Валентина Ѓоргиевска  Парго 
Најмногу на душа ми лежи “Од љубов не се бега “, своевремено во 2012 година ни откри великанот Зафир Хаџиманов во интервјуто кое досега не е објавено. За жал, тој денеска 27 март отпатува во вечноста- нека му донесе мир и спокој.
***
Зафир Хаџиманов е име. Име во антологијата на македонската уметност. Скопјанец, со кавадаречки корени, син на легендата Васил Хаџиманов – собирач на нашето етно културно и музичко богатство, сопруг на легендата Сенка Велетанлиќ, пејачка со реноме, татко на џез ѕвездата Васил Хаџиманов. А самиот тој, Зафир Хаџиманов – пејач, автор, актер, поет,сценарист, култен уметник, легенда, доајен.
*Да почнеме од моментот кога се случи Вашиот прв поголем пробив!
-Многу одамна, или поточно уште во гимназиските денови. Во тоа време беше голем успех ако снимиш професионална снимка на некоја песна за Радио Скопје, а јас мојата прва снимка ја направив на 16 годишна возраст. Со вокалниот состав АБЦД ја одпеав хит мелодијата „Најубав“ која и денес се врти на радио станиците по Македонија, а се најде и во големата Екс – Ју рокенрол антологија. Сепак правиот голем успах ми беа моите  први фестивалски настапи во Загреб и Опатија каде што со песните „Човек како јас„на А. Дедиќ и „Зошто доаѓаш само со дождот„ на А. Вучер ги освоив двете значајни награди. Истовремено имав среќа токму во тие шеесетти години да добијам големи улоги и во два филма: „Нож„ на Ж.Митровиќ и „Крвава македонска свадба на Т.Попов. Со збор – преку ноќ станав ѕвезда.
* Во седумдесеттите Скопските забавни фестивали беа мегдан на кој се докажувавте и каде оставивте песни кои се вечни евергрини. Која од тие песни ви е најдрага, верувам ќе издвоите некоја.
-Тоа прашање е едно од најтешките. Како да се одлучиш меѓу првата награда на првиот скопски фестивал 1968 година и првата награда на последниот 1978 година. Со песните на А.Џамбазов „Срамежливи„ и „Љубов неверна„ и неколку мои авторски мелодии од „Како Вардар„ преку „Туѓа си„ до песната посветена на мојот татко „Зошто„. ?”. Тешко. Сите ми се мили!
* Како се запознавте со дамата Сенка Велетанлиќ, гласот број ден во поранешна Југославија, жената со која имате и неколку незаборавни дуети.
-Ние се знаевме од порано, но за почеток на нашата животна романса пресудна беше една долга турнеја по тогашниот СССР. Тука свативме дека сме создадени еден за друг и дека згора на се мајсторски умееме да запееме заедно, како сто години да сме вежбале. Така зад нас останаа многу прекрасни песни како „Са ноќ седам Трено„ , „Љуби ме и главата горе„…
*Преселбата во Белград и работата во тетар во Нови Сад, веќе на големо ви донесе една слава во поширока рамка. Пеевте народно, забавно, глумевте во мјузкли, пишувавте поезија, песни, книги. Што се, и колку на број? Колку е статистички богата Вашата бесценета продукција, опус, творештво?

-Јас практично никогаш не се преселив во Белград, јас дојдов на студии на тогашната Театарска Академија во југословенската престолнина и среќата и успехот не ми дозволија да се вратам назад во Скопје, но и ден денес чувам едно свое скопско гнездо. Големата убава куќа од мојот дедо Зафир не можев да ја владеам одалеку, но сепак си задржав еден мал убав стан за никогаш да не се чувствувам како странец во моја Македонија. Инаку прашањето ви е многу обемно и ако почнам систематски да набројувам ќе ни треба многу време и ептен дебел тефтер. Еве да се обидам кратко: зад мене се стотици и стотици концерти  и ТВ програми по сиот свет, десетици албуми издадени во поранешна Југославија, СССР, Австралија, Македонија, Србија, Словенија, Хрватска…Потоа три музички книги за деца, пет книги поезија, една книга проза и еден мјузикл: “Шансони на хартија” , “Пес пејачка” (за која ја добив Повелбата Стражилово за најдобра книга стихови во 1984 година)„Азил„ , „Народен пејач„ , „Брат„ , „Кисело весело„ и „Ало будење„. Сите книги ми се издадени и на македонски и на српски јазик. Играв на сцените на Драмски театар од Скопје, Театар Теразије. Опера театарот и Атеље 212 во Белград, СНП Нови Сад и Форум Театар во Бостон, САД. Добив награди како најдобар актер на годината за улогите во „Свирач на покривот„ (Нови Сад, Бостон) и „Клетници„(Белград) и играв во неколку филмови од кои веќе спомнатата „Крвава македонска свадба„ е филм за сите времиња.

*Како еден од најистакнатите и најквалитетни ѕвезди тогаш, добивте шанса да патувате во многу земји по светот. Од Канада до Австралија, од Куба до Сибир… Што ви донесоа како искуство и знаење тие долги турнеи?
-Огромни, пребогати сознанија. Видов и запознав различити земји, луѓе, култури, традиции, обичаи…Научив јазици. Англиски додуша учев и во моето основно образование, но го усовршив на неколку студиски и работни престои во САД, Канада, Австралија. Руски зборувам благодарение на две години поминати на турнеи по СССР. Италијански пристојно знам затоа што Италија е земја на мојата младост. Српскиот ми е втор јазик. Смеам да тврдам дека го владеам подобро од многу Срби. Мајчиниот јазик го чувам и негувам како најмило чедо, меѓу останатото затоа што дури кога ќе го прошеташ светот ти станува кристално јасно како се сака и чува татковината!
