Пишува: Валентина Ѓоргиевска Парго

ТЕХТ.МК:Пред неколку дена во Осло, поточно на 10 декември 2017, свечено беше доделена Нобеловата награда за мир, а малку пред тоа осамна веста дека годинава и Македонија учествува во неа, преку признанието доделено за меѓународната кампања ICAN , чиј дел е и Новинари за човекови права од Скопје. Најпрво, честитки до Вас, како основач на оваа организација, кои се Вашите импресии од овој чин?

Н.Д.С: Да се биде дел од една кампања како ICAN која има за цел да се елиминира нуклеарното оружје во целост е голема чест и задоволството да се соработува со над 400 организации од повеќе од сто држави е неверојатно искуство. НЧП е еден од првите членови на оваа коалиција и иако Македонија никогаш не била таргет на нуклеарното оружје, ниту како земја производител или земја во која се склaдира истото. Заложбата за мир во светот преку забрана на секаков вид на (не)конвенционално оружје не однесе во коалиции кои се залагаат за мир во светот, а во кои ние го даваме својот максимум преку ширење на идејата и лобирање до нашите политичари и Македонија да му даде шанса на мирот преку потпишување на Резолуции, Договори, Конвенции…Само колку за потсетување Македонија е потписник на Договорот за движење на оружјето, потписник на Конвенцијата за забрана на касетна муниција, Договорот за забрана на анти пешадиски мини. За жал Македонија се уште го нема потпишано Договорот за целосна забрана на нуклеарното оружје, како резултат на амбициите за членство на државата во НАТО, но лично сметам дека членството во оваа организација не смее да биде причина Македонија да не го даде својот глас за мир во светот, особено сега кога можноста од негово активирање е се погласна.

ТЕХТ.МК: На дел од јавноста се уште не сосема и се верува дека и Македонија навистина е дел од Нобеловата за 2017.  Во 1979 година, скопјанката  Мајка Тереза, како светски ѓраганка е добитничка на оваа награда.  Како всушност и Вие се најдовте во оваа комбинација?

Н.Д.С: НЧП досега ја има на листата на две нобеловни награди за мир. Прв пат во 1997 кога Коалицијата за забрана на анти пешадиски мини, предводена од Џоди Вилијамс ја доби Нобеловата награда за мир и оваа година кога истата оваа награда ја доби кампањата ICAN, предводена од Беатрис Фин. НЧП и во двата случаи се најде на листата на добитници како дел од коалициите кои се залагаат за забрана на овој вид на оружје.

ТЕХТ.МК: Како ја прославивте наградата? 

Н.Д.С: Имајќи во предвид дека во Осло можеа да одат само одреден број на активисти, односно по еден член од организација, нашиот тим одлучи доделувањето на наградата да го означиме тука во Скопје, заедно со нашите пријатели и подржувачи. Доделувањето го следевме преку онлајн стриминг на настанот и истовремено повикувајќи ја Македонија да го потпише Договорот за целосна забрана на нуклеарното оружје.

ТЕХТ.МК: Кои се Вашите релации со ICAN, каква соработка имате, какви активности?

Н.Д.С: Соработката со ICAN e континуирана од самите нејзини почетоци, па се до сега и се разбира продолжува и понатаму…Следниот заеднички состанок ни е планиран за април, а дотогаш имаме за цел да го испровомираме Договорот и да лобираме и Македонија да биде дел од него. Во рамките на Кампањата се формираше и регионална канцеларија за земјите од југоисточна Европа, со седиште во Белград, во која градиме одредена стратегија, соработуваме, органзиираме тренинзи, состаноци…И верувам дека ќе се залагаме се додека и последната држава не го потпише овој Договор.

ТЕХТ.МК: Да не запознаете и со организацијата „Новинари за човекови права“. Кога е основана оваа организација?

Н.Д.С: На почетокот на деведесеттите од минатиот век кога невладиниот сектор беше во зародиш, неколку новинар(к)и кои покривавме социјални теми се организиравме во неформална група на граѓани со цел да им помогнемем на децата на улица…И, така запона нашата приказна која што трте повеќе од 20 години…Како што се развивавме така растеа и нашите интереси, за да на крај се согласиме општа цел на организацијата да биде постигнување на поголема транспарентност и објективност во информирањето, изградба на еден вредносен систем во кој ќе се почитуваат правата на децата, еднаквоста меѓу половите, загарантираноста на женските права како човекови права и елиминирање на дискриминацијата на жената во општеството и семејството и гарантирање на правото на чиста животна средина. Наша цел е да бидеме коректор на власта за одредени теми на кои работиме, а тоа го правиме на тој начин што испраќеме информација за да испровоцираме дебата и да помогнеме во почитувањето на културните и моралните вредности во земјата, без разлика на верата, јазикот, полот.

ТЕХТ.МК: Во текот на 20 годинишната работа и бројните активности, ангажмани и проекти има многу за што да се зборува. На што  Вие ставате најсилен акцент?

Н.Д.С: Има неколку работи за кои верувам дека направија одредени померувања во Македонија…Прво беше иницијативата за цивилно разоружување која ја спроведуваше Македонија, а ние ја предводевме кампањата од невладиниот сектор. Притоа одлучивме да си „играме“ разоружување и меѓу децата со што секое дете кое ќе врати играчка што асоцира на оружје – ќе добие како компмензација за играчката, книга.  Верувале или не собравме толку многу играчки што претставуваа оружје, колку да изградиме една трикатна куќа. Целата таа пластика ја дониравме во театар.

