Опозициската кандидатка Маја Санду победи во вториот круг на претседателските избори во Молдавија, победувајќи го прорускиот актуелен претседател Игор Додон, според првичните резултати на Централната изборна комисија објавени во понеделникот.

Според Комисијата, поранешната премиерка и проевропска претседателска кандидатка Санду освои 57,74 проценти од гласовите, а Додон 42,26 проценти по преброени 99,95 проценти од гласовите.

– Прелиминарните податоци се јасни, тие зборуваат сами за себе – рече заменик-шефот на комисијата, Владимир Сарбан, на конференцијата.

Тој рече дека конечните резултати ќе бидат објавени во рок од пет дена. Според молдавскиот закон, Уставниот суд мора да ги потврди резултатите.

Победата на Санду (48) може да наиде на лош прием во Русија, која оваа година веќе мораше да се соочи со протести и во другите земји од својата сфера на влијание, како што се Белорусија и Казахстан, откако го загуби влијанието во Украина во 2014 година, пренесува „Телеграф“.

Западот и Русија се борат за влијание во оваа поранешна советска република со 3,5 милиони жители, една од најсиромашните европски земји, чија економија беше значително погодена од пандемијата на корона вирусот.

Санду минатата година кратко ја водеше владата, но и беше изгласана недоверба. Нејзиниот противник, 45-годишниот актуелен претседател Додон, е на власт од 2016 година.

Ако нејзината победа биде потврдена, се очекуваат предвремени парламентарни избори да ја зацврсти моќта затоа што парламентот во моментов е под контрола на социјалистите, поранешната партија на Додон.

Молдавија, сместена меѓу Украина и Романија, беше обележана со политичка нестабилност во последните децении. Во 2014 година, Европската унија потпиша договор со таа источноевропска земја за поблиски трговски и политички односи, но Брисел честопати е критичен поради недостиг на реформи во Молдавија.

Русија минатата недела ги обвини САД дека подготвуваат „револуција“ во Молдавија, обвинувајќи го Вашингтон за слично мешање во Белорусија и Киргистан. А.Н.