Ne soyez pas silencieux- Arretons la violence а l’egard des femmes!“/   Не молчето, да го сопреме насилството врз жената!

Ова мото доби голема смисла особено овие денови, кога за жал, Македонија се соочи со уште еден скандалозен и срамен случај- малолетна Ромка од 13 години, од Дом за деца, принудно абортира, според едни наоди како резултат силување, според други поради сексуална експлоатација.

Случајот не доби гопемо медиумско внимание кога пред неколку недели објавивме дека ЕРРЦ/ European Roma Rights Centre поднесе кривична пријава и обвини дека задолжените социјални работници во Домот не воделе сметка за девојката и препуштајќи ја сама на себе, нејзиниот живот фатил погрешна и опасна насока.

Под мотото “Ne soyez pas silencieux- Arretons la violence а l’egard des femmes!“  минатиот октомври 2017 во Букурешт се одржа Mеѓународна конференција, подржана од Франкофонијата, на која учестуваа социјални работници експерти pо човекови права од речиси цела Европа. Претставничките од Македонија, Наташа Доковска програмски директор на Новинари на човекови права и новинарката Валентина Ѓоргиевска Парго, автор на новинарките истражувања на оваа тема, собрани во  серијалот Женски приказни, посочија на големата раширеност на насилство врз жените, а дотолку повеќе и прикривањето на поголемиот број случаи.

Она што беше најпоразителен факт, искажан на конференцијата, е дека само во Македонија нема точни и презицни податоци колку жени на број се жртви на семејно и секаков друг тип насилство, а се смета дека секоја трета односно секоја втора имала такво непријатно и немило искуство.

На прв поглед можеби делува за неверување, но според истражувања оваа информација е сосема точна, само што не се зборува многу во јавност и оттука, излегува дека се е во ред. Затоа се инистира на зборување на оваа тема.

Следниот уште попоразителен податок е дека ова се однесува на жени кои живеат во урбани места, додека на жени во рурални средини и во сиромашни заедници, насилството и злоупотребата се речиси без исклучоци. Ромската заедница е онаа која важи за најнеиспитана, и по сите параметри и индиректни показатели, речиси секоја Ромка е жртва на насилство, за која медиумите слабо, бегло пишуваат или воопшто не пишуваат.

Како бомба одекна веста дека Ромка, на возраст од 13 години е ставенa во ситуација да го абортиrа својот плод, како резултат на сексуален насилен чин, односно силување. Ова открива една поинаква, сурова вистина.

Многу набрзо сето тоа прерасна во вообичаената приказна- институциите се бранеа и напаѓаа од најниска до највисока инстанца, без да го истражат темелно случајот. Но, она што излезе на виделина е тоа што и медиумите не одмолчеа за овој, еден од многубрoјните случаи.

Од друга страна, пак, под силен медиумски притисок, власта најави дека случајот ќе се истражува и дека нема службите да останат инертни, како досега. Дека одговорност мора да следува. Ајде да видиме?!

Случајот го потегна адвокатката Сенада Сали, која работи во Будимпешта, на остварување на поголеми права на Ромите. Таа смета дека медиумското влијание во борбата против вакви случаи е силно и корисно.

-Се согласувам дека треба поголем притисок, за да се спречи ваков исход. Од друга страна сметам дека дека во Македонија има мал број организации и адвокати кои ги застапуваат правата на Ромите и на малолетниците од ромска популација, вели Сали.

Според информациите кои ги сподели со нас, во Македонија има само двајца адвокати Роми, со положен правосуден испит. Скапо е да се школуваат толку долго, а тешко е да добиеш пракса во македонски адвокатски канцеларии.

-Јас лично бев одбиена од македонска адвокатска канцеларија поради стереотипи дека не си компетентен да работиш правни работи. Понатаму, и отворање на сопствена адвокатска канцеларија исто така бара многу финансии. Ние најчесто соработуваме со правници кои не се Роми, и за кои плаќаме огромни суми, но малите организации,пак, и не поседуваат толку многу финансиски средства, објаснува Сенада.

Она што останува, додека се лоцира во кого или во кои институции е овој проблем, е едeн се повидлив факт – а тоа е дека медиумите одиграа и тоа како, голема улога во изнесувањето на виделина на овој случaj на подолгорочно насилство.

Со самото тоа се влијае и се поттикнува поголема колективна свест. Медиумите предизвикаа будење на институциите, и да се зборува наголемо за овој немил случај, двајца пратеници се огласија со свои изјави, а медиумски се огласи и таткото на малолетната Ромка,  од кого било одземено правото на старателство, а сега тој бара да му се обезбеди ќерката да си ја врати дома, поради оваа негрижа на институциите.

Проблемот со нaсилството врз жените, од најмала до најстара возраст, е голем и ставен под тепих. Медиумите треба да се секогаш на расплагање, како што впрочем е ТЕХТ.МК, и да придонесат што повеќе да се зборува и работи на оваа проблематика.

Не молчете, да го спречиме насилството врз жените!

(Текстот е изработен во рамки на проектот на WWDP, „Не молчи, запри го насилството врз жените“)