Исто така верувам дека проектот за хемикалии во производите за деца привлече големо внимание меѓу граѓаните. Тестиравме играчки во неколку градови низ Македонија, а резултатите покажуваа дека 70 отсто од нив имаат хемикалии штетни по здравјето на децата. Со тоа ги натеравме купувачите да се грижат за тоа што купуваат, да бараат декларација на производите, да внимаваат од каде купуваат…Отворениот телефон што го имавме во тој период за пријавување на производи без декларација или со сомнителен квалитет звонеше непрестано цела година…Исто се случува и сега на полето на правичниот ристап до безбедна вода и санитација– граѓаните не ја сфаќаат пристапноста до вода и санитација како нивно право, но сега почнува да се менува свесноста…

ТЕХТ.МК: Периодов, како организација, бевте актуелни и со големата Меѓународна конференција за „Правичен пристап до вода и санитација“. Како засега поминува оваа ваша идеја?

Пристапот до вода и санитација е основно човеково право и ние се залагаме граѓаните да го разберат тоа и да се изборат за тоа нивно право. Но, истовремено сакам да им објасниме дека водата за да ја имаме мораме и да ја чуваме…Се обидуваме, на пример, да и објасниме на јавноста дека ветувањата за бесплатно користење на водата се лажни, бидејќи за да имаме безбедна вода таа треба да се одржува, да се одржуваат системите, а тоа чини…Или дека секое училиште мора да има пристапни тоалети за секое дете. Замислете имаме училиште во урбани средини каде има нови тоалети, но шољите не се достапни за нив…Имаме училишта,  пак, во кои реновираните тоалети се заклучени и се достапни за користење само од страна на наставниците. Скопје, а речиси ниту еден друг град немаат јавни тоалети…И тоа сега, во 21 век!

ТЕХТ.МК: Во октомври Вие и претставничка од НЧП ги претставувавте женските права на Меѓународна конференција на Франкофонија во Букурешт, на тема „ Не молчи, да го запреме насилството против жените„. На што најмногу се задржавте во вашите излагања?

Н.Д.С: Ова беше трета конференција од страна на Организацијата на франкофонијата. Првата беше во Ереван, втората во Кишињев и оваа во Букурешт. Темата на сите три беше родовото базирано насилство во земјите од каде што доаѓаат учесниците. И во сите три години имавме речиси исти презентациј и тоа не заради тоа што учесниците не подготвуваат нови, туку заради тоа што државите не превземаат ништо за менување на состојбите. Сите се соочуваме со ист проблем…Од тие причини, а за да не се повторуваме оваа година ние го презентиравме нашиот проект „ Не молчи, да го запреме насилството против жените„ кој е подржан од германската организација WWDP, а се состои од женски приказни во кои жени сведочат за насилствата врз нив. На тој начин сакаме да ги натераме сите да размислуваат за последиците и траумите што ги преживуваат жртвите и повикуваме да не молчат, туку да реагираат и да го запрат насилството. Досега имаме објавено над 30 приказни на порталот www.text.mk.

nata

ТЕХТ.МК: Конференциите се  одлична платформа и другите да ја видат Вашата работа, но и да се запознаете со работата на активист(к)и од другите земји. Каков е Вашиот впечаток во однос на она што како споредбени информации на оваа тема, го дознавте на конференцијата во Букурешт?

Н.Д.С: Информациите кои беа рзмененети во Букурешт ги потврдија моите сознанија дека родовото базирано насилство е епидемија секаде, а не само кај нас. Во Букурешт имав можност да слушнам каква е ситуацијата во поголем дел од франкофонски држави од регионот, но и во Тунис, на пример. За среќа во меѓу периодот Македонија ја ратификува Истанбулската Конвенција, па да се надеваме дека по ова работите во однос на родовото базирано насилство ќе се подобрат, а со тоа и условите на жртвите.

ТЕХТ.МК: Правата на луѓето, борбата против стереотипи, предрасуди, дискриминација, се Ваш приоритет. Кога сами би си ја оценувале целокупната досегашна работа на НЧП, до кој степен е Вашето задоволство од постигнатото? 

Н.Д.С:Новинари за човекови права како правен субјект постои од почетокот на 1999 година, додека како неформална група на граѓани делуваме од 1996 година, што значи делуваме повеќе од 20 години. Ако се земе предвид дека во овој период имаме имплементирано над 20 проекти, имаме учествувано на повеќе од 100 меѓународни конференции каде сме ја претставувале и државата и организацијата, две Нобелови награди како дел од две големи Коалиции, имаме издадено над 30 публикации, на нашите тренизни поминале 100 млади новинари евироменталисти…говори дека зад нас имаме оставено дела кои говорат сами за себе…А, задоволството е уште поголемо и кога ќе се препознаете и во проекти на други невладини организации…

ТЕХТ.МК: Како активистка која неколку пати месечно, со години наназад, е присутна на европска, а напати и на меѓународната сцена, имате остварено доста амбиции. Која е следната?

Н.Д.С:Последниве неколку години сум посветена на промовирањето на заштитата на животната средина од аспект  на човековите права, па лично се гледам во тој ресор и тоа преку меѓународната коалиција Balkan Wash Network, на чие лидерско место застанав неодамна и од каде што мислам да произлезе кредибилна организација која ќе се залага за вода и санитација до секого, а со самото тоа и здрава животна средина, на која и пркосат климатските промени.

 ТЕХТ.МК: Човековите права се широко поле на дејствување, но и постојана инспирација за оние кои се оддадени на таа, никогаш завршена, битка. Што е најновиот предизвик?

Н.Д.С: Погоре веќе кажав, а убаво е и да надополнам дека последниве неколку години сум посветена на промовирање на правичен пристап до вода и санитација, управување со менструалната хигиена, родовата застапеност во бизнис заедницата…И се разбира достигнување на Целите за одржлив развој!