*Автор сте на најразлични тематски песни, секоја од нив ставена во љубовна конотација. Како настанува тажна, а како весела песна? Велат тажните луѓе ги пишуваат најубавите весели песни, а веселите луѓе создаваат тажни песни. Има вистина во тоа? Кој момент, како инспирација, ја носи песната во перото на авторот?
-Има нешто што се вика дарба или талент. Човек кога ќе се роди со дарба не мора да следи било какви лекции, дефиниции, правила и учила за да роди нова творба. Едноставно сѐ се случува сосема спонтано. Се разбира дека треба да се учи занаетот, но творештвото не може да се научи, тоа се живее. И моментот на егзекуција на песната е непредвидлив. Ееј, колку пати сум се разбудил среде ноќ и сум седнал за пијаното да ја вообличам сонуваната композиција или стих.
*”Љуби ме и главата горе”!. Како се создаде овој бесценет музички бисер, музичка магија која со секое слушање предизвикува возбуда, романтика, трепет.
-Реков едноставно и спонтано. Григор Копров ми ја отпеа мелодијата, јас се воодушевив и веднаш седнав да напишам стихови. Се случи најубавото – стиховите ја надградија мелодијата и се роди песна за мерак! Нормално ја ставив и во една од моите книги.
* Своевремено, со веселата “Лидуду”, како текстописец, за малку ќе отидевте на Евровизија. Жалите за таа пропуштена шанса?
–  Жалам и за „Лидуду„ и за уште безброј такви пропуштени прилики, но животот е често суров и неправеден. За среќа понекогаш умее да те изненади со некоја убавина. Замислете си само – јас добив главна ролја во театарор Форум во Бостон само 24 часа од пристигањето во САД.Чудо!
* Денешните пејачи што и да направат нема да можат да станат што беа некогашните. Што имаше минатото време, кое донесе цел бран на легенди, а што недостига денес?
– Ајде да не бидеме исклучиви. Ние пеевме со задоволство,со радост. Денешната забавна индустрија е немилосрдна. Диктира некои правила на игра каде што парите се сѐ и сешто. Се разбира тука има малку место за спонтаност, а многу за калкулација. Сѐ е интерес! Младите се робови на тој диктат. Но, дарбата е непобедива и затоа го имавме нашиот златен Тоше, а ги имаме и Калиопи и…
*Ги слушате ли вашите песни? Какви песни слушате за своја душа? Од песните кои ги имате создадено, која е најмногу по ваш вкус?
-Ретко се слушам себе си, макар што ми е мило кога ќе слушнам дека ме пуштаат на некоја радио станица и дека ме има на јутјуб. Најмногу слушам музика кога сум во мојот автомобил. Пред се класика. Ви реков веќе дека најтешко прашање е која своја песна најмногу ја сакам, но ајде да кажам дека најмногу на душа ми лежи „Од љубов не се бега„.
*Пред неколку години се исполни вашиот сон, голем и топол уметнички концерт во Универзална сала во Скопје, а потоа имавте настап на скопскиот плоштад со вашиот син, образован музичар на Беркли, а голема џез и музичка балканска ѕвезда. Кога да очекуваме повторно такво задоволство?
– Знаете како се вели: “Далеку од очите,далеку од срцето”. Испадна дека Белград и Скопје се далеку како Арктик и Антарктик. Сѐ поретко и сѐ потешко Македонија се сеќава на мене. Се плашам дека младите генерации воопшто не ме познаваат. Но нејсе! На младите светот останува, па мојот добар син Васил е често на концерти и клубски свирки низ Македонија.
*Подолго време сте и официјален културен амбасадор во Србија, а пред тоа и Претседател на српско македонското друштво „Шар планина“. Дипломатичноста во комуникацијата е ваш знак на препознавање отсекогаш. На што во моментов сте ангажирани како Амбасадор?
– Постојано сум во контакт со Македонците што живеат во Србија и се обидувам да помогнам во сите акции и манифестации на културата. Еве пред некој ден го прославивме денот на Кирил и Методиј со бројни манифестациии на македонската култура во неколку градови. Имав чест да отворам некои од тие свечености. Инаку морам да се пожалам дека контактот со нашето Министерство за култура не е доволно ефикасен. Ретко се слушаме, уште по ретко гледаме.
*Како Ви поминуваат деновите, одморате, создавате неуморно, ги следите желбите на сопругата Сенка и на внуката Марта… Се насетува дали Марта ќе ги следи Вашите семејни уметнички стапки?
-Јас сум работохолик. Немам време за одмор. Сенка веќе не мора да има желби, туку само наредби. Ха,ха,ха! Искрено да ви кажам моментално од сите мои титули најмила ми е титулата дедо на Марта.Таа ни е радост бескрајна. Се разбира одлично пее и свири пијано. Но, нека биде што сака во животот. Ние ни неа, како ни Васила нема да ја туркаме кон музиката и уметноста, ако таа самата не одлучи така, како што стори и татко и. Ах, да не заборавам имам уште една титула: витез на виното. Како секој ас Тиквешанец имам мало лозје и нормално вино и ракија. Минатата година освоив пехар и прво место со моето бело вино СОНГ  на локалниот натпревар на винари аматери во Сланкамен. И сега кога ќе ми падне тешко што долго не сум прошетал крај Вардар, ќе испијам чаша-две од моето винце СОНГ и сѐ ми е песна распеана…