“) кога тоа овде нема функција, не можам да зборувам…. Даријан Пејовски имаше доста проблеми и со неговото деби од пред седум години, „Три дена во септември“, иако успеа да му даде некаква заокруженост и смисла, покажувајќи одреден потенцијал. Но, во меѓувреме, наместо да научи од грешките, напротив, тој само потврди дека за вакви филмови, сепак, не е дораснат. Штета.