Недела на современиот дански филм е циклусот кој ќе се случува од одвој вторник, 06 ноември во Кинотеката на Македонија.  Современата данска кинематографија, во овој избор е претставена со шест долгометражни филмови (пет играни и еден документарен), продуцирани во последниве пет години. Овој циклус обединува приказни од психијатриска болница, „обичните“ младешки љубовни врски и љубовта во зрелото доба, прашањето за мигрантите, но и костимирана драма од средновековниот фантастичен свет и документарна драма за модерните етички прашања за правото на живот на секој човек.

Во вторник, 6 ноември во 20 часот е проекцијата на играниот филм „Часот на рисот“  од 2013 година на режисерот Сорен Краг-Јакобсен. Свештеничката Хелен ѝ се обраќа на Лисбет, која е научник, со очајна молба за помош. Млад човек, откако убил стар брачен пар, е сместен на психијатриски оддел со мерки на засилена безбедност. Момчето се обидело да се самоубие додека богохулело, па двете жени се во трка со времето за да го спасат. Започнуваат да навлегуваат сè подлабоко и подлабоко во болниот ум и душата на момчето…

Режисерот Сорен Краг-Јакобсен (1947 година, Копенхаген) е еден од најреномираните дански режисери и соосновач на проектот „Dogme 95“ што ја прослави данската кинематографија и нејзините автори во светот кон крајот на минатиот век. „Dogme 95“ како веристички филмски правец, во кој спаѓаат и попознатите автори Ларс фон Триер и Томас Винтернберг (Lars von Trier, Thomas Vinterberg), се залагаше за филмови снимани на традиционален начин, без специјални ефекти и висока технологија. Краг-Јакобсен е ученик на прашката школа, се стекна со меѓународен успех со МИФУНЕ (Mifune, 1999 г.), но е и популарен музичар.

На 7 ноември(среда) во 20 часот е проекцијата на играниот филм „Долга кратка приказна“ од 2015 година, во режија на Меј ел-Туки. „Долга кратка приказна“ е резиме на љубовните врски на пријателите на Елен, и нивните подеми и падови во период од три години. Приказната е раскажана во осум поглавја, и дејствието на секое од нив се случува на забава по различен повод.

В четврток на 8 ноември во 20 часот ќе биде прикажан документарниот филм од 2015 година „Природно растројство“  во режија на Кристијан Сондерби Јепсен. „Природно растројство“  е документарец за новинарот и комичар Јакоб Носел, кој боледува од церебрална парализа. Режисерот и писателот Јепсен го документира процесот на поставката на автобиографската драма на Носел на сцената на данскиот Кралски театар.

На 9 ноември (петок) во истиот термин од 20 часот е филмот „Посвета на љубовта“ од 2015 година во режија на Михаел Ноер. Мајкл Ноер (1978 година) важи за еден од најталентираните режисери на неговото време.

В сабота, 10 ноември од 20 часот е филмот „Розита“ во режија на Фредерике Аспек. Средовечниот вдовец Улрик (Албинус) живее во мало рибарско гратче на северот на Данска и има два сина. Тие живеат тивок живот, исполнет со рутината на секојдневните обврски во рибарската индустрија. На Улрик му недостасува нежноста и дружбата со жена откако починала неговата сопруга, па како и некои други негови сограѓани, се одлучува на договорен брак со младата емигрантка Розита (Мерседес Кабра) од Филипините, која пристигнува со туристичка виза, на „пробен брачен период“.

На 11 ноември (недела) од 20 часот е проекцијата на филмот „Ќерката на вештерката“ во режија на Кенет Каинз. Приказната на оваа фантастична авантура е базирана на истоимената книга на писателката за деца Лене Кабербол (Lene Kaaberbøl) и се случува во имагинарниот средновековен фантастичен свет со џинови и магии.