Доколку македонски граѓани се разболат и треба да се лекуваат во Албанија или Србија, ќе им биде покриено лекувањето и не треба да плаќаат од свој џеб, а тоа ќе важи и за граѓаните на Албанија и Србија доколку се затечат на наша територија и им е потребна помош. Ова е дел од помошта која земјите меѓусебно ќе си ја даваат во случај на преоптоварување на здравствените системи во рамки на соработката во услови на КОВИД-19 кризата кои произлегуваат од иницијативата за напредна соработка во рамките на Берлинскиот процес и денешниот потпишан меморандум.

Ова беше соопштено по денеска остварената средба преку интернет видео врска на премиерот Зоран Заев, придружуван од министерот за здравство Венко Филипче со претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерите на Албанија и Србија, Еди Рама и Ана Брнабиќ, на која беше одлучено да биде овозможено патување меѓу Македонија, Албанија и Србија без ПЦР тестови.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ рече дека од пресудно значење е оваа соработка, а меморандумите кои беа денеска потпишани ќе помогнат да функционираат земјите и во услови на глобална пандемија.

„Со поедноставување на постапките, овозможуваме подобар развој на економијата која е клучна во овој период, очекувајќи ги уште поголемите економски последици кои произлегуваат од коронакризата“, изјави Вучиќ.

Премиерот на Албанија Еди Рама додаде дека е среќен со потпишувањето на денешните договори кои ја поттикнуваат слободата на движење на граѓаните на Северна Македонија, Албанија и Србија. Според Рама, со утрешниот Софиски самит почнува нова фаза во нашата блиска соработка, кога во оваа иницијатива и соработка ќе се вклучи Косово, а очекуваме и вклучување на другите држави од регионот на Западен Балкан.

Премиерот Заев истакна дека веќе се работи на координација околу обезбедување на вакцина за КОВИД-19 за граѓаните на трите земји.

„Меѓусебно ќе се поддржуваме и ќе си помагаме во моменти доколку се случи преоптоварување на здравствените системи во нашите земји. Отвораме зелени коридори за патување на нашите граѓани и економските оператори со кои се ублажуваат последиците од КОВИД-19. Граѓаните и пред се носителите на економијата ќе се движат помеѓу трите земји без потреба од ПЦР тест, односно ќе се ослободат од административен и финансиски товар граѓаните на нашите држави, притоа почитувајќи ги сите мерки на заштита кои се речиси идентични“, рече Заев. А.Р.