Мутирана верзија на новиот коронавирус што го предизвикува ковид-19, и која е распространета денес во светот, во лабораторија се покажа поспособна да зарази човечки клетки од оригиналната форма на коронавирус што се појави во Кина, се објавува во новата студија објавена во четвртокот во списанието „Сел“.

Истражувањето спроведено во лабораторија сугерира дека оваа мутација би можела полесно да се пренесува кај луѓето во реалниот свет во споредба со претходната варијанта, но тоа сè уште не е докажано.

– Мислам дека податоците покажуваат дека постои една мутација која овозможува вирусот да се размножува подобро и може да биде придружена со поголема концентрација на вирусот, вели во коментарот главниот американски инфектолог Ентони Фаучи, кој не бил вклучен во истражувањето.

Нема информации дали на заразеното лице му е полошо од тоа или не. Се чини дека вирусот се репродуцира поуспешно и може полесно да се пренесе, но сега тоа сè уште се утврдува, додава тој.

Научниците од лабораторијата Лос Аламос во Њу Мексико и Универзитетот Дјук во Северна Каролина се здружија со Универзитетот во Шефилд за да анализираат примероци објавени од ГИСАИД, светски извор на секвенци на геноми. Откриле дека сегашната варијанта наречена D614G ”има мала, но моќна промена во протеините што се издига од површината на вирусот и која вирусот ја користи за пробивање и заразување на човечката клетка“.

Научниците ги објавија првите наоди на веб-страницата „bioRxiv“ во април, но потоа беа критикувани затоа што не докажаа дека самата мутација е одговорна за доминацијата на новата верзија на вирусот во светот, бидејќи тоа може да биде резултат на други фактори или обична случајност.

Тимот затоа спроведе и други истражувања. Тие анализирале податоци од 999 британски пациенти хоспитализирани за „ковид 19“ и откриле дека оние со таа верзија на вирусот имаат поголема концентрација на вирусни честички во организмот, но тежината на нивната болест не била различна.

Лабораториските експерименти покажаа дека оваа верзија на вирусот е со три до шест пати поголема способност да зарази човечка клетка.

„Се чини дека вирусот е поспособен“, вели Ерика Олман Сафир, која спроведе едно од експериментите во Институтот за имунологија „Ла Јола“. Но, во оваа фаза, сè може да се опише како веројатно, бидејќи лабораториските експерименти не се одвиваат во услови на пандемија во реалниот свет.

Според претходните сознанија, иако варијантата на вирусот што сега циркулира е позаразна, може, но не мора, полесно да се пренесува кај луѓето. Во секој случај, вирологот на универзитетот Јеил, Натан Грубау, кој не учествуваше во истражувањето, вели дека ширењето на нова генетски мутирана верзија на вирусот, „по природна селекција или обична случајност“, значи дека оваа варијанта сега е причина за пандемијата.

Тој проценува дека истражувањата допрва треба да утврдат дали оваа нова варијанта ќе влијае на развојот на вакцини и лекови и посочува дека не очекува D614G да предизвика промени во мерките за ограничување на ширењето на вирусот или да предизвика посериозна состојба кај заразените.

Тоа е интересно откритие што може да се однесува на милиони луѓе, но засега не го знаеме целосниот обем или неговото влијание. А.Р.