Оперската дива, сопранот Анџела Георгиу од Романија заедно со Оркестарот на Националната опера и балет на Македонија и под диригентската палка на Теодорашку Артаманов од Романија, на 12 јули на Античкиот театар во Охрид ќе го отвори годинешното 63-то издание на фестивалот „Охридско лето“.
Ова денеска на прес-конференција го најави директорката на НУ „Охридско лето“ Наташа Поповиќ која истакна дека секое успешно издание на фестивалот започнува со најголемите, најславните и највозвишените уметници.

– Анџела Георгиу важи за најгламурозната оперска ѕвезда. Нејзиниот прекрасен глас ја прави сцената блескава секаде каде што настапува по светот. Се вбројува меѓу најдобрите изведувачи во историјата на операта, со исклучителен вокал, техника и длабока драмска и музичка интелигенција, рече Поповиќ.

Најавувајќи ја програмата на годинешното 63-то фестивалско издание, директорката Поповиќ појасни дека големо име ќе има и во драмскиот дел од програмата.

-Големо име имаме и во делот на драмската програма, светски познатиот актер, продуцент и режисер Џон Малкович. Американската филмска ѕвезда со проектот во режија на Михаел Штурмингер „Вечер на Џон Малкович“ во придружба на сопраните Чен Реис и Сузан Лангбеин и Оркестарот на Виенската академија е најексклузивниот гостин кој ќе се запише во листата на најголемите уметници кои настапиле низ фестивалската историја на „Охридско лето“, додаде Поповиќ.

Селекторката на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“, Бисера Чадловска, рече дека покрај спектакуларното отворање, годинава фестивалот нуди врвни музички имиња од земјава и светот.

– Од светските имиња, ќе издвојам неколку: светски познатиот виолинист Немања Радуловиќ и оркестарот Double Sense, Френк Дупре џез трио, како и пијано рецитал на Френк Дупре, виолинистката Ирина Муресану со оркестарот „Фејмс“, камерниот оркестар „Кончертанте“ од Ниш, кларинетистот Пабло Бараган заедно со пијанистот Елоис Бела Кон, камерниот ансамбл La Spagna, дувачкиот камерен ансамбл “Камерата академика“ од Словенија, виолинистот Роман Симович, светски познатиот пијанист Алексеј Ботвинов, концерт на Јозеф Тавардос на уд и уште многу други исклучителни уметници. Од домашните имиња ќе имаме можност да ги слушнеме пијанистите Дино Имери и Мимоза Ќека со индивидуални рецитали, пијано дуото Гелебешеви, триото „Аура“, традиционалниот концерт на Музичка младина на Македонија, дувачко трио со концерт посветен на флејтистот Илија Зимбо и за крај на музичката програма, ден пред Свеченото затворање, хорот „Про арс“ под диригентство на Сашо Татарчевски, со едно ново создадено дело на професорот Живојин Глишиќ, со наслов „12 месеци“. За роденденот на фестивалот, на 4 август, ќе слушаме фадо музика, во изведба на Жоана Амендоеира, Педро Амендоеира и Жоао Филипе, изјави музичката селекторка Бисера Чадловска.

Селекторката на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“, Сања Арсовска, рече дека театарската програма годинава може слободно да се нарече „Издание на големите“.

-63-тото издание на „Охридско лето“, својата театарска програма ја отвара со Стивен Фридмен и Офф Бродвеј претставата „Бикот на Фаларис“, извондредна автобиографска монодрама за еден генијален ум во потрага по одговорите на есенцијанлите животни прашања, вадејќи го екстрактот на убавото во секоја човекова болка. 26 јули 2023 ќе остане запаметен по тоа што „Охридско лето“ ќе приреди историски настан, носејќи едно од најголемите светски глумечки имиња на сите времиња, Џон Малкович. Претставата„ Пеколна комедија- Исповедта на еден сериски убиец“, во режија на Михаел Штурминген, а во главната улога на Малкович во придружба на два сопрани и оркестар, на еден мрачно – комичен начин ќе ја обработи церебралната изопаченост на еден убиец. 29 јули е резервиран за уште една голема претстава, „Ана Карењина“, во продукција нa „Ујвудеки Зинхаж“ од Нови Сад, а во режија на нашиот режисер Дејан Пројковски. Една од најнаградуваните претстави во регионот во изминативе години, работена според Толстоевото големо дело со егзалтиран наратив и познатиот неговиот маестрален опис на малите животи и одлуките со кои може или не може да се живее, рече Арсовска.

Според неа, „Охридско лето“ ќе ја има првата премиера од домашна продукција на 6 август, со Театарот „Јордан Хаџи Константинов -Џинот“ од Велес и претставата „Едвард Втори” по текст на Кристофер Марлове, режирана од украинскиот режисер Андриј Жолдак.

-На 10 август го имаме Охридскиот народен театар со „Серјожа е туп“ од Димитри Данилов, а во режија на Дајана Николовска, на 14 август Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ ќе даде сценски приказ на едно од најголемите книжевни дела „Декамерон“ од Џовани Бокачо, во драматизација на Лидија Митоска- Ѓорѓиевска, а во режија на феноменалниот Мартин Кочовски. На 18 август ни доаѓа Градскиот театар од Љубљана со претставата „Нора“ од Ибзен, претстава која ја обележа оваа театарска сезона во Словенија, режирана од нашата најдобра режисерка Нела Витошевиќ, во чија главна улога настапува една од најголемите словенечки актерки, Ајда Смрекар.За затворање на фестивалот, jа имаме најголемата регионална ѕвезда, актерот Милош Биковиќ во претставата Лагата од Флоријан Зелер, во режија на Никола Љуца, а во продукција на Белградскиот драмски театар, најави драмската селекторка Сања Арсовска.

Од 12 јули до 20 август, љубителите на уметноста ќе имаат прилика да уживаат во 34 концерти, седум театарски претстави, а програмата ќе биде збогатена и со балет, изложба на фотографии и промоција на книга. „Охридско лето “ ќе биде домаќин на над 1000 уметници од 20-тина земји од светот, Србија, Чешка, Италија, Словенија , Полска , Франција, Турција, Израел, САД, Украина, Шпанија, Црна Гора, Грција, Германија, Романија, Португалија, Египет, Русија,… и секако, уметници од Република Северна Македонија.

„Охридско лето“ се искачи на високото петто место меѓу првите пет меѓу 140 фестивали, членки на Европската асоцијација на фестивали(ЕФА).

-Членството во оваа елитна асоцијација е доказ дека „Охридско лето“ е на вистинскиот пат во неговата меѓународна афирмација но и потврда дека културата, уметноста и традицијата кои се создаваат на фестивалската сцена во древниот Охрид, го опишуваат кодот на нашиот народ и зборуваат за неговото постоење низ вековите, неговата посебност и специфичност, истакна на денешната прес-конференција директорката на НУ „Охридско лето“ , Наташа Поповиќ.

Таа изрази огромна благодарност до Претседателот на државата кој е покровител на фестивалот, до Владата на Република Северна Македонија која преку ресорното Министерство за култура вложува во развојот и унапредувањето на културата, до Општина Охрид , до генералниот спонзор Македонски Телеком, како и до останатите спонзори, помагатели и почитувачи на уметноста и на културните вредности.