четврток, април 25, 2024
домаЖивотЗдравјеНаучниците од МИТ дизајнираа силиконска маска за повеќекратна употреба

Научниците од МИТ дизајнираа силиконска маска за повеќекратна употреба

Научниците од Технолошкиот институт во Масачусетс (МИТ) дизајнирале маска за повеќекратна употреба која може да се стерилизира и да се носи повторно, а обезбедува иста заштита како и маската N95.

Маската наречена „iMASC“ нуди ниво на заштита споредливо со маските N95, велат нејзините креатори. Ова е делумно затоа што користи филтер N95 кој ги задржува честичките на вирусот и ги спречува понатаму да навлезат во устата и носот, пишува „Си-Ен-Ен“.

Двојните филтри што ја покриваат устата може да се заменат и после секоја употреба, велат истражувачите.

Во студијата за „iMASC“ објавена во „Бритиш медикал џурнал опен“, истражувачите рекоа дека недостатокот на лична заштитна опрема во болниците создава потреба од опрема за повеќекратна употреба.

Тие се обиделе да направат маска слична на маската N95. Користејќи 3Д принтер, тие направиле силиконска маска и ја тестирале нејзината употреба меѓу медицинските сестри и докторите. Маските се транспарентни, добро се лепат на лицето и имаат филтри кои лесно можат да се заменат. Новата маска се покажала добро на тестирањето.

Материјалот на кој се фокусирале бил силиконска гума, синтетика која вообичаено се употребува во медицинската индустрија која лесно може да се стерилизира со различни методи, вклучително и употреба на алкохол, пареа или зрачење.

„Овие маски сè уште не се подготвени за испорака, но кога тоа ќе се случи, нивната цена најверојатно ќе биде околу 15 американски долари“, наведува „Фаст компани“.

Тимот кој стои зад „iMASC“ чека одобрение од Управата за храна и лекови на САД (ФДА), по што маските ќе се продаваат прво во болниците, а потоа и на пошироката јавност, а кога ќе биде тоа сè уште не е објавено. А.Р.

RELATED ARTICLES

Most Popular