Фото: Taiwan's National Fire Agency/Handout via REUTERS

Најмалку 48 лица загинаа, а над 60 се повредени во Тајван во петокот, откако воз со околу 500 патници излета од шините во тунел, удирајќи во камион кој се лизнал од патот што води кон блиското градилиште. Несреќата, во која загина и машиновозачот, е најголемата железничка катастрофа во претходните четири децении во Тајван.

Возот, кој патувал од Тајпеј кон Таитунг, излетал од шините северно од Хуалиен во источен Тајван. На почетокот на продолжениот викенд по повод нивниот традиционален Ден на чистење гробници, во возот имало многу туристи и луѓе.

Сликите од местото на несреќата покажале распаднати и смачкани вагони, чија состојба ги спречувала спасувачите да стигнат до патниците, иако само две лица останале заробени во остатоците во попладневните часови.

Министерот за транспорт Лин Чиа-лунг пред новинарите на местото на настанот изјави дека возот превезувал околу 490 лица, иако првично беше речено дека има 350.

Тајванските медиуми соопштија дека многу луѓе стоеле за време на возењето бидејќи возот бил полн, а исто така покажале и неколку слики од преживеани кои биле изнесени од тунелот.

„Луѓето паѓаа едни на други. Беше страшно. Цели семејства беа таму“, рекол еден од патниците за локалната телевизија.

Официјалната новинска агенција објави дека се сомнева дека камионот, чија рачна сопирачка не била активирана, се лизнал од патот и го блокирал патот на возот, како и дека полицијата го довела возачот на распит.

Пожарникарите покажаа слика на нешто што изгледа како остатоци од камион што лежи покрај возот.

„Нашиот воз удри во камион“, вели еден човек на видеото емитувано на тајванската телевизија, покажувајќи слики од остатоците.

Дел од возот бил надвор од тунелот, а патниците кои биле во вагоните во тунелот биле однесени на сигурно, објави тајванската управа за железници. На сликите се гледа повреден патник со имобилизација на вратот, како и патници кои извадиле куфери и торби од навалениот воз, како и некои што излегле преку покривот на возот.

Планинското источно крајбрежје на Тајван е популарна туристичка дестинација, а пругата од Тајпеј до источниот брег е позната по тунелите и трасата што го опкружуваат крајбрежјето северно од Хуалиен каде се случила несреќата. Линијата што ги поврзува Тајпеј со Хуалиен е отворена дури во 1979 година.

Државните железници на Тајван се инаку сигурни и ефикасни, но во текот на годините се пријавени неколку несреќи. Во 2018 година 18 лица загинаа и 175 беа повредени кога воз излета од шините во североисточен Тајван, додека во 1981 година 30 лица загинаа при судир во северен Тајван, а во 1991 година уште 30 лица загинаа во железничка несреќа. А.Р.