Валентина Ѓоргиевска Парго

Оперскиот пејач Нико Ѓоргиевски, воедно и управител на Центар за уметност и слободно изразување “Вруток” ова лето ќе го организира летниот музички фестивал – Matka Summer Nights.

* Неодоливиот амбиент на Матка повторно ги разбранува Вашите творечки фантазии кои планирате да ги претворите во креација, овој пат во фестивал на Матка . Одлична идеја, кога да ја очекуваме “отелотворена” пред нас?

-Кога одев на Матка онака, да се прошетам, секогаш ми доаѓало да викнам или запеам. Или, си велев, да има начин да си ја ужвклучам гитарата и да удрам едно епско соло да го чуе и Рајот и Пеколот. Толку голем е звукот на Матка. Такво широко и густо ехо не се наоѓа секаде. Ова е храна за душа само по себе, не земајќи го предвид изгледот на местото и воодушевувањата што ги буди секој квадратен метар! Се што прозвучува е како да е вклучено на озвучување, но некој дебело се погрижил за сценографијата. Природата е најдобар создател, и се што сме создале е само земен пример од неа, или некакво подражавање.

*На првиов концерт The lake can sing, најавен за некој ден, поточно на седми јули, Вие ќе бидете пејач домаќин, со своите пријатели, додека публиката сместена во околните кајчиња и бротчиња ќе го ужива задоволството. Нешто, што за прв пат се организира. 

-По концертите во пештерата Врело, кои се појавија како идеја на сличен начин, кои за жал поради кризата со Ковид19 и мерките што се донесоа во борба против не беше возможно да се повторат, ова никна како идеја: А што ако ставиме музичари на сплав насреде езеро?! Овде операта би звучела 10 пати подобро од во било кој театар. И така, си се поврткав наоколу, го повежбав вратот, ги разгледав сите можности, разговарав со неколку одговорни на местото, и се ставив во мисија. Животот е прекраток. Секако, не смее да стане збор за дисрупција на природата и законитостите на живиот свет таму. Пред се, сакав да направам рецитал на вода. Но, на идејата некако и беше тесно, сакаше да расте. И полека ама сигурно стигнав до цел гала концерт со моите драги колеги и пријатели околу мене. Андреј Наунов, мојот долгогодишен музички соработник, од кого имам многу научено и со кој заеднички се роди идејата за концертите во пештера, Калина Велковска – моја многу блиска (ко сестра) и драга другарка, која е крајно талентирана, истрајна, борбена и креативна како музичар и пејач, Полина Тасева – моја колешка од факултетските денови исто така вонсериски талентирана, една од ретките што знае да плива и во оперските и во водите на популарната музика, Сандра Митровска – моја драга колешка во професијата, еден од најубавите гласови што сум ги чул и што мене лично естетски ме трогнува како артист, Дино (со кој бевме колеги и соработници уште од ФМУ) и Ади Имери – двајцата браќа виртуози, секој во својот свет (Дино – пијанист, Ади – Гитарист), чие творештво со задоволство и воодушевување го следам веќе скоро 15 години. Тие двајца за прв пат после толку време и официјално се нафатија на наше задоволство, да творат заедно! И нема да згрешам ако кажам дека тоа што го прават возвишува. И секако, на моја желба ни се придружи една млада, сеуште студент, но несомнено високо талентирана мецосопранистка – Мариана Бошковска. Нејзиниот глас е еден таков божји дар, толку густ, толку силен и моќен, што не смеев да си дозволам да не ја поканам да биде дел од ова.

*Би сакала да го избегнам прашањето, знам дека има во ова прашање многу замки, но просто е невозможно да не се праша како е спроведена оваа организација? Општината, државата, фирмите, подадоа рака?

-Да не ве чуди? Не добивме поддршка од скоро никаде кога станува збор за спонзорства. Се беше придружено со фрустрација. Добивме помош во производи кои што ги подаруваме на публиката за да го доживее настанот во полност. Парична поддршка немавме од никаде. Сам си го наводнувам цел хектар земја со чаша вода и една река молитви. Сакам да дадам повеќе, да не мислам дека не сум направил се што можам пред да ја доцедам Пандорината кутија од последната капка надеж и да тргнам пат кон негде кај што не ќе мора цел живот да пазам да не ми испари и таа последна капка.

*Интересно… Да организираш сам, да се подготвуваш и да пееш на самиот концерт значи да се биде буквално растргнат на сите страни. Во што ја гледате крајната сатисфакција од оваа ваша амбиција од овој напор што го вложувате?

-Да ви го нацртам платното. Пејачите се на сплав во езерото. Озвучени доволно за да го разбудат ехото од клисурата. Публиката седи во чамци и катамарани во водата и во ресторанот Матка, на работ од терасата и во барот, од кај што се гледа цело езеро, со вино од Винарска визба Милев и од Тиквеш и со канапе за мезе од Пекабесковклучено во билетот. Има место за публика и на клупите пред манастирчето Св. Андреја кое срдечно ни беше дозволено да го користиме од Г.Г. Стефан. На самрак, додека уште се гледа, во 20.00 часот почнува концертот. Како се стемнува, така се пали сценското светло и се спушта магијата над местото. Познати оперски арии и дуети и мјузикл песни и дуети што ја ежат кожата ќе ги разгалат и луѓето и карпите и во водата ќе останат запаметени, оти водата памти.

* Вие организиравте концерти во пештера врело на Матка минатата година, сега се селите на вода. Сам по себе провокација е да се доживее ваков настан, но да им објасниме на читателите каде може да набават билети, што добиваат како уживање и како ќе бидат сместени?

-Настрана од романтичната слика, да запазиме и една друга која е многу важна. Вниманието што треба да се привлече на тоа место, за конечно некој кој е компетентен да застане и да го чува и штити како што е редот. Пред се како природно национално богатство и наследство, а потоа и како туристичка дестинација, бидејќи туризмот е најдоходовната гранка на државата. Бизнис климата што се створа на ваквите настани треба да биде посакана од секој паметен бизнисмен. На настанот сме почестени со присуството на амбасадорката на САД, амбасадорот на ЕУ мисијата во Македонија, Швајцарскиот амбасадор и други претставници од дипломатскиот кор.

Од тука натаму, што да се очекува и да се сака повеќе од тоа ова да не застане. Никогаш. Билетите можат да се набават на https://bileti.mk/e/matkasummernights

(НАСТАНИТЕ ГИ ПОЧИТУВААТ СИТЕ ПРОПИШАНИ МЕРКИ И ПРОТОКОЛИ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО И МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ, КАКО И ЗАКОНИТЕ ПОВРЗАНИ СО БЕЗБЕДНОСТ И ЗАШТИТА И ЗАЧУВУВАЊЕ НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА НА ЛОКАЛИТЕТОТ.)