Неумереност во јадење и пиење

381

Деновиве се хранам на конференции, средби и промоции. Од Св. Трифун до денеска, секој ден сум поканет на некој настан. Темите се разновидни, а поврзани се со пријателства, бизнис релации и хуманитарна активност. Кај сите ( без исклучок) има пауза за кафе и колач, а кај повеќето од настаните на крајот има пригодна закуска.

Доколку сте поканети на настан или работилница, задолжително распрашајте се за јадењето кое е вклучено во програмата. Да не го фрлите ручекот дома. Бидејќи како секаде низ светов, така и кај нас, работилниците организирани на различни теми секогаш предвидуваат и закуска. Може да биде коктел, канапе, парче пица или преполовен сендвич. За разлика од минатото кога деловните средби завршуваа, се разбира со богат ручек во кафеана (понекогаш и со хепиенд), денеска мора да се прилагодиме на новото време. Тоа налага на паузите за време на состанокот, средбата или настанот или на самиот крај да се послужи храна. Најчесто е сервирана да ја изедете со очи. Содржи понекогаш и деликатесни производи: пршута, шкампи, инчуни… Се разликува од чинијата со мезе по тоа што е побогата со парчиња. Врв на послужувањето коктел е тематскиот коктел. Тоа значи дека чашите, салфетките, чепкалките и другите детали се со иста боја,  со слики или со фигури „во тон“. Честопати коктелот се комбинира со овошје и зеленчук и се сервира во издлабени дињи и лубеници. Да не заборавиме, целта на овие закуски е да се најадеш и да ја прескокнеш манџата дома. Но сето тоа да го изведеш како врвен жонглер за да не паднеш во очи на домаќинот. Тука би ги споменал неколкуте никогаш непоканети, а секогаш присутни 2-3 ликови кои не само што мезат туку и си земаат за дома.

Kanapei_1На аеродромот Ататурк во Истанбул има неколку места за одмор и закуска за патници од бизнис и прва класа (lounge). Во едно од нив за 21 евро може да одседнете, да јадете и да пиете неограничено, па дури и да се истуширате. Мислев дека таму (во белиот свет) нема „пациенти“ кои се шмугнуваат и „трпаат за дома“. Но како и секогаш – згрешив. Не само што се долеваат со разни алкохолни и безалкохолни пијалоци туку и си земаат за дома.

Кога сме кај неумереноста во јадењето и пиењето малите и деликатесни залачиња модерно наречени канапеи, се врв на комбинираниот вкус. На нив може да искомбинирате месо, овошје и зеленчук со кремови и преливи, лути пиперчиња и солени рипчиња. Единствена забелешка е што за да се најадете како што налага изгледот и вкусот потребно е некако другите гости да не присуствуваат, а вие да сте сами!

Ако продолжиме во оваа насока лесно ќе станеме како Шпанците. Кога ќе нарачате некое пиење во кафеаните низ Мадрид или Барцелона ќе добиете и Тапас деликатеси во чинивче. Најчесто се солени или лути и мамат уште пиење. А тоа е целта – нели! Е, да. Денешниот рецепт му го посветувам на мојот пријател Аце.

За подготовка на вкусен залак наденат на стапче (чепкалка или за раженче) потребно е кришка бел леб намачкан со паштета. Со чаша за ракија (ф20) направете кругови во кришката. Ставете парче сирење, маслинка, чери домат и забодете. Направете дваесетина залчиња и послужете со јогурт. Тоа е тоа!