Научниците утврдија дека антарктички ракчиња, главна храна на морските цицачи, микропластиката ја претвораат во својот дигестивен систем во нанопластика, што претставува досега неоткриена еколошка закана. Резултатите од истражувањето спроведено од тимот од Универзитетот Грифит предводено од Аманда Досон, беа објавени во списанието „Nature Communications“.  Со истражувањето прв пат е откриена способноста на ракчињата физички да предизвикаат промена на микропластиката кога ќе ја проголтаат.

Микропластика се парченца пластика помали од пет милиметри кои му штетат на морскиот свет. Антарктичките ракчиња познати како антарктички крилови се важни за животната средина, бидејќи тие претставуваат храна за многу морски цицачи. Научниците предупредуваат дека микропластиката во океаните претставува значителен ризик за големите животни како китови, ајкули и манта (вид на ража „Manta birostris“) кои ја голтаат јадејќи „заразени“ крилови.

Истражувањата покажа дека криловите можат да ги сомелат полиетиленските микрочестички во наночестички. Професорот Бенгзон Неш од Универзитетот Грифит вели дека студијата открива „претходно неоткриена динамика во заканата која ја претставува загадувањето со пластика“. Неш рекол дека ова значи оти биолошкото разградување на микропластиката во нанопластика најверојатно е распространето во повеќето екосистеми.

Тој додава дека негативниот ефект од варењето на микропластиката треба дополнително да се проучи за да се опфатат потенцијалните ефекти на наопластиката врз клетките. Голем број студии за екологијата на морињата покажуваат егзистенцијална закана од милиони тони пластичен отпад што завршува секоја година во океаните. Организацијата на Обединетите нации за океани го нарече ова „планетарна криза“ во момент кога се проценува дека производството на пластика глобално ќе продолжи да расте.