Овогодинешниот „Октоберфест“, најголемиот фестивал на пиво во светот и најголемата национална прослава во светот, е откажан поради пандемија на коронавирус, објавија во вторникот баварскиот премиер Маркус Содер и градоначалникот на Минхен, Дитер Рајтер.

„За нас е навистина тешко и е неверојатно жално“, рече Содер.

Тој објасни дека народните прослави како Октоберфест „живеат од близината на посетителите“ и масовната посетеност и дека во таква ситуација не може да се исклучи новото ненадејно ширење на коронавирусите.

„Ширењето на вирус на ваков настан ќе биде неизбежно и не можеме да го дозволиме“, истакна Содер.

Градоначалникот на Минхен, Дитер Риитер, исто така, жали, но е и загрижен за економската штета предизвикана од откажувањето на најголемата светска јавна прослава, која годишно ја посетуваат околу шест милиони луѓе.

„Ова е емотивно тежок момент за мене и економски тежок момент за градот“, рече Рајтер на заедничката конференција за медиуми.

Според градот, повеќе од 1,2 милијарди евра се слеваат во градот за време на Октоберфест, кој требаше да се случи од 19 септември до 4 октомври годинава.

Октоберфест се одржува од 1810 година и досега е откажан неколку пати, во 19 век заради епидемијата на колера и во 20-тиот заради војни и хиперинфлацијата.

Мерките за борба против ширењето на коронавирусот договорени од германската влада и провинциите минатата недела вклучуваат, меѓу другото, и забрана за одржување на големи настани, кои засега формално го вклучуваат периодот до крајот на август.

Баварија е една од двете германски провинции најпогодени од епидемијата на коронавирус. А.Р.